Дали едногодишното водство во анкетите ќе биде доволно Петер Маѓар и неговата партија Тиса да победат на изборите на 12 април? Сигурно не. Орбан не треба да се отпишува. Но, како што сега се поделени политичките карти, работите не му одат во прилог.
Пишува: Љупчо Поповски, новинар
Секогаш има некои „историски“ избори во Европа. И во големите и во помалите земји. Но, за гласањето на 12 април во Унгарија навистина може да се додаде епитетот историски. Јавноста во Европа, а и во Македонија, веќе две години со посебна диоптрија гледа на настаните во Унгарија и појавувањето на вистинскиот реален политички ривал на премиерот Виктор Орбан кој е непрекинато на власт во Будимпешта од 2010 година (а претходно и четири години од 1998 до 2002 година). Кога пред две години речиси од никаде се појави Петер Маѓар, високо позициониран бирократ во админстрацијата на Орбан, картите во Унгарија се измешаа.
До 2024 година, Маѓар беше познат само како поранешен сопруг на поранешниот министер за правда Јудит Варга (тие се разведоа во 2023 година) и се појави во медиумите во врска со скандалите за сопственоста на разни недвижности. Но, во јавноста малку знаеја за него: ниту го сакаа ниту го мразеа.
Двојката, која има три деца, дотогаш честопати беше избрана за модел на нуклеарно семејство во сјајни списанија во земјата чија Влада постојано зборува за „традиционалните“ семејни вредности. Маѓар, кој служеше во државните одбори и работеше во различни улоги за администрацијата, вклучително и во Брисел за време на последното унгарско претседавање со ЕУ, претходно зборуваше за напуштање на кариерата за да се грижи за нивните мали деца кога кариерата на Варга почна да расте.
Во своите први интервјуа за независни медиуми, Маѓар почна капка по капка да дава информации за разни случаи на корупција на членовите на Фидес. За тоа и претходно се знаеше благодарение на новинарските истражувања. Сепак, неговата комуникациска стратегија функционираше − луѓето сакаа да слушнат повеќе. Тој е добар раскажувач: кога зборуваше за луѓе блиски до Фидес ги нарекуваше кловнови, им даваше прекари и ги претставуваше како смешни и разбеснети. А бидејќи претходно беше близок со нив, луѓето имаа впечаток дека тој навистина знае што зборува, дека не е само опозициски политичар.
Оттогаш Маѓар стана лидер на сите опозициски граѓани во Унгарија, тој ги поклопи сите политичари кои се борат со години против Орбан, одзеде дел и од гласачите на партијата на Орбан, Фидес, на изборите за Европскиот парламент во 2024 година, а и од националистичката опозиција привлече значаен број од базата на Владата − луѓето од руралните средини.
Речиси една година Тиса, партијата на Маѓар, е во водство во анкетите. Разликата се движи од 7 до 10 отсто. Се разбира, освен во истражувањата на јавното мислење на агенциите кои се блиски до Владата. Таму разликата е исто толкава, но во корист на Фидес.
Последниве три недели изборното поле во Унгарија се расчисти откако пет партии се откажаа од учеството на изборите, од кои четири се дел од либерално-левиот граѓански дел (особено некогаш моќната МСЗП), за да не се загубат попусто опозициските гласови, што би можело да даде поттик на кампањата на Маѓар и на Тиса. Анкетите велат дека социјалдемократската Демократска коалиција има поддршка од околу 4 до 5 отсто (изборниот праг е пет отсто), а популистите од крајната десница Наша татковина имаат 5 проценти. Прашање е дали тие две партии ќе успеат да влезат во Парламентот. Тоа значи дека изборната битка е сведена на два актера − Фидес и Тиса (Орбан и Маѓар). Доколку Наша татковина влезе во Парламентот (а коалицијата со Фидес не е невозможна), тогаш Маѓар и Тиса мораат да победат со најмалку пет отсто гласови повеќе (неколку стотици илјади гласови) за да имаат мнозинство во Парламентот.
Унгарскиот изборен систем е комбиниран: 106 пратеници се избираат на мнозински начин во поединечни конституенци, а 93 според партиските листи. Орбан во изминативе години го промени изборниот систем за да направи да биде извонредно тешко некој негов политички противник да победи на изборите. А изборните конституенци се така моделирани да им даваат предност на неговите кандидати.
