ЕКОНОМИЈАТА, ИНДУСТРИЈАТА И ЗЕЛЕНАТА АГЕНДА

Азески во УСЈЕ

ДЕЦЕНИСКО ОПСТОЈУВАЊЕ НА ТРГОВСКИ БРЕНДОВИ − УСПЕШНИ РАЗВОЈНИ ПРИКАЗНИ

„Инвестиции насочени кон развој, базирани на принципите на зелената економија“, под ова мото ТИТАН Усје само во изминативе шест години инвестираше над 36 милиони евра, од кои 4,5 милиони евра се директно насочени кон модернизација и иновации во насока на влијанието врз животната средина. Во најсовремени технологии за производство, ТИТАН Усје инвестираше околу 6 милиони евра во изминативе 5 години, а ќе се инвестираат и дополнителни 3 милиони евра до 2028 година. Дигитализацијата, декарбонизацијата, зајакнувањето на производственото портфолио базирано на зелени решенија и соработката со сите партнери остануваат стратешка определба на ТИТАН Усје во 2026 година за постигнување оперативна извонредност, зголемена ефикасност на трошоците и зајакнување на конкурентноста.

Заштитата на животната средина, климатските активности и промоцијата на циркуларната економија се клучни елементи на стратегијата на ТИТАН Усје. Компанијата располага со јасна стратегија за декарбонизација и е меѓу првите во земјава што целосно ги имплементираше EСГ-стандардите, што ги одразува нејзините амбициозни цели во однос на еколошките резултати, општествениот придонес и корпоративното управување за периодот до 2025 година и понатаму.

Во Стопанската комора е членка од 2011 година при што нејзини претставници се вклучени во органите и телата на Комората, како и во Здружението на градежништво, индустријата на градежни материјали и неметали, Македонската асоцијација на рударството − МАР и Македонската енергетска асоцијација − МЕА.
Во рамките на посетата на ТИТАН Усје, претседателот Азески посочи дека „како Комора секогаш стоиме зад своите членки, но свесни сме за нашата одговорност и како општествени чинители секогаш имаме еден метод на работа, а тоа е преговарањето и трпеливоста“. Посетата беше со цел оддавање Признание на ТИТАН за седум децении успех во работењето. Имајќи го предвид притисокот за влијанието на животната средина која е многу важен елемент во севкупниот живот на граѓаните, заеднички беше договорено ако е потребно да се ангажира и меѓународно призната ревизорска куќа за потврда на податоците и да се организира меѓународна конференција за соодносот на заштитата на животната средина и развојот на индустријата.

„Ние мора да сфатиме дека треба да живееме во здрава животна средина, но и да го зголемуваме бруто-домашниот производ, и тоа треба да биде направено во сооднос кој ќе гарантира апсолутна заштита на човековите животи и постигнување на зголемен стандард на населението“, вели претседателот на СКСМ Азески.

Комората застапувајќи ги интересите на своите членки, во своето дејствување се води од принципот дека пред институциите треба да се настапува аргументирано, со јасни параметри и анализи за секоја проблематика која бара креирање одредени политики, преземање чекори и носење одлуки за економскиот амбиент на дејствување.

ТИТАН Усје е дел од групацијата ТИТАН која има своите компании на повеќе пазари во Европската Унија, во САД и во Африка и котира на меѓународна берза. Во сите компании се употребуваат најдобрите практики во индустријата. Групацијата во светски рамки има преку 6 000 вработени, а ТИТАН Усје, која придонесува со преку 50 милиони евра во македонската економија, брои повеќе од 500 директни и индиректни вработувања и дополнително соработува со над 3 000 доставувачи.

Економија и бизнис, 01 март 2026г.

Повеќе од истиот автор

Најчитано