Туристичко-академската посета на САД имав чест да ја збогатам со посета на Универзитетот Принстон каде што некогаш работел лично и прославениот Алберт Ајнштајн. Поточно таму уште на самиот влез ви кажуваат дека не работел на Универзитетот бидејќи немал докторат, па Владата на САД морала да му изгради лаборатории во непосредната околина на универзитетскиот кампус. Со тоа како потенцијални идни студенти ве подготвуваат дека сте никој и ништо во споредба со една прастара институција која му рекла не дури и на Ајнштајн.
Многу импресивно изгледа сето тоа опкружување со готска и со викторијанска архитектура која од универзитетските згради се пресликува и во остатокот од градот. Но, тука е најголемата заблуда. Старата градска архитектура на ова гратче всушност е нова (само неколку децении стара) и е изградена врз рушевините на речиси насилно иселеното црнечко население кое живеело претходно со векови околу ѕидините на Универзитетот.
Значи ректорите на овој Универзитет, кој важи за конзервативен, ја искористиле својата моќ и заедно со градоначалникот на Принстон нашле начин да го „прочистат“ непосредното опкружување на славниот факултет и да го замаскираат тоа со мимикрирање на средновековна архитектура.
За почеток, толку од демократијата и од либерализмот. Но, да преминеме на малку поактуелни работи.
ЊУЈОРК И МАМДАНИ − ЕДИНСТВЕНИТЕ ДВЕ СВЕТЛИ ТОЧКИ?!
Покрај по извозот на култура и по архитектурата, Њујорк е познат и по извозот на либерални идеи. Во САД често знаат да кажат дека њујорчаните размислуваат како што никаде не се размислува во остатокот на САД. Па така имав чест да бидам во Америка токму на денот на локалните избори кога Зохран Мамдани стана првиот муслимански градоначалник на Големото Јаболко. Либералните кругови во земјата ова го доживееја како олицетворение на американскиот сон (бидејќи Мамдани е дојден во САД пред неполни две децении како тинејџер, а сега е веќе градоначалник на главниот град на светот) и второ, го доживуваат како искра надеж од каде што ќе се запали огнот за рушење на Трамп и на републиканската доминација.
Имав можност да разговарам со многу луѓе од разни националности и вери и чувствата за Мамдани се навистина поделени. Додека мојот пријател Ибрахим, инвестициски банкар од Вол стрит со турско потекло, очекува наплив на капитал од сите краеви на светот како последица на отворањето на Њујорк, еден мој стар познаник од Израел кој сега живее во Њујорк постираше слика од Тајмс сквер под која го напиша следниов коментар: дојдов да го прошетам семејството пред да ни забранат воопшто да живееме во Њујорк. Слична таква поделба владее и меѓу балканските доселеници во САД. Додека Бошњаците и Албанците се радуваат, Србите и Македонците воопшто не се импресионирани од него.

Е да, за среќа има една работа која ги обединува сите вери и концесии во САД под едно исто знаме на незадоволството, а тоа е секако скапотијата која е изразена особено во Њујорк. Додека бев таму, Трамп бомбастично дозволи воведување на 50-годишен рок на отплаќање на станбените кредити. Ако на тоа се додадат и студентските (кои се апсолутно неопходни дури и за богатите деца), тоа значи дека еден просечен Американец е задолжен од бебешките до старечките пелени. И Американците навистина така живеат, постојано во долгови. Таму веќе нема никаква вредност ако имаш некаква заштеда или некретнини настрана. Најважно е колку си способен да заработиш секој месец бидејќи тоа е единствен начин да ги следиш растечките рати на бескрајните кредити. И да, таму не може да си надвор од системот. Ако немаш добар кредитен рејтинг, што значи да си долго време докажан должник на една иста банка, буквално не можеш ништо да постигнеш. Во Њујорк поимот милионер значи човек од средна класа кој поседува сопствен стан или куќа. За сè повеќе треба да си милијардер.
