Општество

Портрет, во едно писмо до мојот син

Емануел Рембер

Авторот е директор на Францускиот институт во Скопје www.ifs.mk

Мил мој Антоан,

Ти благодарам за новостите. Но, тие се кратки. Раскажувај ми за Лондон и за Кралскиот колеџ, за студиите по биологија! Разговарај малку повеќе со татко ти. Кои се последните резултати на твојата омилена фудбалска екипа Арсенал?

Знаеш какви се големите осцилации на морското ниво во Нормандија. Пливач и набљудувач. Во мај, птиците летаат над рамнината Пеи де Ко. Кога тргнуваме на пат уживаш во буковата шума Офранвил во правец на Варанжвил-сир-Мер, таа катедрала од лисја, како што ја нарекува нашиот пријател Оливје, чист Нормандиец. Убаво ни е кога возиме кон разбрануваниот Ламанш. Сè е распеано во ова море, дури и утринската магла со мирис на зелено лисје. Сè е распеано во Нормандија, каде дождовите доаѓаат од запад.

Писмото од еден татко до својот син не е нешто едноставно. Семејството и адолесценцијата се теми што знаат да изненадат. Бев дете, но веќе не сум. Времето си ја врши работата.
Сине мој, често те викам Тоан. Тоа се римува со Сван.

Сети се на твојот последен престој во Северна Македонија, на средбата со Хераклион, рибар од Охридското Езеро. Тој ти покажа како да ја фрлаш рибарската мрежа, движење што се учи со генерации. Мрежата му е приборот. Кога се наоѓаме на неговиот брод среде езерото, нуркајќи во пријатната вода, нема ни вештачко цвеќе, ни лажни убавини. Еден час подоцна, на терасата од неговата куќа, пред тивкото плискање на брановите, грицкаме пржени рипчиња испрскани со сок од жолт лимон. Црквата „Свети Јован Канео“, еден од скапоцените камења на оваа земја кој сè уште се наоѓа во одлична состојба, го надвишува езерото. Планината на која гордо е исправена црквата наликува на набљудувачница. Ја гледаме. Долу Хераклион ни покажува црно-бели семејни фотографии, подуени од минатото и од мечтите. На ова езеро Хераклион бил славен првак по веслање, истата дисциплина што се практикува во Оксфорд или во Кембриџ. Тој е атлет кој од сè се воодушевува. Неговата насмевка е блесок. Стисокот од неговата рака, братство.

Што ќе правиш утре, по завршувањето на студиите по биологија? За една личност љубопитна како тебе и која сака сè да види, ништо не е невозможно. За разлика од сестра ти Матилда, ти ги сакаш рационалните заклучоци. Овој век се потпира на претходниот, но за науките сè ќе се движи побрзо, а и со цел да се поправи пустошот што го направија луѓето. Ќе ги откриеш преобразбите на светот. Можеби неочекуван фактор ќе ни донесе некаква обнова. Се ближиме кон еден сè подетален приказ на мозокот, на клетката, на менталните претстави, на небото и на нашите гени. Од бесконечно големото до најситното. „Учете од природата, таму ќе ја најдете вашата иднина“, нè поучуваше Леонардо да Винчи, првиот теоретичар на биомиметизмот.
Мил мој Тоан, кога повторно ќе дојдеш во Северна Македонија, ќе посетиме уште повеќе манастири. Недалеку од Скопје, Марковиот манастир. Место на заокружена понизност. Во него живеат и творат повеќе калуѓерки кои ги примаат оние кои сакаат да се оддалечат од немирот што ни го носи животот. Таму ќе се воодушевуваме како деца пред калеидоскоп. Фреските што ја украсуваат внатрешноста на црквата се исклучителни со своите сè уште живи, позлатени и сини бои. За оној кој знае да гледа, таму сè е прекрасно.

Често се прашувам што читаш. Кај мене е едноставно. На моја возраст луѓето не читаат, туку препрочитуваат. Одвреме-навреме чкрткам. Пишувам кратки колумни за повеќе списанија. Работам без план, планот е гаранција дека ништо нема да напишете. Веќе знаеш дека во очите на научниците колумнистот е аматер, а во очите на книжевниците никаквец или бескарактерна личност. Моите колумни се мов, ситна мов, зелена и во сите други бои што ги има едно привидение.

Те прегрнувам од сè срце, тато.

(Економија и бизнис, електронско издание, мај 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО