Во организација на Министерството за локална самоуправа и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) се одржа консултативен настан на тема „Унапредување и зајакнување на меѓуопштинската соработка во локалната самоуправа“, со учество на градоначалници, претставници од општините, институциите и меѓународните партнери.
Настанот го отвори министерот за локална самоуправа, Златко Перински кој ги поздрави присутните и даде краток вовед за процесот кој ќе биде во фокус периодот што следи.
Во рамки на настанот беше презентирана оценката за примената на Законот за меѓуопштинска соработка, донесен во 2009 година, како и подзаконските акти кои произлегуваат од него. Анализата покажа дека во изминатиот период е постигнат одреден напредок во спроведувањето на законските одредби, но истовремено се идентификувани и сериозни предизвици.
„Праксата укажува дека меѓуопштинската соработка не е доволно препознаена како ефикасен механизам за зголемување на економичноста и квалитетот на услугите. Иако Законот е замислен како инструмент за надминување на јазот меѓу помалите општини и оние со поголеми административни и финансиски капацитети, токму општините со најголема потреба се соочуваат со ограничени ресурси и недоволни капацитети за самостојно воспоставување на вакви форми на соработка“ посочи министерот Перински во своето воведно обраќање.
Како клучни слабости беа посочени потребата од финансиска поддршка за поттикнување на меѓуопштинската соработка, отсуството на систематски пристап за нејзино следење и недостигот на сеопфатни анализи. Овие фактори значително ја ограничуваат практичната примена на Законот.
Министерството за локална самоуправа најави дека започнува отворен и инклузивен процес за унапредување на законската рамка, во кој ќе бидат вклучени сите општини, донаторската заедница и експертската јавност. Целта е да се детектираат потребните измени со кои ќе се олесни и поттикне меѓуопштинската соработка, како важен инструмент за поефикасно и одржливо вршење на надлежностите на локално ниво.
Воведна презентација имаше државниот секретар во Министерството за локална самоуправа, Јулијана Павковска Боцевска, која се осврна на позиционирањето на Министерството за локална самоуправа во функција на унапредување на меѓуопштинската соработка и имплементација на препораките од оценските мисиии во рамки на функционирање на демократските институции и реформата на јавната администрација, по што беше презентиран и Извештајот за остварена меѓуопштинска соработка во 2025 година од страна на раководителот на Секторот за локална самоуправа во рамки на министерството.
Во делот за имплементирање на препораките од Извештајот за мониторинг од оценската мисија согласно начелата на јавната админстрација на СИГМА од 2024 година говореше Баграт Туњан, Раководител на професионалниот тим за стратешко планирање и развој на политики и раководител за Република Северна Македонија.
Во рамки на панел-сесијата на тема „Меѓуопштинската соработка како механизам за премостување на предизвиците при испорака на локалните услуги“, како панелисти учество земаа Ане Лашковска, заменик министер, Министерство за животна средина и просторно планирање, Елизабета Чуповска, државен секретар, Министерство за одбрана, Славе Андонов, градоначалник на Општина Василево, Митко Јанчев, градоначалник на Општина Кавадарци и Трајче Здравков, директор на Центар за развој на источен плански регион.







