Освен реформите, за успешен евроинтеграциски процес е неопходно и активно учество на граѓанското општество, синдикатите, организациите на работодавачи и бизнис-заедницата, е главната порака од конференцијата со социјалните партнери и граѓанските организации од земјава, организирана од Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК) и неговиот Комитет за следење на Западен Балкан, што се одржа во Европската куќа во Скопје.
Конференцијата опфати дискусии за улогата на граѓанското општество во пристапните преговори, состојбата на социјалниот дијалог, како и прашањата поврзани со слободата на изразување и справувањето со дезинформациите.
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања Беким Сали во своето обраќање истакна дека европската интеграција не е само владин процес, туку општествен проект кој бара активно учество на граѓанското општество, синдикатите, организациите на работодавачи и бизнис-заедницата.
– Организираното граѓанско општество не треба да биде набљудувач, туку ко-креатор на реформите. Кредибилитетот на проширувањето зависи од реални, мерливи и инклузивни реформи, нагласи Сали.
Тој посочи дека ефективниот социјален дијалог претставува столб на демократската зрелост и предуслов за економска стабилност и европска интеграција.
– Владата на Република Северна Македонија останува целосно посветена на европскиот пат, на реформите и на конструктивниот дијалог со сите општествени чинители, рече Сали, потврдувајќи ја посветеноста на Владата кон заштита на граѓанскиот простор, медиумскиот плурализам и борбата против дезинформациите.
Министерот истакна дека Реформската агенда во рамките на Планот за раст за Западен Балкан претставува можност за поврзување на реформите со конкретни придобивки за граѓаните, но дека успехот зависи од заедничка сопственост и партнерство на сите нивоа.
Заменик-шефот на ЕУ делегацијата во земјава Бен Нупнау рече дека пристапувањето за членство во ЕУ за Северна Македонија е патување што ги опфаќа не само институциите, туку и граѓаните.
– Работејќи заедно, Владата, работодавачите, работниците, граѓанското општество и меѓународните партнери ја јакнеме демократијата, промовираме инклузивен економски растеж. Во ова улогата на социјалните партнери, организациите на граѓанското општество е незаменлива. Тие ги претставуваат гласовите на работниците, работодавачите, заедниците, и обезбедуваат отчетност и помагаат реформскиот процес да биде кредибилен и инклузивен, рече Нупнау.
Тој истакна дека ЕУ силно се залага за штитење на основните работнички права и усогласување со меѓународните европски стандарди, вклучително клучните конвенции за работничките права и Европската социјална повелба.
– Во текот на пристапниот процес, законите за работни односи, дискриминацијата, здравјето и безбедноста на работа и еднаквите можности се исклучително важни. Ова покажува посветеност кон правичноста, достоинството на работа и инклузивниот економски раст. Сметаме дека економскиот раст оди рака под рака со општествениот. Оттука, социјалниот дијалог е камен темелник на економските социјални политики во Европа. Дијалогот меѓу Владата, работодавачите и работниот механизам за промени на пазарот на трудот и за градење доверба меѓу институциите и граѓаните е од големо значење, рече тој.
Додаде дека ИПА програмата исто така е посветена да ги јакне капацитетите на социјалните партнери и да се залага за соработка што ќе го јакне дијалогот, ќе ги гради институционалните капацитети и ќе воспостави делотворна комуникација меѓу сите чинители во Северна Македонија. – Истовремено, организациите на граѓанското општество остануваат суштествени партнери во овој процес, рече Нупнау.
Минатата седмица, потсети тој, ЕУ ја усвои Стратегијата за граѓанско општество, за да можат тие да дадат значаен придонес на дебатите во европската интеграција. – Гласот на организираното граѓанско општество од земјите на проширување е важен за да се спроведат овие стратегии. Со тоа се олеснува дијалогот меѓу институциите, земјите од проширувањето и партнерите од граѓанското општество преку вклучување на граѓанското општество во конститутивните форуми, рече Нупнау.
