Во оваа книга, историчарот и филозоф Јувал Ноа Харари (Yuval Noah Harari) ги анализира најголемите предизвици со кои се соочува современиот свет. Затоа и фокусот во книгата наместо на минатото е свртен кон сегашноста и иднината. Во книгата се отвораат дилеми за одложување на крајот на историјата, изгледноста да се стане безначаен, либералниот феникс, (…) убивањето комарци или убивањето мисли, еврејска физика или христијанска биологија, вечното траење на некои лажни вести, барањето излез од машината за „перење мозоци“.
Книгата обработува општествени појави, тенденции и трендови кои се најголеми предизвици и избори што стојат пред човештвото. Поделена е на 21 поглавје („лекции“) кои обработуваат теми како што се: влијанието на технологијата и вештачката интелигенција; губење на работни места поради автоматизација; лажните вести и манипулација со информации; национализмот, религијата и глобализацијата; која цивилизација доминира со светот; тероризмот и политички кризи; значењето на образованието во 21 век; што треба да ги учиме нашите деца…
Во книгата се поставуваат важни прашања:
Што ќе се случи со демократијата? Дали алгоритмите ќе нè познаваат подобро од самите нас? Како да останеме критички мислители во свет преполн со информации?
Препорака за читање
„21 лекција за 21 век“ е книга што поттикнува размислување и дискусија. Таа не нуди едноставни одговори, туку ги охрабрува читателите критички да размислуваат за светот околу себе.
Оваа книга ја препорачувам особено на ученици и на студенти; љубители на општествени науки и на технологија, мислители и „неверници“, односно на оние кои не веруваат во догми и во општествени вистини, туку прашуваат и заклучуваат самите и на секој кој сака подобро да ги разбере современите глобални предизвици.
Книгата е напишана на разбирлив и на интересен стил, со многу реални примери. Помага во развојот на поширока перспектива за иднината и нашата улога во неа.
Економија и бизнис. 01 март 2026г.







