Предизвиците со домувањето во Македонија и неможноста младите да дојдат до сопствен дом поради високите цени на становите, кои достигнуваат до 2.500 евра за метар квадратен во Скопје, предизвикаа полемика меѓу пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, и министерот за транспорт, Александар Николоски, на денешната. седница за пратенички прашања во законодавниот дом.
Мециновиќ ја обвини Владата за негрижа кон работничките семејства и толерирање шпекулации на пазарот, додека министерот Николоски возврати дека високите цени се директна последица на блокирањето на урбанистичките планови и хистеријата што се создава против градежништвото особено во некои скопски општини и Охрид од страна на Левица и нивните коалициски партнери.
Поставувајќи прашање пратеникот Мециновиќ, истакна дека домувањето не смее да биде комодитет, туку човеково право. Според него, ова е најгорчливото прашање за младите луѓе и нивните семејства, кои, како што рече, се оставени на милост и немилост на пазарот, што директно придонесува за нивно иселување од државата.
Во својот одговор, министерот за транспорт Николоски ги отфрли обвинувањата, нагласувајќи дека токму политиките на Левица и создавањето отпор кон секој нов детален урбанистички план во скопските општини ја ограничуваат понудата на станови, што неизбежно води до раст на цените според основните економски законитости.
– Добро е да знае македонската јавност дека една од основните причини зошто цената на станбениот квадрат во неколку скопски општини и во остатокот од државата, која инаку е релативно коректна, е ваква каква што е, е заради хистеријата што вие и вашите прокси-коалициски партнери ја создавате. Имено, во Македонија во моментов да се донесе детален урбанистички план се смета за поголемо злодело отколку да се убие човек на улица – изјави Николоски.
Вели во повеќе скопски општини, како Центар, Карпош, Аеродром, Кисела Вода, Гази Баба и Чаир, не се носат планови поради притисокот од јавноста, а слична е ситуацијата и во Охрид каде, поради строгите забрани за градба, цената на квадратот достигнала 4.000 евра.
– Еве за урбанизацијата, вашата политика ја следиме и резултат на вашата политика е 2.500 евра за квадрат. И ако продолжиме со оваа политика, 5.000 евра за квадрат ќе биде, затоа што е едноставно, ако нема градба, ако нема понуда, а има побарувачка, цените ќе одат нагоре. Многу е едноставно, пазар е тоа – посочи Николоски.
Се осврна и на законските измени за олеснување на постапките за изградба на маркети и хотели надвор од урбаните јадра, потенцирајќи дека овие мерки се носат со цел да се привлечат инвеститори, да се зголеми конкуренцијата и да се намалат цените на производите преку разбивање на монополите, обвинувајќи ја опозициската партија за политички популизам кој удира на штета на граѓаните.
– Што е проблемот да се градат хотели во Македонија? Го олеснуваме процесот за маркети, затоа што сами зборувате дека инфлацијата галопира, дека цените на храната отишле нагоре … Менуваме правилник со кој овозможуваме побрзо да оди урбанизацијата, со цел да можат да се градат нови маркети и да се создаде конкуренција. Имаме најава веќе од два големи ланци „Лидл“ и „Шпар“ веќе се тука … Вие повторно да не пропуштите соопштенија, па сте нè измонтирале мене и премиерот со оној што ве формираше, прашајте го Димитар Апасиев како сте формирани. Со директна материјална поддршка од Сашо Мијалков, кого сега го обвинувате за градење на хотел во Охрид и дека ние не сме го спречиле. Прашајте и која ви беше улогата во 2015 година, да ја рушите Шарената револуција на овие што ја правеа. И сега правите монтажа и на таа слика нè обвинувате зошто полесно во државата ќе се градат хотели надвор од градовите – одговори Николоски.



