Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен објави „привремени и насочени мерки“ за намалување на цените на електричната енергија, кои растат поради војната на Блискиот Исток.
Taa најави мерки за сите четири компоненти што ја одредуваат цената на електричната енергија – самото производство, надоместокот за преносните мрежи, даноците и царините, трговијата со емисии.
Овие мерки вклучуваат државна помош за производителите на електрична енергија и закон за подобрување на продуктивноста на мрежната инфраструктура. Во однос на даноците и царините, ситуацијата варира многу од земја до земја, во некои даноците на електричната енергија се повисоки отколку на гасот, што е неодржливо, вели фон дер Лајен.
„Ќе предложиме намалување на стапките на данок на електрична енергија за да се осигураме дека даноците на електричната енергија се пониски од даноците на фосилните горива“, рече таа.
Комисијата ќе предложи и измени во Системот за тргување со емисии (ETS), кој во голема мера придонесе за намалување на потрошувачката на гас и ги охрабри инвестициите во обновливи извори на енергија, но треба да се модернизира и да се направи пофлексибилен.
Големата зависност на Европа од увоз на енергија ја изложи на спирален пораст на цените на енергијата откако Ормускиот теснец беше затворен, а Техеран започна со напади врз енергетската инфраструктура на Блискиот Исток. Една петтина од глобалните залихи на нафта и течен природен гас обично минуваат низ тој тесен морски теснец во близина на Иран.
Фото Економија и бизнис