Помошта од Трамп
Тоа значи дека, без оглед на анкетите, Петер Маѓар не може да смета дека победата му е на дофат. Исто така тоа значи дека Виктор Орбан не може да биде отпишан затоа што по толку години на владеење многу слоеви на општеството се навикнаа на користа од оваа Влада. А Влада која ги научи сите модалитети на авторитарно владеење (особено со „окупацијата“ на медиумската сцена и на државните структури) знае како да го извлече и последниот глас за победа така што шансите на Виктор Орбан за уште еден мандат не може да се потценуваат.
Како Орбан го извлекува и последниот глас кој ќе му овозможи победа или пак можност да формира влада? Клучната поддршка дојде од Америка. Неговиот голем сојузник, претседателот Доналд Трамп, го испрати државниот серетар Марко Рубио во Будимпешта во мисија да го спаси пријателот. Рубио беше во Будимпешта на 16 февруари, речиси точно на два месеци пред изборите. И таму кажа такви зборови на поддршка како што не добива речиси никој во Европа од никого.
Односите меѓу САД и Унгарија се во „ново златно доба“, изјави Орбан на прес-конференцијата со Рубио. „Мојата искрена благодарност оди кај претседателот Доналд Трамп“, рече Орбан.
На овие пофалби Рубио одговори со исто толку силни експликации. „Односот меѓу Соединетите Американски Држави и Унгарија е најблизок колку што можам да замислам. И тоа не е само блиску реторички, туку е блиску и во акција и во работи што всушност се случуваат. Можам да ви кажам со сигурност дека претседателот Трамп е длабоко посветен на вашиот успех. Затоа што вашиот успех е и наш успех“, рече Рубио.
Дали оваа огромна поддршка на Трамп ќе му помогне на Орбан не може да се се прогнозира. Можеби нема да му одмогне, но дали е доволна за пресврт ќе се покаже веќе во наредните две-три недели. Прашање е и дали ќе му помогне тоа што Тиса е оцрнувана како најцрна од сите ѓаволи. „Ако опозициската партија Тиса дојде на власт, сите планови на Брисел ќе добијат зелено светло“, напиша Орбан на Фејсбук на почетокот на февруари. „Ова е огромен предизвик. Притисокот е неверојатен“, рече премиерот.
„Тие нема да запрат пред ништо. Доколку е потребно, ќе испратат криминалци на митинзите на (владејачката партија) Фидес како платени провокатори. Доколку е потребно, ќе ги претепаат оние кои ја кажуваат вистината за постапките на Тиса. Ова се фактите“, додаде Орбан. Тој ги повика гласачите да ја спречат Тиса на априлските избори.
Проблемите на Орбан во кампањата
Но, Орбан има проблем во кампањата. Неколку скандали го принудија и него и партијата Фидес да бидат во дефанзива и затоа тој постојано тврди дека по 12 април може да биде загрозен опстанокот на унгарската нација. И дека само тој може да ја спаси од надворешните и од внатрешните загрозувања. Земјата е преплавена со антиукраински плакати финансирани со државни пари, се спроведува „национална петиција“ против ЕУ и Украина и се шират видеосодржини генерирани со вештачка интелигенција, кои ја напаѓаат опозицијата.
Во исто време, Владата се соочува со сопствени јавни афери кои, според критичарите, откриваат „лаги и двојни стандарди“. Најтешкиот меѓу тие скандали е насилството и сексуалната злоупотреба на малолетници во установа за малолетни престапници во Будимпешта. Со месеци излегуваат нови детали, а објавените видеоснимки го прикажуваат бруталното малтретирање на штитениците од страна на персоналот.
Иако институцијата е затворена, јавноста реагира на фактот дека властите со години биле информирани за условите, но не презеле ништо. Тоа е особено проблематично затоа што „заштитата на децата“ е постојана тема во реториката на Орбан, придружена со нагласена хомофобична кампања.
Унгарија ја потресе и аферата со еколошки и со здравствени ризици во фабриката за батерии на „Самсунг“ северно од Будимпешта. Според истражувањето на порталот „Телекс“, работниците со години биле изложени на токсични честички на тешки метали, кои навлегувале во воздухот, во земјата и во подземните води. Во одредени моменти, концентрацијата на опасни материи била дури 500 пати над дозволеното. Наводно, со ситуацијата била запознаена и унгарската влада, а домашната разузнавачка служба предупредила на „катастрофални услови“. Сепак, според информациите, министерот за надворешни работи Петер Сијарто го спречил затворањето на погонот.
