Убава Македонија

Дебрца

Александар Матески

Во борбата со маларијата, но и потребата од поголемо земјоделско производство, голем дел од блатата во Македонија се исушени или се драстично изменети. Белчишко Блато, или според неговите сини води познато и како Сини Вирој, е едно од најголемите преостанати блата во Македонија покрај Катлановско Блато, Студенчишко Блато и други. Блатото се наоѓа на надморска височина од околу 760 м, во подножјето на Илинска Планина, под нејзиниот западен разгранок Габер во областа Дебрца. На потегот со должина од околу два километри северно и североисточно од с. Ново Село, во правец на с. Белчишта, извираат повеќе карстни извори. Блатните површини опфаќаат околу 50 хектари. Многу е тешко човек да добие слика за географските одлики на еден реон пред неколку милиони години. Но, Белчишкото Блато, малиот реликт од дамнешното Десаретско Езеро, може за момент да потсети на изгледот на Дебрца пред 5,3-1,8 милиони години.

Блатото е посебно интересно и поради поплавените евлови шуми. Петкилометарската патека покрај преубавите вирови и изворчиња со вода е идеална за рекреативно-туристички активности во природа. Локалитетот е уреден со клупи и со видиковци и е одличен за одмор и за рекреација. Посебно е интересен за ботаничарите. Тука е и реката Матица чии води по вливот во река Сатеска, преку вештачкиот канал, завршуваат во Охридското Езеро во близина на с. Мислешево. Интересно е што во ова блато живее најбројната популација на видри (Lutra lutra) во Македонија, вклучена во категоријата на глобално загрозени видови. Поплавеното подрачје е идеална средина за овај исклучително вешт пливач кој се храни со риба, со ракови, како и со жаби и со водни инсекти. Пределот долг период бил живеалиште и за биволот кој ги сака реките и влажните низини. За жал, денес го нема, а ретки примероци од ова моќно животно има во с. Дебреште, Прилепско. Само на некоја од куќите може да забележите рогови како спомен за опстојувањето на ова животно кое најчесто се користело за транспорт и за орање. Според направените истражувања во блатото може да се сретнат повеќе видови птици меѓу кои поинтересни репрезенти се сјајниот ибис и големиот воден бик, а регистрирани се и пет видови лилјаци. Во минатото, во блатото живееле големи јата патки кои биле често ловени од мештаните.

Во Долна Дебрца се наоѓа и единствениот манастир во државава кој е посветен на сите светии. Лоциран во близина на селото Лешани, манастирот познат како „Си Свети“ нуди земен рај, уживање и душевен спокој. Изграден на плато, од него се протега прекрасна панорама. Над манастирот има густа дабова и габерова шума, а под него плодно поле.

Тезите за староста на старата манастирска црква се различни. Зачуваната стара црква од 1452 година е изградена на основите од многу постар храм чија старост не може со сигурност да се утврди. Претпоставките според едни е дека датира од XIII век, според други дека е од времето на Цар Самоил. Во близина, пак, е подигната новата црква „Си Свети“ изградена на почетокот на XX век со импресивни димензии, должина од 18 м, ширина и висина од по 8 метри. За потенцирање се чудотворната икона „Сите Светии“, но и претставите на „Царството небесно – Собор на Сите Светии“, единствената композиција во Македонија „Света Гора Атонска“ и други.

Манастирот е местото каде што се случиле бројни чуда, исцелувања... Манастирот игра битна улога и во најтешките премрежја на македонскиот народ во Илинденскиот период, како и за време на Втората светска војна. Од Дебрца е и еден од најопеаните македонски народни херои, Кузман Капидан, ликот кому ќе му биде посветена поемата „Сердарот“ од Глигор Приличев во 1860 година.

Александар Матески

ПРЕПОРАЧАНО