Владата разгледува неколку нови мерки што би ги презела за амортизирање на последиците од кризата доколку за тоа има потреба и тие ќе бидат димензионирани во согласност со глобалните случувања – вели премиерот Христијан Мицкоски. Досега, рече, земјава е можеби единствена која, покрај намалување на акцизите, го намали и ДДВ-то за горивата.
– Во следна фаза разгледуваме неколку мерки, кои ќе бидат микротаргетирани, но тоа е веќе во следна фаза. Тие ќе бидат преземани во зависност од тоа како ќе се одвива кризата во Заливот и каква ќе биде состојбата во светот. Јас очекувам да заврши и во одреден период, потоа сè уште да се задржи кризата, па потоа постепено да се нормализираат работите – рече Мицкоски на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашење.
Според информациите и податоците што ги добива, рече дека таму состојбите се сериозни, а енергетската инфраструктура во државите од Заливот е исто така сериозно оштетена, а некаде и уништена.
– Само за март штетите за земјите од Заливот се проценуваат помеѓу педесет и седумдесет милијарди долари, и тоа директни штети. Индиректните се мултиплицирани со фактор два, три, па и повеќе, така што предизвици ќе има во периодот што следува. Ова е според Светската енергетска агенција можеби поголема криза по волумен од онаа од седмесеттите години, 1973 и и 1977/78 година, така што јас не очекувам дека ова бргу ќе се санира. И така треба да ја димензионираме нашата стратегија за понатаму. Затоа што, сепак, ние имаме и други обврски. Треба да вратиме две и пол милијарди евра стари обврски годинава. Почнавме да го враќаме солидарниот данок. Тоа се педесетина милиони евра. Треба да се исплатат плати, редовно треба да се исплатат пензии, режиски трошоци, сѐ друго треба тековно да си тече и настрана на тоа, сега имаме директни субвенции, кои доаѓаат од буџетот. Состојбата е таква каква што е. Реков нема откажување, ќе се бориме и ќе победиме на крајот – рече премиерот.
Според него, и замрзнувањето е сега можност на маржите и една од можните мерки. Да има замрзнување и одмрзнувањето да не се направи наеднаш, туку, како што рече, да има ефект на раздолжување. Разгледуваме многу мерки, а кои ќе бидат, рече Мицкоски, зависи од развојот на глобалните состојби.
Осврнувајќи се на мерките што веќе се преземаат, премиерот Мицкоски истакна дека за разлика од други држави, кои досега интервенирале само во делот на акцизите, земјата го намалила и ДДВ-то за горивата од 18 на 10 проценти, со што, како што потенцира, можеби сме единствениот случај со ваква директна и робусна акција со која сите граѓани и сите бизниси имаат бенефит.
Извор МИА
Фото Економија и бизнис







