Интервјуа
Тимоние: Да се поттикне обновата на политичкиот, образовниот и здравствениот систем
Н.Е Кристиан Тимоние
Амбасадор на Франција во Република С.Македонија (во заминување)
1. Амбасадоре Тимоние, мандатот Ви започна во Република Македонија, наскоро Ви завршува во Република Северна Македонија. Како ја доживеавте вие оваа промена?
Кога се подготвував да стапам на функција, во Париз и Брисел во 2016 година, мои колеги дипломати предвидуваа дека мандатот може да ми помине во еден период на стагнација, или пак да биде исполнет со големи промени: за среќа, се случи втората опција, носејќи со себе дел тензии, дел успеси и одредени разочарувања. Ослободена од блокадите благодарение на договорот склучен со Грција и на својата позиција за соработка со соседите, земјата продолжи со една регионална и меѓународна динамика, што резултираше со обновување на заинтересираноста на француските институции и компании. Самиот симболичен влез во НАТО, согласноста за отпочнување преговори со ЕУ, претставуваат важни чекори: започнува нов период, не толку во знакот на големи политички одлуки, туку период на конкретни чекори, кој понекогаш може да биде тежок за оние што стекнале одредени придобивки, како и за воспоставените системи. Земјата што ја напуштам се наоѓа пред своевиден предизвик, да обезбеди реална политичка, економска и социјална конвергенција со Европа којашто се наоѓа во процес на изградба, а со цел да се искористат најдобрите придобивки; Тоа е голем предизвик и чест за сите коишто од 2004 и 2016 година овозможија да се стигне до него.
2. Со својот амбасадорски ангажман оставате длабока трага зад себе. Впечатливи беа Вашите настапи во јавноста, секогаш отворено ги искажувавте ставовите и ги праќавте пораките. Тоа е исклучително корисно за земји како нашата. Што Ве поттикнува за ваков стил на комуникација?
Имав привилегија да претставувам земја и шеф на држава кои се свесни за своите историски одговорности во спроведувањето на изградбата на независна и суверена Европа, како и за зачувување на меѓународниот систем кој нема да се раководи единствено според законот на посилните. Благодарен сум за довербата што ми беше укажана и навистина ме трогнаа сведоштвата за тоа колку е ценета нашата активност, пред сè од тие на коишто нашата искреност би можела да не им се допадне; Тоа беше и наш начин да учествуваме во враќањето на слободата на говорот, што е неспорно достигнување на промените. Кога на луѓето ќе им се овозможи слобода на говорот, тогаш таа придобивка има моќ да предупреди, да убеди и да поттикне дебати, ако се спроведува умешно и добронамерно.
3. Како ја оценувате состојбата во која се наоѓа македонското општество? Која е Вашата препорака, што да правиме или да не правиме, на што да се фокусираме за да постигнеме побрз развој, не само економски, туку и поширок, демократски, општествен развој?
Како што е случај со речиси сите други општества, така и ова трпи голем здравствен удар, кој е изразен на економски, социјален и психолошки план. Тој може дури да влијае и на генерацијата што расте, поради промените во образовниот систем и социјализацијата. Опасноста може да дојде од процесите на радикализација, повлекување во себе и замрзнување на активностите на сите полиња. Треба да ја поздравиме одлучната реакција на ЕУ заснована врз една поширока солидарност. Од своја страна, државите мора сериозно да се подготват, да преминат од фазата на добри намери кон изнаоѓање вистинска внатрешна методологија, кон мобилизација на сите капацитети и на целата енергија надвор од какви било политички афинитети. За да извојува победа, потребно е да се создаде атмосфера на заедничко дејствување што ги исклучува систематското спротивставување и стерилниот реваншизам. Франција се залага, во рамки на разговорите што се водат во Брисел, за тоа придобивките да бидат поконкретни, доколку критериумите бидат побрзо исполнети. Ние мора да обновиме одреден оптимизам заснован врз успесите кон кои секоја земја треба да се стреми.
