Доделени „Оскарите“, најдобaр филм е „Една битка по друга”

Американската Академија за филмски уметности и науки ги додели „Оскарите“ на свеченоста што се одржа во „Долби театарот“ во Лос Анџелес. Филмот „Една битка по друга” (One battle after another) триумфираше со шест златни статуетки, од вкупно 13 номинации. Емисијата ја водеше Конан О’Брајен.

На годинашното, 98. доделување „Оскари“, политичко-акциониот трилер „Една битка по друга” ги доби признанијата за најдобар филм, машка споредна улога (Шон Пен), кастинг (Касандра Кулукундис), монтажа, како и наградите за најдобра режија и адаптирано сценарио, коишто му припаднаа на Пол Томас Андерсон.

– Треба човек да работи напорно, за еднa од овие (статуетки). Навистина го ценам ова! Тоа беше едно прекрасно патување, се пошегува режисерот во својот говор по прифаќањето на наградата.

– Го напишав овој филм за моите деца, за да им се извинам за „нередот во домаќинството“ што го направивме на овој свет што им го оставаме. Но, исто така, и со охрабрување дека тие ќе бидат генерацијата што, се надевам, ќе ни донесе малку здрав разум и пристојност, додаде Андерсон.

Филмот-рекордер по номинации, „Грешници“ (Sinners), oд вкупно 16 можности, доби четири „Оскари“. Имено, овој психолошки хорор-трилер ги има најдобрата главна машка улога (Мајкл Б. Џордан), оригинално сценарио (Рајан Куглер), оригинална филмска музика и кинематографија.

Одличијата за најдобра женска главна и споредна улога, соодветно, отидоа кај Џеси Бакли  („Хамнет“) и Ејми Мадиган („Момент на исчезнување“).

„Оскарот“ за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, го доби норвешкиот „Сентиментална вредност“ (Affeksjonsverdi). 

Последната филмувана верзија од „Франкенштајн“ ги доби наградите за шминка и фризура, и за костимографија. Најдобрите звучни ефекти, според американската Академија, ги има филмот „Ф1“. Одличјето за најдобри визуелни ефекти го доби филмот „Аватар: Оган и пепел“.

Најдобра филмска песна е „Голден”, од цртаниот филм „К-поп ловци на демони“. Остварувањето го доби признанието за најдобар долгометражен анимиран филм.

Најдобар долгометражен документарен филм е „Г-н Никој против Путин“. Најдобар краток документарец е „Сите празни соби“.

Фото: Скриншот

Повеќе од истиот автор

Најчитано