Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, изјави дека институцијата е подготвена да ги зголеми каматните стапки доколку инфлацијата значително и долго време отстапи од целта од два проценти на среден рок.
Зборувајќи на конференцијата на ЕЦБ, Лагард истакна дека економските перспективи на Еврозоната се под влијание на „длабока неизвесност“ поради актуелните геополитички настани на Блискиот Исток, но таа нагласи дека одлуките ќе зависат од понатамошни податоци.
„Нема да дејствуваме додека не имаме доволно информации за обемот и времетраењето на кризата, како и нејзиното ширење. Но, неодлучноста нема да нè парализира: нашата посветеност за постигнување инфлација од 2 проценти на среден рок е безусловна“, рече таа.
На последниот состанок, ЕЦБ ги задржа каматните стапки на ниво од два проценти, чекајќи да види како ќе се развива конфликтот што САД и Израел го започнаа против Иран, а во исто време ги ревидираше економските проекции – нагоре за инфлација и надолу за економски раст.
Лагард предупреди дека глобалните резерви на сурова нафта се „намалуваат“ и дека последните танкери со течен природен гас (LNG) што се товареа во Персискиот Залив пред војната сега пристигнуваат на своите дестинации. Со оглед на оваа ситуација, додаде таа, влијанието од ова „наскоро ќе се почувствува“. Таа изјави дека порастот на цените на енергијата, особено нафтата и гасот, може дополнително да ја поттикне инфлацијата, истакнувајќи дека ефектите врз заработката и инфлациските очекувања исто така ќе бидат следени при донесувањето одлуки.
„Доколку кризата се интензивира, одговорот на компаниите и работниците би можел да биде побрз од минатиот пат. Имаме неодамнешно сеќавање на висока инфлација, што би можело да влијае на тоа колку брзо се пренесуваат трошоците и се бара компензација“, објасни таа.
Според неа, одговорот на ЕЦБ ќе биде „силен и стабилен“ доколку постои ризик од долгорочен инфлациски притисок, додека евентуалното смирување на цените на енергијата би можело да ја олесни потребата од зголемување на каматните стапки.
Како што изјави таа, ЕЦБ сега е „поподготвена, доколку е потребно“ да ја измени својата монетарна политика и да ги зголеми каматните стапки на следниот состанок. Лагард ја спореди ситуацијата со кризата од 2022 година по војната во Украина, кога работењето на банката беше ограничено со правила за купување средства и каматни стапки.
Според најновите проекции, инфлацијата во Еврозоната би можела да достигне 2,6 проценти во 2026 година, додека екстремно сценарио со долгорочни проблеми со снабдувањето со енергија би можело да ја зголеми инфлацијата на 6,3 проценти. Њујоршката инвестициска банка Голдман Сакс очекува Европската централна банка да ги зголеми каматните стапки за 25 базични поени во април и јуни, пренесува Политика.
Фото Економија и бизнис







