Светските цени на храната пораснаа втор месец по ред во март, на највисоко ниво од септември 2025 година, а зголемување на цените е регистрирано во сите категории, објави денес Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО).
Индексот на цените на храната на ФАО (FFPI), кој ги следи месечните движења на цените на основните земјоделски производи на светскиот пазар, се искачи на 128,5 поени, што е за 2,4 проценти повеќе отколку во февруари.
Индексот на цените на житарките се зголеми за 1,5 проценти во споредба со февруари, на 110,4 поени, бидејќи пченицата порасна за 4,3 проценти, а цените на пченката, јачменот се зголемија, додека цените на оризот паднаа за три проценти поради послабата побарувачка и повисоките залихи.
Вредноста на индексот на растителни масла се зголеми за 5,1 процент и достигна 183,1 поени, што е највисоко ниво од средината на 2022 година, а зголемување на цените е забележано кај палминото, соиното, сончогледовото масло, како и маслото од репка.
Цените на месото се зголемија за еден процент на 127,7 поени, првенствено поради значителното зголемување на цените на свинското месо во Европската Унија поради сезонската побарувачка, а цените на говедското месо исто така се зголемија, особено од Бразил, додека цените на живината и овчо месо се намалија.
Вредноста на индексот на млечни производи се зголеми за 1,2 проценти на 120,9 поени, што е прво зголемување од јули 2025 година.
Зголемување на цените е забележано кај млекото во прав и путерот, додека цените на сирењето продолжија да паѓаат, особено во Европа, поради поголемото производство и послабата побарувачка за извоз.
Најголем скок е забележан кај шеќерот, чии цени се зголемија за 7,2 проценти на 92,4 поени и достигнаа највисоко ниво од ноември 2025 година, пренесува Политика.
Фото Економија и бизнис







