„Три Марии“ на Оливера Ќорвезироска избрана за наградата „Роман на годината“ за 2025

Романот „Три Марии“ на писателката Оливера Ќорвезироска во издание на „Арс либрис“ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2025 година – беше соопштено на денешниот настан, што се одржа во просториите на Друштвото на писателите на Македонија во Скопје.

Наградата ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“ и се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари. Генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, а таа е поддржана и од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.

Во конкуренција за оваа престижна книжевна награда, што се доделува 27. пат, беа 46 романи, а одлуката за нејзиното доделување ја донесе жири-комисијата, во состав: Калина Малеска, писателка и минатогодишна лауреатка, Иван Антоновски, Ивана Трајановска, Иван Шопов и Катерина Богоева, претставничка на Фондацијата „Славко Јаневски“. 

– Беа одржани пет состаноци, а во финалето за наградата, освен романот „Три Марии“ на Ќорвезироска, влегоа и романите: „Александар јава на запад“ од Венко Андоновски („Три“), „Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски („Македоника литера“), „Кривата Дијана: (роман за верижната вина)“ од Фросина Пармаковска („Арс либрис“), „Фобос: деконструиран роман“ од Соња Станковска („Или-или“) и „Повратник со две лица“ од Ивица Челиковиќ („Паблишер“). Романот на годината за 2025 година беше избран со тајно гласање и со мнозинство гласови на последниот состанок – информира Малеска, која се обрати пред присутните во име на жири-комисијата.

Во своето образложение членовите на жири-комисијата посочуваат дека „Три Марии“ е мајсторски напишан роман, во кој секој лик е внимателно изграден и секој детаљ има важно место во мозаикот на приказната.

– Во трите приказни, од кои е составен романот, има по една Марија како главен лик, а лајтмотивот што се протега во книгата е топосот на станот во кој се поврзуваат отсечките на животите на протагонистките. Сите три приказни почнуваат со вртоглава брзина, од смртта на Марија Пребирлиева преку потрагата по стан на Марија Зара до драматичниот повторлив сон на Марија Деспотовска-Солев. Потоа преку ретроспектива сите се враќаат назад низ времето за да ја доведат протагонистката до критичниот момент во животот. Централниот интерес во сите три приказни е љубовта – возвратена, невозвратена, нагло прекината, но во сите случаи љубов што ги надминува општествените норми, кои сепак на крајот надвиснуваат и го оневозможуваат остварувањето на љубовта. Овој конфликт меѓу емотивната сила на протагонистките и традиционалните норми, чии носители се другите ликови во нивното опкружување, ја гради динамиката на сложените меѓучовечки односи. Ќорвезироска умешно успева да избегне морални осуди и наспроти тоа се впушта во пресек на комплексните мотиви на трите Марии, стегите што тие ги чувствуваат, нивниот страв, чувството на вина, гневот, самодеструктивноста и интензивните емоции. „Трите Марии“ е роман што внесува бескомпромисно искрено претставување на психолошките состојби на главните ликови, кои се соочуваат со вистината и тогаш кога е болно таа да се прифати избегнувајќи самозалажување или идеализирање – посочуваат тие во своето образложение.

Ќорвезироска е родена во Куманово. Основно и средно образование завршила во родниот град, а Филолошки факултет во Скопје, каде што живее и работи како уредник. Автор е на книгите „Трети кат“ и „Високите бели“ (поезија), „Кифличката Мирна“ и „Мојот брат од тринаесеттиот кат“ (романи за деца); „Дедо Миле“ (сликовница), „Отвораат ли сништата работа“, „Еден текст и една жена“ и „На полпат“ (критика и есеистика), „Заклученото тело на Лу“, „Аб’т“ и „Три Марии“ (романи за возрасни), „Страдањата на младиот лектор“, „(С)плетени раскази“, „Две перници“, „(Со)шиени раскази“, „Новелички без шеќер“, „Улиците што ги нема“ и „Престапни години“ (раскази за возрасни).

Годинава, како што беше најавено на денешниот настан, свеченото врачување на наградата за романот „Три Марии“ на Ќорвезироска ќе се одржи во средината на мај.


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано