Европската економија со години се движи под сенката на технолошката, на финансиската и на геостратешката доминација на Соединетите Држави и на Кина. Сите се согласуваат дека Европа мора да ја зголеми својата конкурентност. Прашањето е како?
На една од скорешните средби на европските лидери повторно излезе на површина старата вистина: Европа напредува само кога Франција и Германија ќе пронајдат компромис. Кога тие две визии се судираат, Унијата стагнира. И токму таму денес е заглавен европскиот проект.
Европската економија со години се движи под сенката на технолошката, на финансиската и на геостратешката доминација на Соединетите Држави и на Кина. Сите се согласуваат дека Европа мора да ја зголеми својата конкурентност. Прашањето е како.
Одговорот, барем засега, се сведува на два различни концепти каде што рецептурата не зависи толку од состојките колку што од нивната доза.
Првиот е германскиот. Тој се темели на идејата дека европската економија мора да се ослободи од дел од регулаторниот товар што ја прави помалку конкурентна во однос на американските и на кинеските компании. Во германската визија, приоритет е поедноставување на правилата − особено оние поврзани со индустријата и енергетските и еколошките стандарди − со цел да се намалат производствените трошоци. Оваа логика е разбирлива. Европските компании работат во средина со значително повисоки регулаторни и енергетски трошоци од нивните глобални конкуренти. Намалувањето на тие трошоци изгледа како директен начин за враќање на конкурентноста.
Но, германскиот пристап има и своја втора димензија: инсистирањето државите да задржат голема слобода во јавните инвестиции. Земјите со посилен фискален капацитет на тој начин би можеле самостојно да инвестираат во индустријата и во технологијата. Тоа особено важи за Германија која располага со многу побогат буџет од останатите европски земји.
На спротивната страна стои француската визија.
Таа тргнува од сосема различна претпоставка: дека Европа не може да се натпреварува со големите глобални сили само со дерегулација, туку со поактивна индустриска политика. Францускиот пристап се темели на концептот на „европска преференција“ − идејата дека европските институции и компании треба систематски да им даваат предност на производи и на технологии произведени во Унијата. Овој модел подразбира и посилна заштита на европската индустрија преку царински механизми кон земји кои произведуваат под пониски регулаторни стандарди.
Вториот столб на француската стратегија е уште поамбициозен: создавање заеднички европски долг за финансирање на клучните индустрии − од вештачката интелигенција до одбранбените технологии, од сателитските системи до дигиталната инфраструктура. Со други зборови, Франција предлага Европа да се однесува како вистинска економска сила, со заеднички ресурси и со заедничка индустриска стратегија.
И двете визии имаат своја логика. И двете имаат свои слабости.
Германскиот модел ризикува да ја продлабочи економската нерамнотежа меѓу земјите со силни буџети и оние со ограничен фискален простор. Францускиот пристап, пак, бара политичко ниво на интеграција за кое Европа често нема консензус.
Токму затоа вистинското прашање не е која од овие две рецепти ќе победи. Реалноста на Европската Унија е дека ниедна од нив не може да доминира целосно.
Прашањето е дали Европа ќе успее да изгради компромис меѓу овие две визии или ќе продолжи да се движи меѓу нив без вистинска одлука.
И токму во момент кога Европа се обидува да ја дефинира својата економска стратегија, светската сцена повторно ја потсетува дека економската слабост неизбежно се претвора и во геополитичка слабост. Последната криза од нападот врз Иран тоа го покажа со речиси брутална јасност.
Пред ескалацијата предизвикана од нападот на администрацијата на Доналд Трамп и на израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху врз Иран, Европа не изгледаше толку поделена колку што изгледаше збунета. Доколку директно ја осудеше агресијата, ризикуваше да влезе во отворен конфликт со својот најважен сојузник − Соединетите Држави − и истовремено да изгледа како индиректен сојузник на иранскиот режим против кој воведува со години санкции и политички осуди.
Но, доколку отворено ја поддржеше акцијата, Европа ќе станеше соучесник во јасно прекршување на меѓународното право − токму оној систем на правила на кој Унијата со децении го темели сопствениот идентитет. Затоа реакцијата на Брисел звучеше повеќе како дипломатско пелтечење отколку како јасна позиција.
Соопштението на Европскиот совет внимателно избегна да ги спомене САД или Израел, но повика на „целосно почитување на меѓународното право и на Повелбата на Обединетите нации“. Во исто време го осуди режимот во Техеран, изрази солидарност со иранскиот народ и повика на деескалација и враќање кон дипломатијата. Резултатот беше мешавина од принципи, критики и дипломатски флоскули кои повеќе ја откриваат европската дилема отколку што нудат решение. Во меѓувреме, кризата продолжи да се продлабочува.
Иран, одлучен да го прошири притисокот, нападна британска воена база на Кипар, дополнително дестабилизирајќи го регионот кој веќе се наоѓа на работ на поширок конфликт. Цените на нафтата и на гасот нагло пораснаа, а европските берзи реагираа со падови што повторно ја доведе во прашање и онака кревката економска стабилност на континентот.
Но, зад дипломатската конфузија се крие уште една реалност.
Европа, барем засега, не изгледа подготвена директно да се вклучи во војната на Трамп. Европските влади избегнуваат да ги стават своите бази на располагање за американската операција, па дури и традиционално најблиските сојузници на Вашингтон, како Лондон, покажуваат извесна воздржаност. Како што во Парламентот ќе изјави и британскиот премиер Стармер: дека промената на режимот не може да се наметне од небо!
Во Брисел и во главните европски престолнини доминира една претпоставка: дека американскиот претседател се заглави во конфликт од кој тешко ќе излезе со јасна победа. И дека, на крајот, неизбежно ќе мора да се врати на она поле на кое Европа сè уште има одредена тежина, односно дипломатијата.
Во тој контекст, германскиот канцелар Фридрих Мерц се очекува да ја пренесе европската загриженост во разговорите со американската администрација. Германија традиционално е една од државите најмалку подготвени да го нарушат односот со Вашингтон, но истовремено и една од најсвесните за економските последици од нова блискоисточна ескалација, како и една од ретките европски земји која и понатаму одржува исклучителна блискост со Израел понесена од историското чувство на вина на Германија.
На подлабоко ниво, европската збунетост има и пофундаментална причина. Европската Унија е изградена врз идејата дека правото, а не силата, е темелот на меѓународниот поредок. Но, светот што се оформува денес − во кој силата повторно станува примарен инструмент на политиката − бара од Европа да говори на јазик кој никогаш не бил нејзин.
Во обид да се прилагоди на таа нова реалност, францускиот претседател Емануел Макрон неодамна отвори и друга, многу подраматична тема: можноста за проширување на европската нуклеарна одвраќачка способност. Франција и Германија веќе разговараат со неколку европски држави за создавање поширок систем на нуклеарна заштита базиран на француската стратешка ударна сила (force de frappe), кој би можел да биде проширен и надвор од француските граници.
Ако таа идеја навистина се развие, тоа би претставувало историски пресврт: Европа која не само што гради економска стратегија туку и почнува да размислува како геополитичка сила.
Но, и тука повторно се враќаме на почетната дилема. Без политички компромис меѓу различните визии за иднината на Европа − економски, институционално и стратешки − ниедна нова стратегија нема да биде доволна затоа што во свет во кој глобалната политика повторно се организира преку моќта, најголемиот ризик за Европа не е погрешната одлука, туку неспособноста воопшто да се донесе одлука.
Економија и бизнис. 15 март 2026г.







