Во Велес се поставува опрема за реализација на „Безбеден град“, почеток е најавен за крајот на јули

Велес

Министерството за внатрешни работи односно Секторот за внатрешни работи Велес деновиве поставува камери на главните улици на Велес. Се врши монтажа на каблите, металните сандачиња, столбовите и камерите.

Според првичните информации од претставник на СВР Велес на една од последните седници на Општина Велес, стартот на „Безбеден град“ во Велес се најавува кон крајот на јули годинава.

Како што информираат од СВР Велес, приоритетот за поставување на камерите се одредува според прецизни критериуми за безбедност. Според нив  фокусот ќе биде ставен на главните сообраќајни артерии каде што е регистрирана поголема фреквенција на возила и пешаци, клучните крстосници каде што често се случуваат сообраќајни прекршоци, со цел зголемување на општата безбедност.

Од СВР Велес појаснуваат дека  бројот на  локации ќе биде соодветен на потребите, со цел да се покријат т.н. „црни точки“ каде што статистички се случуваат најмногу сообраќајни незгоди. Точниот број и специфичните локации ќе бидат дефинирани по завршување на техничкото планирање, но целта е целосна и ефикасна покриеност на критичните зони.

Инаку дел од граѓаните на Велес  се со мислење дека „Безбеден град“ ќе овозможи ред на градскиот асфалт со брзината на возење, застанување на автомобилите на пешачките премини и давање на предност на пешаците. Во истовреме дел од граѓаните се на мислење дека камерите од „Безбеден град“ уште повеќе ќе ја успорат фрекфенцијата на сообраќајот низ централното градско подрачје посебно во ударинте термини наутро и попадне кога граѓаните одат и се враќаат од работа, а учениците одат и се враќаат од училиште, а кога низ централните велешки улици се создаваат колони од возила. ад/ев/

извор/фото: МИА

Повеќе од истиот автор

Најчитано