Општество

За имунитетот

Тереза Серафимова

Авторот е советник за човечки ресурси и доктор по медицина, психијатар www.aag.com.mk

Измина извесно време од првичното изненадување и шок, па и неверување дека сме во нова реалност: епидемија од брутални размери на моќ за ширење, моќ да го загрози нашето и здравјето на нашите блиски, моќ да одзема животи, да го ограничи дотогаш безмалку неограниченото движење на луѓе, производи и информации, да предизвика економско-социјално цунами, да нѐ изложи на психолошки страдања.
Дали сме прилагодени на новото окружување?

Направен е упад
Претпоставувам за повеќето поединци со искуство на елементарна непогода, „виша сила“, им е јасно дека вака изгледа почетокот на криза од размери и потенцијал на црн лебед... кога одеднаш животот граден долго и посветено низ годините бива нарушен. Направен е упад. Сопираат тековните активности, напорите за реализација на плановите до кои се стасало низ посветено градење кариера/бизнис/живот. Сѐ сопира насилно. Па почнува некој нов живот. Подеднакво насилно. Наметнат. Туѓ. Неизвесен. Нов некој живот кој ниту е планиран ниту посакуван, во кој нов живот човековата слобода не е ниту предмет на размислување. Токму напротив. Направен е упад.

Порој лоши вести
Нови прашања кои ни се поставуваат: Како да се заштитиме од вирусот? Како да останеме здрави? Но и: Како да се заштитиме од бранот лоши вести кои нѐ преплавуваат? Како да се заштитиме од реактивниот бран непријатни мисли кои може да преплават? Како, пред сѐ, да го заштитиме имунолошкиот систем од оваа нова, многу непријатна реалност?
Крајностите со кои се одликува кризата: екстремите во побарувачката, екстремите во синџирот на набавките, предизвикуваат екстреми во очекувањата, емоциите, расположенијата. Па како да го одбраниме сопствениот, тимскиот, па и колективен имунитет кој, впрочем, е ултра високо сензитивен на стрес и лоши мисли? А од него и неговата моќ зависи опстанокот – сопствен, тимски, организациски, колективен.

Очигледно е, се прилагодуваме соодветно на кризата. Тоа е, впрочем, во нашата ДНК

Брана од жилавост
Суровата реалност треба да биде пресретната од жилавост на поединците – капацитетот да се амортизира и да опстои на ударите и повратно да се одговори. За организациите одговорот „повратно“ значи да се излезе од кризата подобар од конкуренцијата. За општеството тоа значи да ја искористи моќта на кризата да биде катализатор на социјални промени – да се случат промените кои и онака одамна беа проектирани како нужни.

Да, жилавост. Но, како?
Најпрвин: грижете се за себе. Од приклонување кон здрави навики ќе издвојам само две. Прво, оддалечете се од лажните вести. Фино филтрирајте ги информациите кои ќе го задржат вашето внимание. Препознајте која вест ќе ја консумирате. Направете внимателна селекција на доверливи извори за информирање во овие сложени времиња. Секој ден, секој час носи нови предизвици, луксуз е да се препуштите на „друштво“ од лажни, па и нерелевантни вести.
Второ, користете ги предностите на технологијата: апликацијата Ристор Резилијенс може да биде пример.
Мислите за иднината често пати загрижуваат, анксиозноста станува неизбежна. Обидете се вие, со тоа и вашите луѓе, во рутината на секојдневните активности да се држите во сегашноста, особено доколку иднината на тимот/организацијата е засегната. Поставувањето фокус на „сега“ значи креирање максимум (квалитет на) изведба на сегашните активности од кои произлегува квалитетот на вкупниот производ/услуга. Вашите корисници/пазарот ќе го препознаат и ќе го наградат ова. И зарем не е ова промената која секогаш сте сакале да ја воспоставите? А воедно е психолошка одбрана од кризата.

Емпатија
Потоа следува грижата за вработените и грижа за тимовите. Бидете присутни. Сега реално настапи време кога „да се биде постојано многу зафатен(а)“ се менува со достапност и грижа за луѓето. Дневните тимски и индивидуални брифинзи, неделните состаноци нека бидат обврзен дел од активностите. Обидете се рутината за комуникација/мониторинг на активностите да ја задржите колку што е можно повеќе присутна. Па и да воспоставите нова, продлабочена комуникација. Таа е секогаш моќен противотров на анксиозноста. Оваа реалност станува добра прилика за надоместување на можеби претходно пропуштеното на тој план. Чувството на емпатија, заедништво, припадност на моќен тим/организација, доверба, дава чувство на сигурност – жилавост.
Патем, дали се распредели авторитетот во вашата организација? Дали ЧР од функција на ниска цена и висока вредност доби нова вредност? Дали мантрата, луѓето на прво место, дава плод/функционира? И дали навистина се подобри искуството на вработените во организациите?

