Бизнис

Лидерство во време на криза – научени лекции

Христина Лозаноска

Авторот е професионален бизнис-коуч и експерт за менаџмент со човечки ресурси, сопственик на ВИТА ИНСТИТУТ за едукација, менаџмент консалтинг и коучинг, www.vitainstitut.com

1 Дали постои „инстант свесност“ на страна на лидерите кога нагло влегуваат во промената која ја создаде кризата со ковид-19? Кои се предизвиците за лидерите соочени со кризата?
Верувам во долгорочни вложувања во личниот развој и искуствено оформување на лидерскиот стил кој, доколку е поставен на здрави основи, во криза ќе даде оптимални резултати. Оваа криза се вели, а и секоја друга „Will make or break leader!“

Големата неизвесност која доаѓа со кризата го активира емоционалниот ум кај човекот, се појавуваат стравови и грижи, и во такви услови се „стеснува полето на видикот“. Голем дел од луѓето лесно влегуваат во анксиозна состојба, на претерана грижа и фокус на проблемите.

Лидерите кои имаат високо ниво на емоционална интелигенција и самосвесност можат самите да ги разберат своите емоции и да не дозволат фокусот на мислите да им се фиксира на проблемот и на опасностите. Користат свои начини да се смират и да можат да ја согледаат ситуацијата од мета позиција, односно тоа е позиција кога вршиме опсервација на сопствените мисли и чувства, „размислувам за тоа што го размислувам“. Само со намалување на вознемиреноста и смирувањето на емоционалниот ум се вклучува неокортексот или рационалниот ум кој ќе му овозможи на лидерот да влезе во креативна фаза, односно да може да ги гледа решенијата и можностите околу себе, како и да создава алтернативи.

Оваа ситуација е потребна за да се изгради поле на стабилност во хаосот и оттука следниот чекор е преземање брзи акции и пробување нови искуства за да се проверат можностите кои постојат во изменетите услови. Кога преземаме брзи акции не сме во состојба да ги имаме сите информации и затоа мора да се потпреме на интуицијата која не секогаш се заснова на аналитика на информации, туку на некој магичен начин на кој нашата експертиза во работата, создавана со години, ќе нѐ води интуитивно да го направиме следниот потег. Во сето ова лидерот, свесен за себе и за ситуацијата, е спремен доколку првото решение не донесе посакуван резултат веднаш да се покрене во нови активности и преадаптации кои, всушност, ја покажуваат неговата резилиентност. Повисоко ниво на резилиентност значи поголема издржливост и способност за закрепнување.

Од даденото објаснување сам по себе произлегува фактот дека оние менаџери или лидери кои немаат изградено вакви вештини или од некои причини се поставени на несоодветни позиции, нема да се во состојба да покажат еднакво ниво на резилиентност, дури голем дел и ќе ретерираат затоа што условите во кои комформистички или сервилно ги вршеле своите функции се целосно променети, сега и нивните шефови од нив бараат проактивност, резилиентност, иницијативност, одговорност, да покажат лидерство во тимовите.

Затоа оваа криза сметам дека е голем тест за компаниите и институциите за тоа какво лидерство граделе во минатото, и многу е значајно кои ќе бидат научените лекции за тоа што ќе очекуваат од нивните лидери во иднина.

2 Какви улоги и дејствувања е потребно да преземаат лидерите за ефикасно да управуваат со кризната ситуација и да го одржат нивото на мотивираност и продуктивност кај вработените?
Една од главните задачи на лидерот во нормални услови е да биде визионер. Ќе се согласиме дека улогата „dream big“ сега не може да биде во центарот на интересирањето на лидерот.

Очигледно е дека во услови на криза не може да се задржиме на стандардните менаџерски алатки бидејќи немаме информации кои би ги анализирале и би ги категоризирале. Нема што да ставиме во Ексел затоа што не сме сами во кризата, не знаеме со што се соочуваат нашите бизнис-партнери, нивните бизнис-партнери, нашите клиенти, нивните клиенти и целиот тој систем на понуда и побарувачка кој во мирни времиња со овие менаџерски пристапи можеме да го анализираме и да го проектираме и врз база на тоа да носиме одлуки.

Во кризни услови потребно е брзо преземање акции, па затоа еден од стиловите кој се употребува во ваква ситуација е авторитативниот лидерски стил, кога нема време за многу консултации, туку потребно е лидерот брзо да носи одлуки и да ги мобилизира луѓето во акција „Ајде по мене!“

Примарната улога на лидерот во вакви изменети и вонредни услови е да го расчисти хаосот во кој нема никаква структура и правила, и од тотална непредвидливост и вознемиреност да создаде минимум стабилност, и да ги води луѓето во комплексна, но поструктурирана ситуација. Многу е важно да се воспостави сигурен канал на вистински информации затоа што секое „некомуницирање“ остава простор за ширење на дезинформации.

Главната улога на лидерот во криза е да влече напред, да не дозволи парализирање на тимот, а парализирањето се случува кога премногу се анализира, а се немаат соодветни информации, „анализа – парализа“. Фокусот да биде на преземање акции и креирање искуства!

За да може да го стори тоа, лидерот мора да има способост за опсервација, да биде способен да увиди дали е резилиентен на ситуацијата со што би преземал брзи акции за адаптација или е заглавен во проблемот, блокиран... и да побара помош. Е тука дејствуваат коучевите бидејќи коучингот е начин на работа преку кој се асистира на лидерот да се ориентира кон решенија, а не кон проблемот. Со коучинг се дејствува или за успех во постигнување на целите на клиентот или за негова лична трансформација. Во криза се работи со лидерот да успее да погледне „надвор од рамката“ која стандардно е во неговата глава и да ги мобилизира сите потенцијали и ресурси кои ги има во изнаоѓање на креативни решенија.

Ова ќе помогне лидерот да биде агилен и да презема брзи акции за преадаптација, како и да биде свесен за другите луѓе за да може да ги активира во нивната примарна улога за да ги трансформира анксиозноста и стравот, кои носат страдање кај луѓето во борба, во мотивација за преземање акции и спремност да се падне и да се стане колку пати и да треба за да се направи чекорот напред.

3 Кои лидерски стилови се применуваат во време на криза и зошто според вас коучингот како алатка за работа со лидерите, но и коучингот како лидерски стил е потребен и ефикасен во услови на криза?
Во кризни услови потребно е брзо преземање акции, па затоа еден од стиловите кој се употребува во ваква ситуација е авторитативниот лидерски стил, кога нема време за многу консултации, туку потребно е лидерот брзо да носи одлуки и да ги мобилизира луѓето во акција „Ајде по мене!“. Коучингот како лидерски стил се надоврзува на авторитативниот затоа што по секоја преземена акција лидерот треба брзо да провери преку луѓето што функционира, а што треба да биде поинаку или може да биде подобро. Преку коучингот брзо се учи и се усвојуваат нови стратегии.

Како методологија за работа коучингот се користи за да се изгради и да се искористи целиот потенцијал кој го има личноста. Притоа кога се работи коучинг со лидерите, со нивните реални бизнис-предизвици, коучот ја задржува објективноста и го води лидерот секогаш кон напред, кон позитивни решенија, кон оптимизам и креативност, што колку и да изгледа невозможно кога луѓето се парализирани од хаосот кој го создава кризата, полека го смируваат емоционалниот ум и можат да работат, да креираат решенија, алтернативи и да се проверуваат себеси преку градење на мета перцепција за реалноста, дали тоа е добро за нив и за компанијата.
Во исто време, дел од коучинг вештините корисно е да можат да ги применат лидерите во своето водење на луѓето со што ќе ги отклучат потенцијалите кај своите луѓе, ќе ги активираат за брзи дејствувања.
Воедно, преку коучингот се развиваат компетенциите на емоционалната интелигенција, што е потребно да биде вклучено во секоја лидерска програма за развој на лидери бидејќи самосвесноста, свесноста за сопствените емоции и мисли, како и за другите луѓе дава огромна предност во услови на криза кога сите познати правила за работење и живеење се рушат и потребно е да имаме внатрешни стандарди по кои брзо и успешно повторно ќе ги изградиме на начин на кој е најдобро за нас.

(Економија и бизнис, електонско издание, мај 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО