Напуштањето на нуклеарната енергија ја направи Германија ранлива и помалку конкурентна, најавувајќи итна „корекција“ на европските енергетски политики, изјави германската министерка за економија и енергетика Катерина Рајхе, на меѓународната конференција за енергетика CERAweek во Хјустон.
Рајхе истакна дека Германија, во потрага по климатските цели, ја потценила важноста на стабилните цени на енергијата.
– Напуштањето на нуклеарната енергија беше огромна грешка, огромна грешка и денес ни недостасува таа енергија, рече министерката, потсетувајќи дека нуклеарниот сектор ѝ обезбеди на Германија 20 гигавати електрична енергија без емисии на CO2 и по прифатливи цени.
Таа додаде дека Германија не се откажува од одржливоста, но дека мора да се воспостави рамнотежа.
-Прифатливоста, изобилството на енергија и енергетската безбедност мора да бидат во центарот. Се фокусиравме на заштитата на климата, но ја потценивме цената, тоа е грешка што ќе ја исправиме, изјави германската министерка.
До 2011 година, Германија добиваше една четвртина од својата електрична енергија од нуклеарни извори. Политичката одлука за затворање резултираше со затворање на осум единици, додека последните три реактори беа исклучени во април 2023 година. Денес, сите овие електрани се во различни фази на декомисионирање, иако неодамнешниот извештај на истражувачката група тврди дека голем број неактивни реактори би можеле лесно, брзо и евтино да се рестартираат, пренесува Бизнис.ба.
Фото Економија и бизнис






