Малите и средните претпријатија (МСП) се носечкиот столб на секоја економија. Нивната флексибилност им овозможува лесно да се прилагодат на условите на пазарот во споредба со поголемите претпријатија. Состојбата со секторот на МСП не се разликува многу во Република Северна Македонија (РСМ) од таа во другите земји. Овој сектор во 2023 година претставува 99,7 % од вкупниот број на претпријатија и вработува речиси 75 % од вкупниот број на вработени. Министерството за економија и труд во јануари 2026 година ја презентираше Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2025 − 2030 со која ги дефинира насоката за развој, конкурентноста и отпорноста на малите и на средните претпријатија во наредниве години.
Со Стратегијата се предвидуваат мерки за поедноставување на регулативите, подобрување на пристапот до финансии и силна поддршка за зелената и за дигиталната транзиција со цел зголемување на конкурентноста и на извозниот потенцијал на малите и на средните претпријатија.
СТРАТЕШКИ ПРИОРИТЕТИ
Стратешките приоритети се поделени во три главни столба што го дефинираат екосистемот во кој треба претпријатијата дополнително да ги зајакнат својата конкурентност, продуктивноста и иновативноста преку создавање на претприемачко опкружување кое го поддржува развојот на МСП, пристапот на МСП до финансии што треба да го забрзаат процесот на нивниот развој и рамка која промовира употреба на зелени и на дигитални технологии.
Стратегијата е целосно во согласност со клучните препораки на Европската Унија за зајакнување на секторот на МСП како што се: дигитална и зелена транзиција; намалување на регулаторниот товар; пристап до финансии; зајакнување на конкурентноста; и градење на капацитети за развој на иновации во рамките на МСП.
Главен приоритет на Стратегијата е воспоставување на конкурентен национален претприемачки екосистем кој ги поттикнува иновациите, соработката и конкурентноста преку обезбедување пристап на МСП до ресурси, до менторство и до пазарни можности. Вториот приоритет се однесува на пристапот до финансии преку обезбедувањето на различни и на флексибилни опции за финансирање, што им овозможува на МСП да инвестираат во модернизација и раст, да ја зголемат продуктивноста и да создадат иновации преку нови производи и услуги. И третиот приоритет е зелена и дигитална транзиција.
Градењето на конкурентен национален претприемачки екосистем ќе се одвива преку отстранување на бариерите поврзани со: административните процедури за основање на компании и добивање лиценци, интернационализацијата, образованието или финансиски ограничувања, поттикнувајќи сеопфатно економско учество и социјална еднаквост. Ова значи подготвување на МСП да издржат надворешни шокови како што се економска криза, прекини во синџирот на снабдување или технолошки промени.
Во рамките на овој стратешки приоритет се дефинирани три посебни цели: подобрување на капацитетите на МСП преку препознавање на потребите за нивен раст и развој со цел унапредување на поддршката за МСП преку создавање иновациска инфраструктура и трансфер на технологии и знаење. Другите цели се состојат во поедноставување на правната и на регулаторна рамка за МСП, зајакнување на соработката со државните институции и поголема промоција на претприемништвото, на претприемачкото учење, на извозните активности, на стандардизацијата и на добрите иновативни практики како на национално така и на регионално ниво.
За поддршка при воспоставување на нова инфраструктура се предвидени мерки за отворање на технолошки паркови акцелератори, стартап центри, технолошки паркови, но исто така и платформи кои ќе ги поддржат повеќето иновативни компании и универзитетски спин оф компании (врз основа на активности за истражување и за развој) во нивниот развој според примерите на иновациските квартови во Копенхаген, како и со користење на искуството на најдобри практики од другите земји на ЕУ (како индустриски паркови во Марибор, бизнис-центри во Прага или Научно-технолошкиот парк Пилсен итн).
Во Стратегијата се предвидува и мерката за дефинирање на методологија и воспоставување систем за рано предупредување за препознавање на можните тешкотии во работењето на претпријатијата и преземање мерки и спроведување на постапка за надминување на идна инсолвентност на МСП-должници и навремено информирање на доверителите. Се предвидува и промовирање на мерката за втора шанса за да се стимулираат оние прeтприемачи кои не успеале во својот прв обид бизнисот да го направат успешен. Овој систем, меѓу другото, треба да обезбеди и менторска поддршка од искусни претприемачи за водење бизнис за претприемачи кои повторно отвораат сопствен бизнис.
Подобрување на деловниот амбиент во МСП ќе се одвива и преку обезбедување обуки за претприемачи и за потенцијални претприемачи, кои се однесуваат на нови форми на маркетинг или на продажни канали, претприемачки вештини, финансии, користење на вештачка интелигенција и други области, со што ќе ги зголемат внатрешните капацитети на МСП и нивната конкурентност и ќе им помогне да истражат потенцијални пазари каде што можат да ги понудат своите производи и услуги. Поддршката за МСП ќе се однесува и при воведување на меѓународни системи и на стандарди за квалитет, што е пречка за излез на меѓунардни пазари, или добивање работа како подизведувач кај меѓународни компании. Предвидени се и активности за поддршка на женското претприемништво, како и за поддршка на втората (наредната) генерација сопственици на семејни бизниси. Поддршката на втората генерација сопственици на семејни бизниси е клучна за континуитетот, за растот и за успехот на семејните претпријатија.
Во специфична област на дејствување се опфатени и поддршка при примена на вештачка интелигенција во работењето на МСП и на современите дигитални технологии.
ПРИСТАПОТ ДО ФИНАНСИИ
Со обезбедување на правичен и на поедноставен пристап до различни, одржливи и иновативни решенија за финансирање, на МСП им се овозможува да инвестираат во раст, во иновации и во конкурентност, истовремено поттикнувајќи ја отпорноста на динамични пазари. Овој приоритет има цел да ги прошири можностите за финансирање за МСП во однос на достапноста на алтернативни инструменти за финансирање. Постигнување на оваа стратешка цел, меѓу другото, претпоставува поедноставување на процедурите за аплицирање, како и намалување на административните бариери со цел финансиските инструменти да станат подостапни за МСП. Се препорачува воведување на кредитно-гарантни шеми за одредени видови претпријатија, олеснување на банкарските трансфери, како и овозможување на плаќања со кредитни картички кои ќе бидат достапни за сите типови плаќања, вклучувајќи ги и меѓународните плаќања. Исто така во иднина ќе треба да се работи на овозможување и на пристап до други финансиски платформи кои функционираат на глобално ниво, а кои сè уште не се достапни кај нас, со што се ограничува на некој начин конкурентноста на македонските МСП.
Унапредување на финансиската писменост, особено кај младите, ќе биде една од главните мерки на овој приоритет. Исто така потребно е да се зголемат и знаењата поврзани со алтернативни механизми за финансирање на сопствениците на МСП со цел тие да ги подобрат своите финансиски одлуки. Олеснување на зеленото финансирање се однесува на охрабрување на компаниите да ги зголемат своите инвестиции во одржливи практики со нудење стимулации и средства посветени на еколошки проекти од страна на државава и на банките.
Посебна цел во овој дел од Стратегијата на МСП е овозможување на поголем пристап до извори на финансирање (класични и алтернативни) за МСП, вклучувајќи и пристап до регионални и до европски фондови.
Зајакнување на постојната и воспоставување на нова кредитно-гарантна шема за стартап компании и останати МСП ќе се одвива со формирање нов или проширување на опсегот на покриеност на тековниот Гарантен фонд во рамките на Развојната банка, сè со цел намалување на барањата за обезбедување и зголемен пристап до овие гарантни шеми и за други поризични претпријатија.
Создавањето подобро регулаторно окружување кое поттикнува иновации и се прилагодува на технолошкиот напредок е од суштинско значење за олеснување на непречена транзиција на МСП кон дигиталните процеси.
Транзицијата на МСП кон циркуларна економија е значајна за зајакнување на одржливоста и на конкурентноста. Со усвојување на принципите на циркуларната економија, МСП можат да го минимизираат отпадот, да го подобрат користењето на ресурсите и да создадат одржливи деловни модели.
Економија и бизнис, печатено издание, 01 февруари 2026г





