Објавена „Пајажина“ од Раде Силјан – ново поглавје од поетската историја на нашата стварност

Портрет на Раде Сиљан

По повеќе од половина век посветеност на поетската реч, еден од најистакнатите македонски поети на XX и XXI век, Раде Силјан, почнува нова творечка фаза во својата поезија. Здружението за уметност и култура на живеење „Дијалог“ ја објави неговата нова поетска книга „Пајажина“ – стихозбирка што се доживува и интерпретира како ново поглавје од поетската историја на нашата стварност.

– Во време кога катаден, одново, „Историјата наша / Посестрима на болката / Во векот од Бога даден / Ни отвора лути рани“, оваа поетска книга на Раде Силјан е настан за македонската книжевност, бидејќи „Блажен е зборот / На поетот буден / Во неговата песна“. А Силјан е постојано буден поет на нашата современост и оваа негова книга, всушност е најново поглавје од поетската историја на нашата стварност што тој ја (за)пишува повеќе од половина век. Но, за разлика од претходните негови поетски книги во коишто покрај јанѕите, речиси пророчки доминираат стравувањата, прашањата и опомените, во стиховите настанати во денови на загриженост дека „Во суден ден / И погано време / Ќе ги столчат и зборовите / За да се сотре семето / И да го снема племето“, доминантни се констатациите и поетските слики за веќе остварените поетски пророштва и за сторените грешки на родот што не ги разбра до крај опомените од претходните фази на неговото поетско промислување на суштината на времето што го живее(в)ме, истакнува мешу другото во рецензијата, Иван Антоновски, упатувајќи на стихови на Силјан поместени во книгата.

„Пајажина“ содржи над седумдесет песни од новата творечка фаза на Силјан, при што забележлива е авторската строгост во изборот на песните и настојувањето книгата да има јасен концепт и внатрешна „ и организираност што се препознатливи за овој поет. Како што е нагласено и во рецензијата, оваа стихозбирка не е само продолжение, туку е и нова вредност на посебниот силјановски вид македонска родољубива поезија и треба да биде прочитана од сите што стравуваме дека „Ќе разберат ли потомците / Зошто во животот трнлив / Место факел на векот / Развеавме шарени лаги.“

– Оваа поетска книга е и книжевно наследство за нашите внуци – исклучително вредно поетско сведоштво од времето во коешто се прашуваме Дали црн ѓавол / Се всели во луди глави / Или човекот безбожник / Ни вети лажни думи / И за векутума века / Нè бележи со знак пален / При свето име / Да живееме без име“, порачува Антоновски, цитирајќи и стихови на Силјан.

Раде Силјан (1950) е поет, критичар, есеист, книжевен истражувач, преведувач и антологичар. Автор е на 23 стихозбирки. Добитник е на највисоките признанија за поезија кај нас: наградите „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата и „Ацо Шопов“ на Друштвото на писателите на Македонија. Носител е на државните награда „11 Октомври“ и „Свети Климент Охридски“ за животно дело во областа на уметноста. Поезијата на Раде Силјан во посебни книги е преведена на англиски, руски, грчки, турски, италијански, бугарски, српски, унгарски, полски, латински, романски, црногорски, влашки, словенечки, албански и бошњачки јазик. Добитник е на високи меѓународни признанија за поезија. Во два мандати беше претседател на Друштвото на писателите на Македонија, а влогот во македонскта култура го остварува и преку издаваштвото, и како основач на првата издавачка куќа во самостојна Македонија – „Матица македонска“.

Минатата година мина во знакот на 75-годишнината од раѓањето и половина век од објавувањето на првата книга на Силјан. По тој повод, „Дијалог“ ги објави книгите „Лажно време“ – избор од поезијата на овој знаменит македонски поет, приреден од Весна Мојсова-Чепишевска и „Книжевната критика за поезијата на Раде Силјан“ – издание приредено од Иван Антоновски, со најзначаните критики од најзнаменити македонски и странски книжевни критичари. Со „Пајажина“ во издание на „Дијалог“ се отвора ново поглавје во поетското творештво на Силјан.

Повеќе од истиот автор

Најчитано