Регистрирани две нови единки балкански рис на Шар Планина – сега се вкупно пет

Националниот парк Шар Планина информира дека со нивниот видеонадзор во заштитеното подрачје се регистрирани две нови единки балкански рис. Со овие два риса, сега евидентирани се вкупно пет вакви диви животни, кои спаѓаат во категоријата ретки и загрозени видови.

– На нашите трап-камери, на територијата на Паркот, неодамна се регистрирани две нови единки балкански рис. Тие се забележани при вршење редовен мониторинг на делот од територијата што административно припаѓа на Општина Врапчиште. Со ова бројот на идентификувани единки рис се зголемува од три на пет. Двете единки се во добра здравствена состојба, што претставува показател за стабилизирање и закрепнување на популацијата на овој редок вид на Шар Планина – соопштија од НП Шар Планина.

На почетокот на 2026 година Национален парк Шар Планина најави дека годинава егзистенцијата на реткиот и загрозен вид диво животно – балканскиот рис ќе има понтензивирано следење како резултат на продлабочување на соработката со Македонското еколошко друштво (МЕД).

Набавени се дополнителни фотозамки за мониторинг на дивиот свет. Ренџерска служба на националниот парк Шар Планина во 2024 година со камера го лоцира рисот на локацијата Долна Лешница.

На планините, пред сè, западниот дел од државата, се проценува дека има околу 40-ина единки. Присуството на рисот овие 20-ина години се евидентира со видеокамери поставени на десетици места во националните паркови Шар Планина, Маврово, Пелистер, но и на Илинска Планина, Јабланица, Галичица и заштитеното подрачје Јасен.


Извор/фото МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано