Крушево има голем потенцијал во практикувањето на одржлив туризам, но мора да го одржува сопствениот идентитет. Вашиот идентитет е менталитетот на жителите, историјата, културата, пејзажот, на кои треба да бидете горди. Тоа ве прави различни од другите места и градови во Европа и во светот, во однос на натпреварувањето со други дестинации. Како Швајцарец нема да сакам да дојдам во градот и да го видам истото она што можам да го видам и да го доживеам во Швајцарија, вели Оливиер Курат, консултант од Швајцарија
Крушево е ретко населена средина. Дали тоа е предност или слабост за практикување на одржлив туризам?
− Тоа е негативен аспект. Ако сакате да пораснете како дестинација − потребни се работници. Ако вработувате луѓе од Крушево − морате да ги обучите. Често ги правиме работите со искрена верба, но не значи дека тоа е правилниот начин. Во градот има амбиент на блискост. Сите меѓусебно се познаваат, што може да биде предност, но истовремено и слабост. Сега нема толку многу луѓе кои сакаат да дојдат да работат во Крушево. Затоа ви требаат професионалци за да го подобрите квалитетот на услугата. Потребна е едукација. Но, исто така треба да имате и луѓе со искуство што ќе ги обучат тие кадри.
Дали на патот на одржливиот туризам е потребна и поширока општествена поддршка?
− Меѓу моите први патувања посетував земји со недостиг на инфраструктура, како што е и Македонија, но кои брзо напреднале. Ако навистина сакате да се развивате и да ги едуцирате луѓето, многу е важно да донесете искусни професионалци од тука и од други светски земји. На крајот, правилната обука и професионалниот развој на туристичките работници е клучниот фактор за развојот на градот.
Дали локалната самоуправа доволно вложува во одржливиот туризам?
− Тоа е значајно прашање. Би рекол никогаш не е доволно. Крушево мора да стане препознатливо и реномирано место и да биде првиот избор на луѓето кога ќе одлучуваат што ќе посетат за викендот. Знаете, кога ќе дојдете тука ќе имате пријатни доживувања со авантуристички активности: планинарење, параглајдерство, јавање на коњи… Но, за да се достигне до оваа критична маса потребни се време и труд. Треба непрекинато да се зборува за градот. Важно е туристите да се почувствуваат среќни од престојот во Крушево. Во спротивно нема да го препорачаат ова место на други. Потребно е да се работи на подобрување на квалитетот на дестинацијата. Од контактите со вработените сфатив дека сакаат да научат. Нивниот интерес е автентичен. Имаат искрен интерес да ги подобрат работите.







