НА ЗЛАТИБОР ЌЕ СЕ ГРАДИ АЕРОДРОМ ЗА ПРИВЛЕКУВАЊЕ НА ПРЕМИУМ ГОСТИ И ОД ДЕЛОВНИОТ СВЕТ!

На Златибор ќе се гради  аеродром  преку концесија од 25 до 50 години и ќе создаде до 5.000 работни места, изјави претседателот на општина Чајетина, Милан Стаматовиќ.

На почетокот ќе биде наменет за мали електрични авиони и за воздушно такси за краток превоз до самата дестинација. Аеродромот ќе работи според „концептот нето-нула“, што значи дека произведува енергија од чисти извори и ги компензира сите емисии, така што на крајот нема негативно влијание врз животната средина.

Самиот аеродром директно ќе вработи околу 100 луѓе во операции, безбедност, одржување и администрација. Сепак, преку индиректни и последователни ефекти, вкупниот број на нови работни места ќе биде помеѓу 2.600 и 5.000. Тие работни места се создаваат во хотелската и угостителската индустрија, транспортот и логистиката, малопродажбата и услугите, градежништвото и инфраструктурата, како и во туризмот и организацијата на настани, велат од локалната самоуправа.

Од претходните искуствата од ваков тип на аеродроми на Алпите,  секое инвестирано евро во ваков капацитет генерира помеѓу 5 и 7 евра дополнителна вредност. Фокусот на локалната самоуправа е аеродромот првенствено да придонесе за квалитетот на гостите, односно да привлече премиум гости и посетители кои учествувале на состаноци, наградни патувања, конференции и семинари, односно на зголемување на гостите од деловниот свет.

„Сакаме гости кои доаѓаат преку целата година, трошат повеќе и бараат повисоко ниво на услуга. Малите планински аеродроми привлекуваат гости со просечна потрошувачка од 500 до 1.500 евра дневно и ја продолжуваат сезоната на 10 до 12 месеци. И ние сакаме ист профил на гости – оние кои бараат ексклузивност, брзина и високо ниво на услуга. Тоа е поодржлив модел на развој и носи поголема вредност за локалната заедница“, вели првиот човек на општина Чајетина, пренесува Бизнис.рс.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано