Чоколадото и какаото се меѓу прехранбените производи со највисоки стапки на инфлација во Европа. Цените на овие производи се зголемија за повеќе од 15 проценти на годишна основа во ЕУ пред Велигден, додека вкупната инфлација изнесуваше 2,3 проценти. Експертите укажуваат на нарушување во синџирот на снабдување со какао поради временските услови во Африка.
Годишните потрошувачки цени на какаото и чоколадото во прав се зголемија за 15,3 проценти од декември 2025 година. Цените на чоколадото, исто така, се зголемија за 15,6 проценти во истиот период.
Џоел Фрај, службеник за комуникации во Швајцарската платформа за одржливо какао, нагласи дека глобалното производство на какао стана значително понестабилно во последните години и дека сезоната 2023-2024 се издвојува како многу тешка.
„Според ревидираните проценки на Меѓународната организација за какао (ICCO), светското производство на какао се намали од 5,016 милиони тони во 2022-2023 година на 4,368 милиони тони во 2023-2024 година, што претставува пад од 12,9 проценти“, изјави тој за Euronews Business.
Годишната инфлација за какао и чоколадо во прав надминува 25 проценти во неколку земји. Данска забележа најголем раст од 30,5 проценти што заврши во декември 2025 година, по што следува Литванија (30,3 проценти).
Австрија, Романија, Норвешка и Шведска, исто така, забележаа инфлација од повеќе од 25 проценти за какао и чоколадо во прав.
Зголемувањето е многу помало во некои земји, како што се Чешка (1,3 проценти), Белгија (2,2 проценти), Србија (2,7 проценти) и Португалија (3,6 проценти).
Меѓу најголемите европски економии, цените на какаото и чоколадото во прав се зголемија за 21,4 проценти во Германија и за 20,5 проценти во Италија. Инфлацијата беше под просекот на ЕУ од 15,3 проценти во Франција (14,7 проценти) и Шпанија (12 проценти), пренесува Еуроњуз Србија.
Фото Економија и бизнис





