Европа се соочува со ново зголемување на цените на горивата, додека некои земји веќе посегнуваат по стратешки резерви за да го ублажат влијанието врз пазарот.
Во Германија, цената достигна околу 2,3 евра за литар, додека возачите во Велика Британија плаќаат повеќе од 2,5 евра, што е моментално највисоко во Европа.
Зголемување на цените беше најавено и во регионот. Во Хрватска, според проценките, цената на дизелот би можела да се зголеми за 13 центи за литар, додека бензинот би поскапил за четири центи.
Поради зголемувањето на цените, хрватската влада одлучи да ослободи 35.000 тони дизел од задолжителните резерви на пазарот.
Оваа мерка е дел од поширок европски обид за стабилизирање на енергетскиот пазар, во координација со Меѓународната агенција за енергија.
Цените на дизелот на берзите достигнаа највисоко ниво од 2022 година, а фјучерс договорите во Лондон скокнаа за речиси 10 проценти.
Главната причина е прекинот на сообраќајот преку Ормускиот теснец, еден од клучните енергетски патишта во светот. Поради ова, испораките на нафта и нафтени деривати се сериозно нарушени, а некои рафинерии го намалуваат производството поради недостиг на сурова нафта.
Европската Унија веќе разгледува дополнителни мерки.
Комесарот за енергија на ЕУ, Дан Јоргенсен, предупреди дека кризата може да потрае и дека се можни потешки мерки, како што се рационализирање на горивото или дополнително користење на резервите.
„Ова ќе биде долгорочна криза. Цените на енергијата ќе бидат високи долго време, а во наредните недели ситуацијата може да биде уште полоша за некои производи“, рече Јоргенсен.
Фото Економија и бизнис






