Кога едната страна, САД, вели дека се водат тековни и продуктивни преговори за завршување на војната, а другата страна, Иран, вели „не, нема такви“, тогаш кому да му се верува?
Што точно се случува зад сцената? Дали треба да веруваме дека мирот во Персискиот Залив е „на дофат? Или двете страни се подготвуваат за скапа, долготрајна војна која ќе ги држи цените на енергенсите високи, влијаејќи врз целиот свет сè до летото?
Пораки секако се пренесуваат од САД до Иран, но индиректно, преку посредници како Пакистан, кој ужива добри односи со двете влади. Тоа, се разбира, не е исто што и „преговори“, што можеби објаснува зошто еден ирански воен портпарол категорично негираше дека тие се водат. Постојат индиректни контакти и канали меѓу двете страни, но договорот сепак може да биде многу далеку.
Знаците покажуваат дека влегуваме во ситуација која не е многу поразлична од ќор-сокакот околу завршувањето на војната меѓу Русија и Украина. Двете страни велат дека сакаат таа да заврши, но под нивни услови, кои сè уште се далеку од она што другата страна би го прифатила.
Што сакаат САД и Израел
Кога оваа војна започна на 28 февруари, во Вашингтон и Ерусалим имаше големи надежи дека огромната воена супериорност што ја уживаат овие две нации во однос на Иран ќе резултира со неизбежен колапс на Исламската Република. Се веруваше дека, ако тоа не се случи, Иран, кој веќе беше во тешка економска состојба, ќе биде доведен на колена и ќе побара мир под американски услови.
Тоа не се случи. Затоа, она што САД и Израел го сакаат, не мора нужно и да го добијат, бидејќи со секој изминат ден во кој иранскиот режим преживува, тој станува сè похрабар.
Деталите од предложениот американски план од 15 точки, објавени од израелската телевизија Канал 12, вклучуваат прекинување на иранската нуклеарна програма, запирање на програмата за балистички ракети и прекинување на иранската поддршка за „прокси милициите“ како Хутите во Јемен и Хезболах во Либан. Во замена, Иран би добил олеснување на санкциите и извесна заедничка контрола врз Ормуската Теснина.
Што сака Иран
На почетокот Иран категорично го отфрли американскиот план од 15 точки, нарекувајќи го „прекумерен“. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, вчера беше помалку експлицитен. Тој изјави за државната телевизија дека „некои идеи“ им биле предложени на највисоките раководители на земјата и „доколку треба да се заземе став, тој сигурно ќе биде утврден“.
Наместо тоа, државните медиуми на Иран ги наведоа петте услови на Техеран за завршување на војната, кои вклучуваат исплата на воени репарации, меѓународно признавање на „сувереното право на Иран да врши власт врз Ормуската Теснина“ и гаранција дека Иран нема повторно да биде нападнат. Овие барања би претставувале „горчлива пилула“ за Вашингтон и неговите арапски сојузници од Заливот.
Иран смета дека како најголема нација во регионот, со население од над 90 милиони луѓе и со најдолга крајбрежна линија во Заливот, треба повторно да ја преземе својата праведна улога на „полицаец на Заливот“ – улога што ја имаше за време на владеењето на шахот, кое заврши со Исламската револуција во 1979 година.
Техеран би сакал да ја види Петтата флота на американската морнарица, со седиште во Бахреин, како го напушта регионот, дозволувајќи му на Иран да стане доминантна воена сила во Заливот, поддржана од неговите сојузници Русија, Кина и Северна Кореја.
Иран тврди дека има сериозен проблем со доверабата кон САД, бидејќи двапати седнал на преговори – во 2025 година и во февруари оваа година – само за САД да се повлечат и да започнат воени напади. Критичарите на Иран, пак, велат дека тој едноставно ги одолговлекува преговорите и дека никогаш немал намера да се откаже од програмите и политиките кои го загрозуваат целиот регион.
Што сакаат арапските држави од Заливот
Арапските земји од Заливот се вознемирени од она што се случува. Тие немаа голема наклонетост кон режимот на Исламската Република, но пред почетокот на овој конфликт постигнаа кревко прилагодување со него.
Сега со ужас гледаат како САД ја искористија својата најдобра шанса во оваа војна, но не успеаја да го соборат иранскиот режим, туку го оставија ранет и гневен, по што тој сега ги напаѓа своите соседи со дронови и ракети.
На фрустрација на Вашингтон и Централната команда на САД (CENTCOM), Иран сега е во многу посилна стратешка позиција отколку пред еден месец, бидејќи успеа да воспостави фактичка контрола врз клучната Ормуска Теснина. Ова му дава огромна предност на Техеран на глобалниот пазар на енергија, знаејќи дека меѓународниот притисок врз американскиот претседател Доналд Трамп за завршување на војната ќе ги стесни неговите опции.
Идеално, државите од Заливот би сакале работите да се вратат во состојбата од пред еден месец, но премногу нешта се случија и Иран сега воопшто не е расположен за отстапки.
Опциите на Трамп можеби ќе се зголемат со пристигнувањето на околу 5.000 американски маринци во регионот, заедно со падобранци од 82-та воздухопловна дивизија на САД – но тука постојат и ризици. Има повеќе локации каде што тие можат да бидат распоредени: од иранскиот терминал за извоз на нафта на островот Харг, преку иранскиот брег во провинцијата Хормузган, до теснецот Баб ел-Мандеб на јужниот влез во Црвеното Море.
Можеби нивното присуство е само за вршење поголем притисок врз Техеран за време на преговорите. Сепак, секоја копнена операција носи поголема опасност од американски жртви – што е многу непопуларно дома – и ризикува да ги вовлече САД подлабоко во конфликтот што многумина го нарекуваат „војна по избор“.
Преживувањето на режимот на Исламската Република ги охрабри неговите членови и ги зголеми нивните барања. Техеран смета дека и времето и географијата се на негова страна. Колку повеќе Белата куќа му кажува на светот дека Иран очајно бара договор, толку помалку Иран е склон да го склучи.
Би-Би-Си – Лондон
извор МИА





