Властите во Дубаи потврдија дека нема истекување на нафта од танкерот кој беше запален по ирански напад со дрон.
Танкерот „Ал Салми“ (Al Salmi) бил целосно натоварен со два милиони барели нафта и бил закотвен во Дубаи на пат кон Кина, кога бил погоден во напад со дрон и избил пожар, пренесе Би-би-си.
Медиумската канцеларија на Дубаи оттогаш потврди дека тимовите за итни интервенции „успешно го локализирале инцидентот во кој беше вклучен кувајтскиот нафтен танкер во водите на Дубаи, при што не е забележано истекување на нафта и нема пријавени повреди“.
Кувајт претходно соопшти дека Иран погодил еден од неговите гигантски танкери за сурова нафта кој е закотвен во пристаниште во Дубаи. Кувајтската нафтена корпорација го опиша инцидентот како „брутален ирански воздушен напад“ и извести дека има одредена штета на бродот, но нема жртви.
Танкерот „Ал Салми“ бил целосно натоварен во моментот на нападот, кој предизвикал пожар на бродот. Властите во Дубаи соопштија дека во нападот бил вклучен дрон и дека траат напорите за гаснење на пожарот. Сите 24 членови на екипажот се безбедни и неповредени, наведоа тие.
Првично, Кувајт предупреди на можно излевање на нафта по нападот, но центарот за Поморски трговски операции на Обединетото Кралство нагласи дека „не се пријавени последици врз животната средина“.
извор МИА






