Целосната замена на батериите за помалите електрични автомобили обично чини помеѓу 4.000 и 9.000 евра. Ова важи за модели на возила кои имаат релативно мали батерии. Сепак, трошокот за замена значително се зголемува кај поголемите возила и помоќните батерии, покажуваат проценките на експертите од холандскиот образовен центар за автомобилска технологија Innovam.
Кај популарните електрични теренци од средна класа, замената на целиот пакет батерии се проценува на околу 9.000 до 14.000 евра. За поголемите и поскапи модели, цената може да достигне повеќе од 20.000 евра, во зависност од капацитетот на батеријата и достапноста на делови.
Сепак, треба да се напомене дека случаите на замена на целата батерија се релативно ретки, бидејќи кај повеќето автомобили се заменуваат само поединечни модули или ќелии од батеријата. Наместо да се отстрани целиот пакет од автомобилот, сервисот може да го поправи само оштетениот дел. Во такви ситуации, трошоците често се намалуваат на 1.000 до 5.000 евра, што е споредливо со голем сервис на моторот на класичен автомобил.
Производителите нагласуваат дека батериите се дизајнирани да траат многу долго. Статистиката дополнително ја ублажува загриженоста. Според достапните податоци, помалку од еден процент од електричните автомобили произведени по 2016 година добиле целосно нова батерија. Кога се гледаат сите електрични автомобили на патот, до 2025 година, само 2,5 проценти од возилата некогаш ќе имаат потреба од замена на батеријата, а дури 90 проценти од тие поправки ќе бидат извршени под гаранција.
Сепак, експертите предупредуваат за еден важен детаљ. Поголемиот дел од овие статистики се однесуваат на релативно млади автомобили кои сè уште се под фабричка гаранција. Кај постарите електрични возила кои не се надвор од гаранција, ситуацијата може да биде покомплицирана, особено ако оштетувањето на батеријата е сериозно или ако дефектот се повторува, пренесува Блиц.
Фото Економија и бизнис