Виолета Јелиќ, претседателка на Комитетот за следење на Западен Балкан при Европскиот економски и социјален комитет, посочи дека граѓанското општество на земјава веќе имало можност да зборува и да поднесе писмени мислења во рамки на одредени дискусии со нивните партнери од ЕУ.
Истакна дека нивниот Комитет е првото европско тело што го применува принцпиот на постепено пристапување на земјите-кандидати во нивната секојдневна работа.
Претседателот на Постојаната група на ЕЕСК за фундаментални права и владеење на право, Хозе Антонио Морено Дијаз, на панелот „Учество на организираното граѓанско општество во преговорите за пристапување со ЕУ и спроведувањето на Агендата за реформи“, истакна дека утврдиле проблеми со социјалниот дијалог, односно со вистинската перцепција во однос на консултациите меѓу социјалните партнери во однос на пазарот на трудот и состојбата со пазарот на трудот, слабо спроведување на работничките права особено во слободните трговски зони и дискриминација на бремени жени на пазарот на трудот .
– Во врска со дискриминацијата на средбите во Скопје ми беше кажано дека Северна Македонија има добра законска рамка, добри институционални капациети, но недостига ефикасност и буџет, рече Морено Дијаз.
Претседателот на Стопанска комора Бранко Азески на истиот панел, во улога на придружен член на Европскиот економски и социјален комитет (ЕЕСК), говореше за определбата и ставот на бизнисот дека ЕУ останува главен трговски партнер на нашата земја, но и за важноста и улогата на европската интеграција, која е пред сè економска и развојна потреба.
Тој потсети дека за оваа цел минатата година, во рамки на Комората, покренал иницијатива за формирање на Бизнис Клубот Европа, со визија, како што рече, бизнис заедницата да стане клучен партнер во економската димензија на пристапувањето кон ЕУ и водечка платформа за сите економски теми поврзани со евроинтеграциите преку учество и на академската јавност, релевантните чинители во евроинтегративните процеси и дипломатските претставници од европските земји.
– За бизнис заедницата, неопходно е да има јасен, структуриран и кохерентен дијалог во целиот тек на процесот на пристапување, за на крајот на тој процес да мора да имаме компании кои ќе бидат во целост спремни да се носат со пазарните сили на единствениот пазар, да ја одржат својата конкурентност на тој отворен пазар, но и да придонесуваат кон европските ланци на снабдување – а тоа единствено може да биде постигнато со наша целосна вклученост во текот на целиот процес, истакна Азески.
Тој посочи дека во момент кога геополитичките текови се неизвесни, немањето јасна перспектива за бизнис заедницата е „смртна опасност кога се нема предвид што ќе правиш и како ќе ги остваруваш целите“. Азески истакна дека на патот кон ЕУ од особено значење се и Реформската агенда, на која, како што рече, бизнис секторот гледа како на клучен инструмент, како и подготовка на квалитетни проекти за финансирање, за директни користи за компаниите, но, само доколку се подигне капацитетот на апикациите за целосна искористеност на достапните средства, и преку Планот за раст, но и генерално преку ИПА.
Во своите заклучоци на ЕЕСК, Комитетот повторува дека како долгогодишни кандидати за пристапување, олеснувањето на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ е стратешки приоритет. ЕЕСК цврсто верува дека постепен, предвидлив и пристап заснован на заслуги за стекнување зголемени придобивки за време на процесот на пристапување во Унијата е најдобриот начин да се продолжи кон проширувањето на ЕУ. Тие повторуваат и дека социјално-економскиот јаз меѓу партнерите од ЕУ и ЗБ останува предизвик, а за да се постигне конвергенција, сите партнери треба да ги засилат своите реформски напори за да го искористат сегашниот моментум на проширување и да ја покажат вредноста на дополнителните финансиски инвестиции на ЕУ во развој на регионот.
Фото Економија и бизнис






