СО ДВЕ ВОЗИЛА СО КАМЕРИ ЌЕ СЕ КОНТРОЛИРА ДАЛИ ШТИПЈАНИ ПЛАТИЛЕ ЗА ПАРКИРАЊЕ, мобилни патроли со камери почнаа со контролата на паркирањето во Штип

Со цел подобрување на сообраќајниот ред и зголемување на безбедноста во градот Штип од вчера и официјално започна со работа мобилна патрола за контрола на паркирањето, информираат денеска од ЈП „Стипион“-Штип. Општина Штип набави две возила и камери, кои што ќе утврдуваат дали возачите имаат платено или немаат платено паркинг за своето возило во централното градско подрачје. 

-Патролата ќе врши редовни контроли со посебен акцент на возила без регулирана наплата, неправилно паркирани возила. Со воведувањето на мобилната патрола се зголемува ефикасноста во контролата и се намалува човечкото влијание и целосно се отфрла можноста за непостапување, соопштуваат од ЈП „Стипион“. 

Во соопштението се наведува дека наплатата може да се изврши на повеќе начини и тоа преку мобилна апликација или веб, преку смс порака, на постоечките терминали за наплата во тобако центрите во Штип. 

-Во ограничен временски период на прилагодување ќе се издаваат опомени за дел од прекршоците, по што ќе следува целосна имплементација на системот за наплата и санкционирање на неправилното паркирање. Апелираме до сите граѓани да ги почитуваат правилата за паркирање и сообраќајната сигнализација. Со одговорно однесување придонесуваме за побезбеден, поуреден и пофункционален град за сите, велат од ЈП „Стипион“-Штип. 

Општина Штип за зголемување на бројот на паркинг места годинава планира изградба на нови катни гаражи и платформи на реката Отиња.


Извор МИА

Фото: ЈП „Стипион“-Штип 

Повеќе од истиот автор

Најчитано