Издадена поштенска марка „Кедев – 14 највисоки врвови“ во чест на врвниот подвиг на Сашко Кедев

Поштенска марка „Кедев – 14 највисоки врвови“ издаде АД Пошта – Скопје, во чест на врвниот подвиг на Сашко Кедев. Поштенската марка ќе биде промовирана на 2 април во 13 часот во „Порта Македонија“. 

Сашко Кедев, познат македонски кардиолог, доктор на медицински науки, но и врвен алпинист, на 19 мај 2009 се искачи на највисокиот врв на светот, Монт Еверест. Со тоа стана третиот Македонец кој го има освоено највисокиот врв на светот. Тој ги има искачено врвовите Мон Блан, Матерхорн, Вајсхорн…

Македонскиот алпинист и кардиолог на 20 јули минатата година испиша историја – се искачи на врвот Гашербрум I (8.080 м) во Пакистан и стана првиот Македонец и единствениот во поширокиот регион што ги има освоено сите 14 врвови повисоки од 8.000 метри, како и највисоките планини на сите седум континенти. Експедицијата на врвот Гашербрум I (G1) беше предводена од „Imagine Nepal“, а во тимот заедно со Кедев беа и Ванг Жонг од Кина, како и непалските алпинисти Дава Гјалје Шерпа и Нгима Нуру Шерпа.

– Врвот Г1 на д-р Кедев го означува завршувањето на сите 14 осумилјадници – историски прв за Македонија!“ – објави тогаш „Imagine Nepal“.

Со ова искачување, д-р Кедев се вброи во светската алпинистичка елита. Тој досега ги има освоено и Еверест (8.848 м), К2 (8.611 м), Канченџунга (8.586 м) Лоце, Макалу, Чо Оју, Даулагири, Манаслу, Нанга Парбат, Анапурна, Шишапангма, Брод Пик, Гашербрум II и најновиот Гашербрум I. Покрај 14-те „осумилјадници“, Кедев претходно ги има искачено и највисоките врвови на сите седум континенти – подвиг познат како Seven Summits. 

Кедев минатата година беше одликуван од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со Орден „8 Септември“, за особените заслуги во медицината, не само дома, туку и во европски и светски рамки, како и за историскиот подвиг во алпинизмот како прв Македонец којшто ги искачил 14-те светски планински врвови над 8.000 метри надморска височина.

На свечената церемонија тогаш Претседателката се осврна на подвизите на Кедев за освојување на највисоките врвови на светот.

– Ако во медицината д-р Кедев ги достигна највисоките професионални и хумани височини, тогаш во алпинизмот, буквално, ги освои највисоките врвови на светот. И тоа не во младешките денови на бунтовник без причина, туку во зрелата доба, како бунтовник со цел:  умен, искусен, но се уште детски љубопитен, храбар, но внимателен, желен за нови подвизи, но наоружан со богато искуство, дисциплина и истрајност и … разбран и придружуван – истакна Сиљановска-Давкова.

Претседателката тогаш потсети дека во период подолг од две децении, Сашко Кедев ги искачил сите 14 највисоки врвови над осум илјади метри.


Извор МИА

Фото: МИА архива/Приватна архива на Кедев

Повеќе од истиот автор

Најчитано