Зголемувањето на оперативните трошоци, бирократијата и неефикасната администрација, неизвесноста за законската регулатива и честите промени на домашната легислатива, се меѓу најголемите пречки за водење на бизнис во Македонија во 2025 година, се посочува во анализата на резултатите од анкетата „Business & Investment Indicator 2025“ која е спроведена од Советот на странските инвеститори.
Недостигот на квалификувана работна сила е еден од проблемите со кои се соочуваат странските инвеститори во земјава. Анкетата „Business & Investment Indicator 2025“ покажува дека 89 проценти од странските инвеститори во земјава се соочиле со проблем да најдат соодветна квалификувани работници, а 17 проценти веќе почнале да вработуваат странски работници, иако 90 проценти од компаниите ги зголемиле платите просечно за околу 10 проценти.
Главната причина за недостигот на квалификувана работна сила, според Советот на странски инвеститори, е миграцијата која не е карактеристична само во земјава, туку со неа се соочуваат и држави во Европа.
– Во Пелагонискиот регион во наредните пет години, бројот на луѓе кои се меѓу 60 и 65 години е за нијанса поголем од луѓето кои се меѓу 24 и 29 години, односно бројот на луѓе кои ќе одат во пензија е поголем од бројот на оние кои би барале работа. Во Европа е уште полошо. Ова е шокантен податок којшто според нас треба да биде прва тема за размислување кај нашите фактори на одлучување, истакна Георги Тренкоски од „Кромберг и Шубер“ на денешната презентација на анкетата.
НАЈГОЛЕМИ ПРЕЧКИ ЗА БИЗНИС ВО 2025 ГОДИНА, според анкетата на Советот на странските инвеститори
- зголемени оперативни трошоци 53 проценти
- бирократија и неефикасна админсирација 51 процент
- недостиг на работна сила 40 проценти
- недоволна квалификувана работна сила 43 проценти
- неизвесност во законските прописи и често менување 47 процети
- корупција и неефикасно судство 13 проценти
- неразвиена инфраструктура 17 проценти
Фото Совет на странски инвеститори