4. Каква е Вашата оценка за глобалните случувања? Светот сè позасилено го карактеризираат три трендови: раст на популизмот и автократијата, продлабочување на нееднаквоста на доходот и неповолните климатски промени. Што ни носи иднината?
Ако не сториме ништо и се повлечеме во себе, светот во иднина веројатно ќе биде сличен на тој од порано, но многу полош. Нема друг избор за консолидирање на европската сила која се заснова врз заедничкото владеење на правото, активната солидарност и продолжувањето на нашата борба за ограничување и контролирање на последиците од глобалното затоплување. Западен Балкан може да биде лабораторија на оваа визија за промена на моделот преку интелигентно управување: тоа може да изгледа како сон, но регионот има адути за таква трансформација, а само ЕУ има средства и волја да се впушти во тоа.
5.Регионот на Западен Балкан, соочен со масовно иселување на младите и едуцирани кадри, со стареење на населението, со недоволно брз економски развој, со свои напластени противречности, се обидува да преживее. Како гледате на регионот на Западен Балкан и на неговата иднина во наредните десет години?
Тенденциите што ги опишувате се реални и треба да се настојува што е можно повеќе да се прекине трендот на заминување на младите. Да се поттикне обновата на политичкиот, образовниот и здравствениот систем. Сите овие фактори, покрај висината на платите, што не може да се исклучи, имаат значајна улога за демографијата. Не беше тешко луѓето да ги увидат неправдите што се јавуваат во системот, неговата прекумерна политизација, како и непотизмот. Така се раѓа идејата за заминување и повеќе од сè, желбата за себе или за своите деца да се премине од затворено во отворено општество, каде што успехот е резултат на напорна работа и заслуги. Затоа, регионот мора потполно да ги искористи можностите што ги нуди ЕУ за нов почеток. Но тоа нема да се случи доколку во регионот не се изнесе храбро вистината и не се спроведе одлучна и бескомпромисна акција против одредени неправилности. Одговорните во регионот ќе мора исто така да ја прифатат играта на отворена трансформација која нема да биде само во корист на мал круг роднини и пријатели. Од искуство знаеме дека ќе треба уште многу да се работи на таа проблематика.
6. Да се вратиме на домашен терен. Македонија има одредена традиција во поглед на Франкофонијата. Како да се продлабочат уште повеќе врските помеѓу Франција и Северна Македонија во иднина?
Постојат разновидни можности во рамките на Меѓународната организација на Франкофонијата кои земјата сè уште доволно ги нема искористено. Забрзаното вклучување на Северна Македонија во меѓународните организации каде што францускиот е официјален јазик, учеството во мултилатерални мировни операции, како и подемот на одредени франкофонски пазари, би требало да ги поттикнат Македонците да изучуваат повеќе странски јазици, доколку не сакаат да ги препуштат местата на други кандидати. Покрај тоа, ќе се интензивира комуникацијата во рамките на НАТО и особено на ЕУ со експерти и дипломати кои зборуваат француски јазик. Ова го сфатија неколкумина министри, кои во своите ресори веќе го поттикнуваат изучувањето на францускиот јазик, па дури и самите даваат пример.
7. И по Вашето заминување од земјава, ние ќе Ве сметаме за наш искрен пријател. Што ќе Ви недостасува од Македонија?
Не познавам дипломат којшто ја напуштил оваа земја без да доживее едно многу силно чувство на симпатија и пријателство кон Македонците. Тешко е да се каже однапред што ќе ми недостасува најмногу (покрај „семејството“ на амбасадата), но несомнено тоа ќе биде она посебно чувство на доверба и пријателство кон Франција, во сите кругови и сите заедници, кај сите политички тенденции, од каде што ја црпев обврската да направам сè што е во моја моќ (па дури и малку повеќе) за односите помеѓу двете земји.