Планот за професионален интегритет 2026–2028 е значаен инструмент во нашите напори за искоренување на корупцијата. Нашата цел е јасна – нула корупција во полицијата, порача денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на промоцијата на „Планот за професионален интегритет 2026–2028“ на Министерството за внатрешни работи, изработен во рамки на програмата на ДЦАФ за реформи во разузнавачкиот и безбедносниот сектор 2021–2026.
Планот ги утврдува стратешките приоритети, институционалните обврски и конкретните мерки за унапредување на интегритетот, транспарентноста и одговорноста во полициското работење.
Во своето обраќање, министерот Тошковски ја нагласи клучната улога на интегритетот како темел на професионалната и современа полициска служба.
-Интегритетот е основа врз која се гради довербата на граѓаните. Чесноста, праведноста, одговорноста и транспарентноста не се само зборови, тие се вредности кои мора доследно да ги практикуваме доколку сакаме вистински да го зајакнеме владеењето на правото, истакна Тошковски.
Тој посочи дека новиот документ, заедно со Акцискиот план, е клучен инструмент во борбата против корупцијата во полициските редови.
-Само со доследна примена на законите, со силни механизми за надзор, транспарентност и лична одговорност, можеме да изградиме институција во која граѓаните ќе имаат целосна доверба, нагласи министерот.
Тошковски додаде дека МВР, во координација со Владата, континуирано ги зајакнува мерките за превенција, детекција и санкционирање на корупцијата, како и професионалните компетенции на полициските службеници преку обуки, развој на етичките стандарди и модернизација на внатрешните процедури.
Министерот изрази благодарност до Европската Унија, како и до Швајцарија, Шведска и Холандија, како и до ДЦАФ и проектниот тим за нивната континуирана поддршка во спроведувањето на реформите во безбедносниот сектор.
Извор/фото МИА






