Mинатата недела цената на барелот На лондонскиот пазар се зголеми за 0,3 проценти на 112,57 долари, додека на американскиот пазар, цената на барелот се зголеми за 1,3 проценти на 99,64 долари. Ова се највисоките ценовни нивоа од јули 2022 година, кога пазарот беше потресен од војната меѓу Русија и Украина. Во последните недели, цените беа поддржани на покачени нивоа од кризата на Блискиот Исток.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела изјави дека Иран мора да се согласи на договор за завршување на војната или нападите на САД и Израел ќе бидат уште пожестоки. Иранците, сепак, велат дека предлогот на САД за запирање на борбите е „едностран и неправеден“ и, со ретки исклучоци, продолжуваат да ги блокираат танкерите да минуваат низ Ормускиот теснец, што ги поддржува цените на нафтата на покачени нивоа.
Блокадата на Ормускиот теснец досега „исфрли“ околу осум милиони барели нафта дневно од пазарот, а многу поголема количина е во опасност, па затоа премијата за геополитички ризик веројатно нема значително да се намали, пишуваат аналитичарите на ING, Ева Мантеј и Ворен Патерсон, во својот преглед на состојбата на пазарот.
Оваа недела, велат аналитичарите, се очекува да биде нестабилна, а цените ќе зависат од тоа дали вестите за кризата на Блискиот Исток укажуваат на смирување или влошување на ситуацијата. Во голема мера поради кризата на Блискиот Исток, цените на барелите на лондонскиот пазар се зголемија за повеќе од 80 проценти од почетокот на годината, а на американскиот пазар за речиси 75 проценти, пренесува Тпортал.
Денеска Регулаторната комисија за енергетика треба да ги соопшти новите цени на горивата. Според пресметките на Владата, бензините треба да поевтинат за два денари, а цената на дизелот да остане иста или да биде зголемена за половина денар.
Премиерот Христијан Мицкоски во саботата изјави дека намалувањето на ДДВ ги дава поскауваните ефекти и дека ако има потреба ќе биде продолжена мерката или ќе се воведе нова мерка со акцизата.
Фото Економија и бизнис






