Пустец е административен центар на истоимената општина во албанскиот дел од Преспа. Доминантна градба во центарот на селото е црквата „Св. Архангел Михаил“. Малото село е со питом народ кој секогаш е спремен за разговор. Веднаш ќе ги забележите двојазичните табли на улиците. Селото е населено исклучиво со македонско население, исто како и сите села од општината.
Вистинскиот бисер во овој крај е островот Мал Град. Кратко време е потребно за да се пристигне од копното на островот. Чамците тргнуваат од местото во близина на црквата „Свети Атанасиј“ и потребни се само петнаесетина минути за да стапнете на островот. За разлика од Голем Град, овој остров е помал и целосно гол на возвишениот дел. До рамното плато се пристигнува од западната страна, но пристапот може да е непријатен по долготрајни дождови и поради бујната вегетација.
На само десетина метри пред црквата на островот, од лева страна се наоѓаат интересни цртежи на карпа. Водичот од Пустец на убав македонски дијалект веднаш потенцира дека „Ова ести најстарата фреска на островот“. Според новопоставената табла станува збор за една од најстарите и уникатни христијански иконографии во регионот. Најстарите населби датираат уште од неолитот. На брегот на островот, на местото каде што застануваат чамците, имаше керамички предмети во кружна форма со отвори на средината. Слични се изложени и во Археолошкиот музеј во Корча и се датирани од праисторијата. Дел од претпоставките се дека имале функција на тегови на рибарските мрежи. Црквата посветена на Рождеството на Пресвета Богородица датира од XIV век. На црквата добро сочувани се ликовите на благодорникот Кесар Новак и неговата сопруга Калија. Локацијата е исклучително убава и мистична. Црквата е изградена во пештера, природно обезбедена од неповолни атмосферски влијанија во мистичен амбиент. Се чини дека е идеална за монашки живот. Последниве години на дрвената платформа пред црквата се организираат и концерти на класична музика.





Посебно интересно место за посета во близина на Пустец е и местото познато кај локалното население како Накол. Според кажувањата на еден од вработените во Националниот парк „Преспа“ во Албанија, ова е местото кое нуди најдобра заштита на рибарите од силните ветрови. Во зависност од која страна дуваат, рибарите може да се заштитат од брановите на Преспанското Езеро било од јужната било од северната страна на овој мал полуостров. На изглед малиот полуостров веднаш потсетува на тој во близина на селото Коњско во Македонија. Како природата да ги пресликала оној кој остана на македонска територија и овој неколку километри јужно на албанска територија. Под висока карпа изградена е мала црква посветена на светецот Свети Никола. Пристапот до црквата е или пеш по плажа која е каменита или по воден пат со чамец. Во зимата, во 2020 година, одлучивме да испешачиме по брегот на езерото токму до оваа локација и потоа да се искачиме до селото Шулин. Отсуството на птиците, мирното езеро и, секако, целосното отсуство на луѓе овозможија да се ужива во апсолутна тишина. Тишина за каква што раскажуваат параглајдеристите. Пред почетокот на нагорнината, во правецот кон Шулин, постои мал објект. Карпата во внатрешноста на оваа мала црква има остатоци од некоја стара фреска, додека пак на левата страна е нацртана нова фреска посветена на Свети Ѓорѓи. Теренот кон селото Шулин е каменест. Некоја стара обрасната патека што речиси и не се користи врви низ нискостеблеста шума. Купиштата собирани камења на рамницата пред селото покажуваат дека селаните воделе борба за пристап до обработлива површина чистејќи ја почвата од големите камења. Впрочем, целото земјиште во овој дел на Преспа е исклучително тешко за обработка и вистински предизвик за селаните. Интересно е што во Шулин, а и во другите села од регионот има поголем број парцели на кои се одгледува чај.
Економија и бизнис, 01 февруари 2026г.
пишува: Александар Матески