Дополнителен хаос внесе и приказната за наводната експлицитна видеоснимка на Петер Маѓар. На мистериозната веб-страница пред неколку дена беше објавена црно-бела фотографија од неуреден кревет, снимена под агол што наликува на надзорна камера. Маѓар реши да ја сврти приказната во своја корист. Веднаш на Фејсбук потврди дека на 3 август 2024 година имал „сексуален однос со согласност“ со поранешната партнерка и дека на масата имало дрога која, како што тврди, тој не ја консумирал. Па имаше обвинувања дека тоа е кампања во „руски стил“. Тогашната партнерка тврдеше дека не знае за што станува збор, велејќи дека и таа е злоупотребена со тајното снимање.
За Орбан знаеме многу работи. За начинот на кој ја раководи земјата, за пријателството со Владимир Путин, за тоа како го подјарми судството, го осакати образованието, како пропагира агресивна националистичко-популистичка агенда. Но, за Петер Маѓар не се знае многу, барем овде во Македонија. Освен што е познат дека е борец против корупцијата на Владата на Фидес и дека идеолошки е дел од централната десница, работите изгледаа повеќе или помалку опскурно. Некои работи последниве месец-два почнуваа да се појавуваат на идеолошкиот хоризонт.
Сега се гледа и дека Маѓар му стана конкурент на Орбан во национализмот. Како кампањата преминува во крешчендо, Маѓар ги користи националистичката реторика и евроскептицизмот на Орбан како оружје за да го нападне премиерот на полето каде што тој досега имаше најголем успех. Целта на Маѓар, велат неговите сојузници, е да ги натера гласачите да се запрашаат што, всушност, испорачала националистичката реторика на Орбан.
„Не е дека го свртевме неговиот националистички јазик против него“, рече Мартон Хајду, шеф на претставниците на партијата Тиса во Европскиот парламент. „Ги насочуваме неговите лаги за заштита на унгарските национални интереси против него.“
Една жаришна точка се случи кон крајот на минатата година откако словачкиот премиер Роберт Фицо протурка закон со кој се казнува јавната критика на повоените Бенешови декрети, збир закони од времето по Втората светска војна кои им ги одзедоа државјанството и имотот на етничките Унгарци и на Германците во поранешна Чехословачка. Орбан, кој е политички сојузник на словачкиот премиер Роберт Фицо и двајцата работат во тандем против ЕУ, загадочно молчеше мислејќи на некаков стратешки компромис.
Маѓар, исто така, се заложи во одбрана на ромската заедница во Унгарија откако висок функционер на Фидес грубо ја навреди групата, традиционално клучна изборна конституенца на владејачката партија.
„Стратегијата на Маѓар досега не беше да го надмудри Орбан во национализмот, туку да го разоткрие јазот меѓу националистичката реторика и неуспехот во управувањето“, рече Рудолф Мец, политиколог во Институтот ТК во Будимпешта. „Од перспектива на Брисел, ова го прави помалку непредвидлив националистички ризик и потенцијално стабилизирачки актер.“
„Тешкаши“ во тимот на Петер Маѓар
Балансирањето се рефлектира и во политичките ставови на Тиса. Партијата сака да ја задржи граничната ограда, да се спротивстави на задолжителните квоти за миграција и на забрзаниот пристап кон Украина, да се стреми кон мир, да се бори против руската пропаганда, да ги зајакне В4 [Унгарија, Полска, Чешка и Словачка] и Централна Европа без да биде лошото момче на Европа. Во врска со Украина, Маѓар зазеде претпазлив тон, признавајќи ја Русија како агресор, но − како и Орбан − исклучувајќи ја можноста за испорака на војници или на оружје.
Кога се појави во април 2024 година, Петер Маѓар изгледаше како шоу од еден човек. Кога ја презеде малата партија Тиса јавноста не знаеше со кого тој има намера да ги промени политиката и системот во Унгарија. По 15 февруари, кога одржа голем собир во Будимпешта со кој го објави почетокот на двомесечната завршна кампања, тој на бината ги доведе луѓето со кои има намера да ја трансформира Унгарија. Некои од нив ѝ се приклучија на Тиса последните месец-два, некои последниве недели.
