Над 500 нови вработувања меѓу кои менаџер на продавница, продавачи, технички персонал, хигиеничар, обезбедување, персонал за ресторан беа понудени денеска на Саемот за вработување, кој за потребите на новиот трговски центар, што се гради на влезот на Гевгелија, се одржа во спортската сала “Партизан” во центарот на градот.
Новиот трговски центар, “Мега шопинг парк”, според најавите, ќе отвори простор за познати и веќе присутни светски и домашни брендови, но и некои кои првпат ќе влезат на македонскиот пазар.
Од Општина Гевгелија велат дека очекуваат со инвестицијата вредна околу 20 милиони евра да се подобри економската состојба на Општината и да се даде поттик за нови вработувања.
Според инвеститорот, “А Плус Инжинеринг” Д.О.О., во комплексот ќе бидат застапени 50 светски и домашни брендови.
– Со отворање на “Мега шопинг парк” создаваме над 500 нови работни места, со цел таа бројка да надмине 800 до крајот на втората фаза. Ова е значаен придонес за локалната економија и силен поттик за пазарот на трудот, изјави Сотирис Гианакуикис, генерален директор на “Мега шопинг парк” на настанот на кој присуствуваше и градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
Според најавите, трговскиот располага со повеќе од 20.000 квадратни метри корисна површина, на која ќе биде сместен и детски забавен парк, со најголема гејминг зона и аркад центар во регионот, заедно со куглана. Покрај присуството на различни содржини од областа на мода, обувки, спорт, убавина и здравје, угостителство и супермаркет, во трговскиот центар е предвидено и отворање на казино. Отворањето на објектот е планирано за крајот на мај.
Извор/фото МИА





