Кина воведе неформално ембарго за извоз на некои ѓубрива, што би можело дополнително да го потресе веќе нестабилниот глобален пазар и да предизвика ново зголемување на цените.
Според информациите на светските медиуми, Кина го ограничил извозот на ѓубрива базирани на азот и калиум и одредени фосфорни производи.
Одлуката не е официјално објавена, но нејзината цел е да се заштити домашниот пазар од недостиг во време кога глобалните синџири на снабдување се под притисок, особено поради прекините во снабдувањето од Блискиот Исток, пишува Агроклуб.
Според извори од индустријата, мерките вклучуваат забрана или строги ограничувања за извоз на мешавини од азотно-калиумски ѓубрива и одредени фосфорни производи. Оваа политика е дел од пошироката стратегија на кинеските власти насочена кон стабилизирање на домашните цени и обезбедување доволни количини за сопствените земјоделци.
Проценките сугерираат дека помеѓу 50 и 75 проценти од извозот на Кина би можел да биде засегнат од разни ограничувања, што би значело намалување на глобалната понуда за дури 40 милиони тони.
Ограничувањата доаѓаат во исклучително чувствително време за глобалниот пазар на ѓубрива. Прекините во снабдувањето од Блискиот Исток и тензиите во областа на Ормускиот теснец, клучен пат за транспорт на суровини, веќе доведоа до зголемување на цените.
Како резултат на тоа, меѓународните цени на уреата се зголемија за околу 40 проценти од нивоата пред ескалацијата на конфликтот. Сето ова дополнително ја намалува достапноста на производите, што може да предизвика нов бран на зголемување на цените, особено во земјите што зависат од увоз.
Најголемите последици од оваа одлука ќе ги почувствуваат азиските земји што во голема мера се потпираат на увоз на ѓубрива од Кина. Меѓу нив се Индија, Индонезија и Тајланд.
Фото Економија и бизнис







