Грчките универзитети промовирани како реална опција за македонските студенти на саемот „Study in Greece”

Високиот квалитет на образованието, финансиската достапност и културната блискост се главните причини поради кои студентите од Северна Македонија треба да ги разгледаат грчките државни универзитети како опција за своето академско надградување, истакна генералниот директор на платформата „Study in Greece“, Теодорос Папајоану, во изјава за МИА на денешниот саем во Скопје, организиран од Амбасадата на Грција во соработка со „NOVA International School“.

Генералниот директор на платформата, Папајоану, појасни дека главната цел на нивното присуство е промоција на меѓународните студиски програми и можности за меѓународно образование на студенти од Северна Македонија во Грција.

– Главната цел на денешниот настан е да ги претставиме нашите меѓународни студиски програми и можности за меѓународно образование, со намера да привлечеме студенти од Северна Македонија во Грција. Тука сме со делегација составена од претставници на шест грчки универзитети, кои ќе ги претстават своите меѓународни додипломски програми. Тие опфаќаат широк спектар научни дисциплини и области, како што се економија, технологија, фармација, медицина, класични студии, одржлив развој и право. Тоа е главната цел на нашето присуство – истакна Папајоану.

Прашан за тоа кои се причините поради кои Македонија е избрана како важна дестинација за соработка, Папајоану посочи на географската и културната поврзаност меѓу двата народа.

– Постои културна блискост, како и географска блискост. Мислам дека двата народа делат сличен менталитет, култура и вредности. Претпоставувам дека повеќето од вас веќе биле во Грција, веројатно и повеќепати. Значи, постои блискост и поврзаност во многу различни области, од нематеријални нешта како вредности, култура и дух, па сè до економски и културни врски. Ние сакаме и образованието да го додадеме во тие области на соработка – истакна генералниот директор на платформата.

Во однос на тоа што ги прави грчките универзитети конкурентен избор за меѓународните студенти, Папајоану нагласи дека приоритет се дава на квалитетот, но и на финансиската достапност и можностите за вработување по завршувањето на студиите.

– Пред сè, би сакал да истакнам дека грчките универзитети во изминатите неколку години сè повеќе се интернационализираат. Тоа значи дека сè поголем приоритет им даваат на создавањето, функционирањето и понудата на меѓународни студиски програми, и на додипломско и на магистерско ниво, на англиски јазик, наменети за странски студенти, како што се и студентите од Северна Македонија – рече Папајоану.

Вели дека грчките универзитети се високообразовни институции со силна истражувачка ориентација, додека грчкото високо образование, според него, претставува исплатливо решение.

– Покрај академскиот аспект, Грција нуди и пристапен начин на живот. Со други зборови, и школарината и трошоците за живот се релативно ниски. Не е премногу скапо да се живее во Грција како странски студент. И, секако, тука е и можноста за вработување, затоа што странските студенти кои ќе изберат да студираат во Грција имаат можност да најдат работа, било во Грција, било во некоја друга земја од Европската Унија – појасни Папајоану.

Покрај редовните студии, универзитетите нудат и дополнителни можности за практикантска работа и истражување. Некои програми, особено во областа на економијата и природните науки, Папајоану посочи дека нудат практикантска работа во различни компании, истражувачки организации и научни институции. 

– Постои сè поголем број истражувачки иницијативи насочени кон поттикнување истражувачки синергии и соработка меѓу грчките и меѓународните универзитети. Да, и тоа и во рамки на програмата „Еразмус+“ – додаде Папајоану.

Испрати и порака до македонските студенти, охрабрувајќи ги сериозно да ја разгледаат понудата на државните високообразовни институции од Грција, затоа што, како што рече, за многу студенти Грција порано не била опција. 

– Сега грчките државни универзитети, бидејќи „Study in Greece“ ги претставува и промовира токму грчките државни универзитети, се реална и квалитетна опција, затоа мислам дека за студентите од Северна Македонија, Грција е добар избор – заклучи Папајоану.


Фото Економија и бизнис

Повеќе од истиот автор

Најчитано