ВО ВАШИНГТОН ЃАВОЛОТ ЈА ОДНЕЛ ШЕГАТА
За време на посетата на САД, за прв пат имав можност да го видам и Вашингтон или најновиот Рим како што Ден Браун го нарекуваше во еден од своите познати бестселери. Многу помал град е од Њујорк, кој, сепак, импресионира со својата пространост и совршено урбанистичко уредување. Од тоа што имав прилика да видам, колку што Белата куќа разочарува со својата големина толку обичниот Капитол Хил, националниот мол и музејот Смитсонијан импресионираат со својата грандиозниот.
Но, да се вратиме на поважните работи.
„Денеска, во 2025 година, за прв пат можам да кажам дека сум сериозно загрижен за внатрешно-политичката состојба во САД. Толку загрижен што не ја исклучувам можноста дека во оваа најмоќна земја во светот може да дојде и до граѓанска војна. Всушност, тоа и сигурно ќе се случеше ако Трамп од какви било причини не победеше на последните претседателски избори“, ова се зборови на еден истакнат колега од Вашингтон, кој е присутен таму повеќе децении и кој изворно ги познава работите не само во САД и во главниот град туку и директно внатре во Белата куќа.
Според тоа што успеав да го разберам од разговорите со повеќе адекватни соговорници, клучен проблем на САД во моментов се методистите како најголема гласачка групација. Културолошки се склони да веруваат во теории на заговор и лесно се поводливи од гласни лидери како Трамп.
Во новинарството, пак, отворен е еден опасен медиумски концерн кој ги црпи своите идеи од фондацијата „Херитиџ“ која со својот Проект 2025 буквално создаде идеолошки и практичен водич за политиките на Трамп. Претешко е да се каже дека е тоа „Мојата борба“ од Хитлер во нова верзија, но во многу елементи наликува на тоа.
Како што споменавме и погоре, големи надежи се полагаат сега во победата на Зохран Мандани во Њујорк, која е со поголема маргина од очекувано и многумина мислат дека тоа може да е почеток на еден нов пресврт. Но, веќе ништо не е сигурно бидејќи пенетрацијата во медиумската сфера на луѓе кои мислат како Трамп е огромна и буквално се формира некаква непостоечка реалност.
Во моментов, нивните активности се насочени кон барање адекватен наследник на Трамп кој размислува согласно идеолошките матрици за кои претходно споменавме. Според она како што стојат моментално работите не е веројатно дека Трамп би го менувал Уставот за да оди на трет мандат бидејќи тој и сега е стар, а и нема сила да го смени Уставот.
Но, дека неговите поддржувачи ќе најдат некој адекватен наследник, па и полош од него, во тоа се сите повеќе од сигурни.
Од другата страна, Демократската партија има дијаметрално спротивни ставови и однапред се знае дека ако тие се вратат на власт во меѓународната политика ќе има многу посилни мерки отколку во времето на Бајден. Сега демократите се 100 % убедени дека Путин е спремен да оди до сам крај без никакви задршки и тие се спремни да го контролираат и да го спречат уште во првиот возможен момент, што е уште поголема опасност за тотална светска, сè поверојатно и нуклеарна војна.
Во САД допрва ќе се случуваат големи промени
Најстрашно од сè е што никој не може да предвиди каде е крајот на овој циклус големи промени.
Дали тоа ќе се заврши со тотална хегемонија на САД или, пак, судирот со Кина која веќе не сака да трпи е на повидок? Дали огромната воено-техничка предност која очигледно ја има Вашингтон ќе се материјализира сега или пак ќе ги остави Американците вечно да жалат по неа? И најважно од сè, дали привидот од неупотреба на нуклеарно оружје сè уште важи или Трамп во виорот на почетокот на својот мандат ќе ни ја разруши и таа табу-тема против непријателските режими на Иран или на Северна Кореја?
Буквално веќе ништо не е исклучено што би можело да се случи во многу догледно време.
Економија и бизнис, печатено издание, 15 јануари 2026г.






