Летното сметање на времето почнува ноќеска во 02:00 часот кога стрелките на часовникот ќе се поместат еден час напред и наместо 02:00 часот ќе биде 03:00 часот.
Тоа значи дека наредната ноќ ќе спиеме еден час помалку, но ќе имаме подолги денови и повеќе дневна светлина попладне.
Промената на времето кај нас, како и во повеќето европски земји, се случува двапати во годината, и тоа последниот викенд во март кога почнува летното сметање на времето и последниот викенд во октомври кога почнува зимското сметање на времето.
Годинава, летното сметање на времето ќе трае до 25 октомври во 3 часот по полноќ.
Главните двигатели на современото летно сметање на времето се трговијата и угостителството. Трговските комори и малопродажните синџири се меѓу најгласните застапници на оваа практика од многу едноставна причина: луѓето се посклони да трошат пари кога надвор е дневна светлина. Дополнителен час сончев ден по работното време ги охрабрува потрошувачите да застанат во продавниците на пат кон дома, да пазарат или спонтано да одлучат да посетат ресторан или кафуле.
Туристичката индустрија, исто така, има корист, бидејќи посетителите остануваат подолго надвор, ги разгледуваат знаменитостите и трошат повеќе пари за дополнителни понуди, директно ја зголемуваат локалната економија.
Подолгите вечери се идеални за спортски активности на отворено, што директно влијае на растот на приходите во овој сектор. Еден од највпечатливите примери е голф индустријата, која само во Соединетите Американски Држави генерира околу 200 до 300 милиони долари дополнителни приходи благодарение на летното сметање на времето, бидејќи дополнителниот час дневна светлина им овозможува на играчите да играат уште една рунда по работа. Сличен тренд забележуваат и продавачите на спортска опрема, скари, градинарски мебел и опрема за кампување, бидејќи луѓето поминуваат повеќе време во паркови, дворови и природа.
Практиката што е воведена за заштеда на енергија денес често води до зголемена потрошувачка на гориво, бидејќи граѓаните почесто користат автомобили за вечерни патувања, спортски активности или шопинг,
Економската анализа од 2024 година процени дека вкупните годишни трошоци за летното сметање на времето во САД се околу 672 милиони долари, главно поради здравствени компликации и несреќи. Истражувањата покажаа десет проценти зголемување на ризикот од срцев удар во деновите веднаш по промената на пролетното сметање на времето, како и поголем број мозочни удари и повреди поврзани со работата, пренесува Бизнис и финансии.
Фото Економија и бизнис