Меѓу нив се бизнисменот и поранешен извршен директор на „Шел“, Иштван Капитани, и дипломатот и експерт за енергетика Анита Орбан (нема роднинска врска со премиерот) која некогаш беше блиска до евроатлантското крило на партијата Фидес. Поранешниот началник на Генералштабот на Унгарија, Ромулуш Ружин-Сенди, веќе некое време е вклучен во партијата Тиса. На 7 февруари, Маѓар и неговиот Кабинет на експерти конечно ја претставија долгоочекуваната изборна програма на Тиса.
Овие силни личности во Тиса ги изненадија унгарските аналитичари. Кога успешни и многу познати деловни луѓе ѝ се приклучуваат на Тиса, тоа е и сигнал дека веруваат оти може да се случи промена.
Иштван Капитани (64) ја започна својата кариера кон крајот на 80-тите години на минатиот век, кога Унгарија се движеше кон пазарна економија. Првично вработен во мала унгарска подружница на „Шел“, подоцна стана потпретседател на „Шел интернешенел петролеум“, позиција што ја држеше сè до неговото напуштање на компанијата во 2024 година. Владата на Орбан многу го ценеше економистот за сѐ што направи, па дури му додели и унгарски Орден за заслуги. Но, кога Капитани во јануари 2025 година објави дека се приклучува на Тиса како економски експерт, тонот во пропагандната машина на Орбан се промени. Министерот за надворешни работи, Петер Сијарто, го обвини Капитани дека е „претставник на меѓународниот голем бизнис“ кој не ги претставува интересите на унгарскиот народ ниту принципите на солидарност.
Ништо поинаков не беше ни односот кон Анита Орбан (51). Таа има дипломи по економија и меѓународно право и е водечки меѓународен експерт за енергетика. Студирала на Универзитетот Тафтс, а предавалa на различни универзитети во Будимпешта. Орбан, којa течно зборува англиски, руски и германски, е чест говорник за прашања од надворешната политика. До 2021 година, таа работеше како консултант за компании во секторот за течен природен гас (ЛНГ), а потоа како менаџер во „Водафон Унгарија“. Порано беше дел прозападното, евроатлантско крило на Фидес и беше специјален пратеник на Унгарија за енергетска безбедност од 2010 до 2015 година. Но, кон крајот на јануари таа ја објави својата намера да се приклучи на Тиса и оттогаш се шпекулира дека би можела да биде министер за надворешни работи по изборите. И веднаш беше цел на нападите на Фидес. Сега таа е „агент на Сорос“, а министерот Сијарто ја обвинува за „лобирање против Унгарија“ за да ја спречи земјата да „купува евтин руски гас“.
Има уште многу други познати личности во екипата на Маѓар, од здравството, од уметноста, од банкарството, од естрадата, од црквата. Сите заедно беа дел од екипата од стотина луѓе која ја подготвуваше Изборната програма на Тиса објавена на 7 февруари преку видео на Јутјуб, кое трае еден час.
Најважните точки од таа програма се: враќање на Унгарија како сигурен партнер во ЕУ и во НАТО, реформи во запоставените здравствени и образовни системи и подобрена социјална политика и одржлива борба против сиромаштијата. Тиса има намера да ги задржи повеќето социјални мерки од ерата на Орбан, како што е поддршката за семејствата и за пензионерите. Исто така нема да има промени во миграциската политика. Партијата се спротивставува на брзата интеграција на Украина во ЕУ, но ја најавува својата намера да ги нормализира односите со соседната земја. Во исто време, зависноста од руската нафта и од гас треба значително да се намали до 2035 година.
Дали едногодишното водство во анкетите ќе биде доволно Тиса и Петер Маѓар да победат на изборите на 12 април? Сигурно не. Дали изборната програма и компетентните луѓе ќе бидат доволно привлечни за да ја задржат наклоноста на бирачите? Тоа никој со сигурност не може да го знае. Орбан не треба да се отпишува. Тој е лидер со најголем стаж во Европската Унија и знае како да се извлече од секоја неволја. Но, дека е на големо, најголемо искушение во своето владеење е сосема јасно. Како што е јасно дека последните шест недели од кампањата ќе бидат жестоки. Петер Маѓар објави дека ќе ги посети сите 106 изборни конституенци во потрага по поддршка. Истото тоа го прави и Виктор Орбан. Вечерта на 12 април ќе биде исклучително возбудлива не само во Унгарија туку и во цела Европа, а и во Македонија.
Економија и бизнис, 01 март 2026г.





