Манифестација „Вински Фестивал Битола“ – фестивал посветен на виното, музиката и урбаното дружење ќе се одржи од 7 до 9 мај на платото пред Офицерски дом во Битола. Во текот на трите вечери, посетителите на манифестацијата ќе имаат можност да уживаат во внимателно селектирана музичка програма, во амбиент кој го спојува духот на градот со современа фестивалска енергија, најавуваат организаторите.
Како што посочуваат, програмата започнува на 7 мај со настап на резидент диџеј од 18:00 до 20:00 часот, по што следува групата Еликсир од 20:00 до 21:30 часот. Од 21:30 до 23:00 часот настапува „Пауза за ракија“, а сцената завршува со диџеј Александар Јорданов од 23:00 до 00:30 часот. На 8 мај програмата повторно започнува со резидент диџеј од 18:00 до 19:00 часот, по што следува Сити Бенд од 19:00 до 20:00 часот. Во 20:00 часот настапува акустик бенд Џубокс, а од 21:30 до 23:30 часот Камерен оркестар Битола. Вечерта завршува со настап на Гоце Saff од 23:30 до 01:00 часот. И третата вечер на 9 мај започнува со резидент диџеј од 18:00 до 20:00 часот, продолжува со Б52 од 20:00 до 21:30 часот, потоа следува Љубојна од 21:30 до 23:00 часот, а завршува со Паркети од 23:00 до 01:00 часот.
-Покрај музичката програма, посетителите ќе имаат можност да дегустираат вина од домашни винарии, проследени со гастрономска понуда која го надополнува целокупното искуство. Настанот е отворен за сите посетители и е наменет за оние кои сакаат добро вино, внимателно избрана музика и опуштена градска атмосфера, порачуваат организаторите.
Извор/фото МИА