Време за преиспитување на деловниот модел
Иновативен бизнис-модел ќе го активира одложениот снажен имунитет на организацијата. Искуството, кризата од 2009 година (Меккинзи) нѐ учи, повторно, дека начинот на размислување е формулата за успех. Во индустрии кои глобално опаднале, опстоиле оние компании кои покажале агилност во прилагодувањето на новите услови, па имале дури и одреден развој во тек и значителен по кризата. Начинот на размислување/однесување на водството/луѓето било формулата за ова. Тие понудиле поинаков бизнис-модел.
Оваа ковид-19 криза најагресивно го засегна синџирот на набавки. Па, во оваа област лежи и можноста да се преиспита деловниот модел. Уште повеќе, вклучување на оние вработени кои дотогаш биле само раце, но не и глас, создава пролог за иновативноста која може да биде панацеa за организацијата во вакви времиња.

Планирањето за сукцесија стана ургентно
Планирањето и развој за замената на Ц-ниво на менаџмент стана реалност. Не е само хипотетичка. Во еден момент ќе се случи итна нужност за смена. Сега, особено во секторите каде што има зголемена побарувачка, неопходно е да си креира брза замена за луѓето кои треба да наследат одредени позиции.

Понудете ја вистината
Секако, тешка задача. Пред сѐ, потребно е да се филтрира каде е вистината од поројот невистини однадвор, но и однатре (сопствената ирационална интерпретација). Потоа, да се проектираат новите планови кои треба да вклучат високо учество на управување со ризиците. Од полза би можела да биде алатката од Економист интелиџенс јунит, матрица на ризици. Следниот чекор, да се пренесе таа вистина до луѓето подеднакво може да значи предизвик. Но, тоа секогаш, а особено во криза, претставува единствен модел за успех зашто нарушената доверба меѓу луѓето во системот кој во овие услови на криза е силно нарушен е онаа ефикасна формула за брз крах.

И повторно клучот е во соработката
Особено сега во пракса се потврдува дека соработката и синергијата е клучот на моќниот имунитет – на семејството, на тимот, на нацијата.
Погледнете го впрочем примерот на Министерството за здравство и синергијата во кризниот менаџмент на оваа извонредно сложена операција.

На пазарот на труд висока вредност доби (уште) една компетенција
Оваа криза нѐ поучи и дека кога правиме проценка на бизнисите... особено луѓето кои сакаме да ги вклучиме во тимот, бараме луѓе кои ја поседуваат отпорноста на промените... ја поседуваат жилавоста.

Аплауз и највисока почит за здравствените работници, полицајци, научници, вработените во индустријата на производство и трговија со храна, медицинска опрема и лекови, хигиена, транспорт... водачите и координатори на сите овие активности во заедниците кои го креираат новото окружување и новата реалност

И да, по сѐ изгледа, жилави сме
Очигледно е, се прилагодуваме соодветно на кризата. Тоа е, впрочем, во нашата ДНК.
На пример, секое ново заострување на мерките за социјална (повеќе физичка) дистанца, намалување на мобилноста, со тек на време дури стануваше очекувано. Како да отрпнавме и на (веста за) 85 часа под полициски час. Да, во добар дел причината дојде од добрата подготовка како дел од одличното водство на кризата.
И, да, имаше и такви меѓу нас кои бараат повеќе од мерките. Некоја посилна, посурова, поагресивна доза. Мерки кои треба да ги казнат оние „другите“ и непослушните, иако со нив се казнуваат и самите себе. Но, тоа е жртвата... а, жртва, нели, мора да има. И повеќе од тоа што е состојбата сама за себе.
Сепак, мноштво одбранбени сили работат на одржување на оваа „нова рамнотежа“... и не е тоа тукутака постигнат нов баланс. Мозокот, хемијата на мозокот, телесните системи работат напорно да ја воспостават и да ја одржат таа нова хомеостаза. Па, внимателно со трагањето по уште построги мерки.
Наспроти ова, задоволство е да се погледне наоколу и да се види колку во голема доза е предадено од колективното и индивидуалното „его“. Колку нашите сограѓани манифестираат повисока доза на: толеранција, емпатија, солидарност сега, во овие услови. Да, но тоа е површна, козметичка промена, би рекле скептиците. И, да, дали нема веднаш да се вратиме на старите обрасци на однесување штом имаме прилика за ова, е вистинското прашање. Останува не само да набљудуваме понатаму и да ги следиме промените во колективното и индивидуално однесување туку и да вложиме свесен индивидуален и колективен напор за промената која сакаме да ја видиме подолго време наназад пред пандемијата. Бидејќи покрај тоа што е глобална закана, оваа криза е и шанса.

Аплауз и највисока почит за ...
Херои на ова време остануваат да бидат најизложените наши сограѓани и професионалци во оваа толку тешка, напорна, одговорна, посветена, сложена, долготрајна, по живот опасна битка: здравствените работници, полицајци, научници, вработените во индустријата на производство и трговија со храна, медицинска опрема и лекови, хигиена, транспорт... водачите и координатори на сите овие активности во заедниците кои го креираат новото окружување и новата реалност.
И, секако, никако не заборавајте: вие (да, вие) ја заслужувате најголемата почит. Уште поточно, вашите мисли се за почит. Вашите мисли внимателно одбрани го креираат имунитетот! Оние конструктивни мисли кои ги победуваат стравот, сомнежот, несигурноста и креираат доверба кај своите луѓе и моќен колективен имунитет.
Одбележувајте го нивниот успех да креираат конструктивно однесување!

(Економија и бизнис, електронско издание, мај 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО