МОЕТО БИЗНИС-ПАТУВАЊЕ ВО САД И ВО КАНАДА

Тајм Сквер во Њујорк

ВО ФУНКЦИЈА НА ЕКОНОМСКИ И НА ОПШТЕСТВЕН ПРИДОНЕС

пишува Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија

Првото мое патување на Американскиот Континент во бизнис-варијанта беше со делегацијата на Стопанската комора која ја предводеше тогашниот потпретседател на Владата, проф. д-р Васил Топурковски, со ативности во Соединетите Американски Држави и во Канада. Тоа беше владина бизнис-делегација во која беше врвот на македонскиот бизнис.

Првата дестинација преку Амстердам беше Њујорк каде што имавме повеќе бизнис-ангажмани. Сè се одвиваше на Менхетен, за мене најголемиот подвиг на човекот во урбаното планирање со кое на едноставен и на прост начин е решено најсложеното прашање со пет авении и серија улици. Со тоа дефинитивно Менхетен влезе во моето срце како дестинација која ја споменувам како омилена. Не Њујорк, Менхетен.

Бевме во зградата на Сити банка каде што го одржавме заедничкиот бизнис-форум со американски компании. И знам дека нам, на пушачите, тогаш и таму не ни беше тешко да се симнеме долу на приземјето бидејќи имаше забрана за пушење во внатрешни простории. Дискусијата беше отворена за сите слабости и предности што можеме да ги имаме. Посетивме и неколку фирми на нашите иселеници кои учествуваа во санација на конструкциите со рушењето на Кулите близначки.

Таа работа ги зголеми амбициите на нашите иселеници да влезат во инвестиции и во Македонија, што подоцна и се случи преку влегување во акционерската структура на неколку големи македонски компании − Инекс Струга, Инекс Охрид, Јака Табак и многу други. Тој процес трае и денес и мислам дека е добра основа за уште поактивна соработка.

Следната наша дестинација беше Торонто, Канада, каде што поминавме неколку дена пред нашето доаѓање назад. Таму присуствувавме на свечена вечера приредена во чест на делегацијата во прекрасната црква „Св. Климент Охридски“. Покрај посетата на надлежните институции бевме и на водопадите на Нијагара, имавме разговори со повеќе наши иселеници заинтересирани за инвестирање и донесовме неколку договори со кои ја зголемивме нашата економска соработка.

Соработката со САД за 2025 година, споредено со 2024 година, има раст од 53 %. Извозот пораснал 110 %, а увозот за 19 %. САД е 13-ти трговски партнер на Македонија во 2025 година.

Дејностите во кои се тргува се метална и електроиндустрија и тутун на страната на извозот, а на страната на увозот во делот на: хемија, земјоделство, нафта, стакло и метална и електроиндустрија.

Соработката со Канада за 2025 година, споредено со 2024 година, има пад од 30 %. Извозот се намалил за 20 %, а увозот за 35 %. Канада е 55-ти трговски партнер на Македонија во 2025 година.

Во Канада извезуваме зеленчук и тутун, а увезуваме свинско месо, производи за метална и за електроиндустрија, пластична маса и производи за исхрана.

ТРГОВСКА СОРАБОТКА ЗА 2025 ГОДИНА − РС МАКЕДОНИЈА СО САД И СО КАНАДА (во САД долари)

Бројките за соработката со дестинациите преку Големата Бара покажуваат дека има простор за зголемување на обемот на размена на стоки, поттик на нови инвестициски активности, други форми на поврзувања кои ќе ја поттикнат економската соработка со САД и со Канада.

Економија и бизнис, 01 март 2026г

Повеќе од истиот автор

Најчитано