Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја информира јавноста дека денес, 1 април 2026 година, истекува рокот за поднесување иницијативи до единиците на локалната самоуправа за вклучување на енергетски објекти со инсталирана моќност помала од 1 MW во општинските енергетски планови.
Согласно Законот за енергетика и релевантниот правилник, сите пристигнати иницијативи ќе бидат разгледани од страна на општините, кои имаат обврска да ги инкорпорираат во своите општински енергетски планови и истите да ги достават до Министерството најдоцна до 15 мај 2026 година, за понатамошна постапка и издавање согласност.
Воедно, потсетуваме дека рокот за поднесување иницијативи за енергетски објекти со инсталирана моќност еднаква или поголема од 1 MW, кои се доставуваат директно до Министерството, е 1 јуни 2026 година.
Министерството во изминатиот период активно работеше на зајакнување на капацитетите на општините за ефикасно спроведување на законската регулатива. Во таа насока, на 23 март 2026 година, во соработка со ЗЕЛС, беше реализирана обука за претставници од општините, на која беше презентиран Правилникот за формата, содржината и методологијата за изработка на општинскиот енергетски план.
За време на обуката, претставници на Министерството дадоа детални насоки за примената на правилникот, одговорија на прашањата на учесниците и отворија дискусија за надминување на предизвиците со кои општините најчесто се соочуваат при изработката на општинските енергетски планови.
Министерството останува посветено на континуирана поддршка на општините и инвеститорите, со цел обезбедување транспарентен, ефикасен и одржлив процес на планирање и развој на енергетскиот сектор во државата.
За дополнителни информации, заинтересираните страни можат да се обратат на:
godisenplan@energy.gov.mk и inicijativi@energy.gov.mk







