ДЕЦЕНИСКО ОПСТОЈУВАЊЕ НА ТРГОВСКИ БРЕНДОВИ − УСПЕШНИ РАЗВОЈНИ ПРИКАЗНИ
Синџирот маркети КАМ, примарно насочен кон потребите на купувачите (концепт на хард-дисконт маркети), фокусот на своите услуги ги насочува согласно куповната моќ на потрошувачите, нудејќи најдобар квалитет по најниска можна цена. На пазарот се присутни од 1995 година, почнувајќи како мала малопродажна компанија со неколку продажни места за денеска да се позиционира во голем малопродажен синџир кој работи успешно со годишен обрт од околу 298 милиони евра (за 2024 година) и нето-добивка од 6,94 милиони евра.
Експанзијата на КАМ го етаблира синџирот како еден од најголемите синџири на малопродажни продавници за храна и производи за широка потрошувачка во државава, со 86 продавници на целата територија, а од пред 9 години го шири бизнисот и надвор од границите на РСМ, во Бугарија, каде што работат 26 продавници. Проекциите и плановите на КАМ се развојни, со намера за отворање на уште 15 продавници низ Македонија и околу 40 до 50 нови малопродажни објекти во Бугарија.
Еден од приоритетите на КАМ е сопствениот логистички центар со 16 000 м2 магацинска површина на 60 000 м2 земјиште. Карактеристиките на логистичкиот центар ја потврдуваат успешноста на КАМ:
– 6 800 палети за сува стока;
– 2 500 палети со контролирана температура за замрзнати/ладени производи, овошје и зеленчук и свежо месо;
– дневен прием на стока и испорака до сите маркети;
– строга контрола на квалитетот и на квантитетот од професионален и обучен персонал;
– 32 модерни рампи за товарење и за истовар.
Лидерската позиција на пазарот во трговијата на мало КАМ ја потврдува и со бројни признанија:
– седум години по ред (BEST BUY) за најдобар однос цена − квалитет;
– шест години по ред (QUADAL) сертификат за врвен квалитет изгласан од купувачите;
– осум години по ред (INSIDER ID) КАМ е број 1 за македонските купувачи.
Компанијата располага и со 1 700 домашни и увозни производи, со повеќе од 600 артикли како приватни марки на КАМ. Во работењето се води по принципите на ниски цени, контрола на квалитетот и свежа храна во континуитет.
Како потврда на сите досега добиени признанија и награди, според аргументите и фактите, а по повод одбележување три децени постоење и успешно работење, претседателот на Стопанската комора Бранко Азески оствари работна посета со раководниот кадар на КАМ и им додели Признание за посветеност, успех и развој.
Во рамките на средбата, претседателот Азески констатираше: „За Комората е од особено значајно членството на КАМ која прашањата за деловен развој континуирано ги иницира преку коморското дејствување. Трговијата на мало е важна дејност во економското дејствување на државава и покренува циклус на обрт и во многу други стопански гранки.“
На средбата беше констатирано дека големите компании треба да бидат во поголем обем препознаени од државава бидејќи големите субјекти врзуваат голем број мали фирми и се основа за нивен опстанок, што не е случај години и децении наназад.
Економија и бизнис, 01 март 2026г




