Општество

Назад во иднината

Сузана Камберова

Авторот е доктор по медицина

Треба да се запомнат миговите на среќа, се вели. Мирисите, звуците, боите, чувствата. Сѐ. И некогаш во иднина, во тешки денови, да се затворат очите и да се врати назад со мислите во еден таков миг. Да им се избега на неволјата и на мракот. Зашто тој неминовно доаѓа. Пред да го сетиме, веќе пристигнал.

Деновиве живееме живот сосема поинаков од вообичаениот. Сѐ започна речиси преку ноќ. Никој не ја забележа сенката; не се посомнева, иако предупредувања имаше доволно. Едно обично утро се разбудивме во сопствените постели, но во нечии туѓи животи.

Во војна сме, ни рекоа. Дури спиевте со очи отворени, таа започнала. Непријателот е подмолен; невидлив; одзема животи без пардон. Нов е и страшен воин на кој не му се знаат силата и тактиката, а зад себе остава пустош. Нѐ очекува битка, се разбира. Но, дури да пронајдеме соодветно оружје, мора да се притаиме. Да спасуваме животи; сопствениот, на семејството кое го сакаме, на пријателите. А тој чин на жртва за општото добро се формулира со два збора: „Седи дома.“
Но, знае ли современиот човек за жртвување? Како ја разбира сопствената слобода и што му претставува таа? Каков му е односот кон другите? Колку е спремен на откажување? На пример, од сопствениот комодитет? Почитува ли авторитет без да го преиспитува? Што е тоа „нов светски поредок“ и започнал ли веќе, како што веруваат љубителите на теориите на заговор? Се обидува ли Бил Гејтс да нѐ измами?

Треба ли да се молиме на Бога за да нѐ спаси или да се спасиме самите? Поголеми ли сме верници ако ги помагаме ближните или ако ги следиме обредните верски традиции? Веруваме ли ние во државата и нејзините институции? Подготвена ли е таа да нѐ заштити од секој вид закана? Го прави ли тоа?

Во новонастанатата реалност се соочивме со голем број дилеми. Преиспитуваме и нешта кои до скоро сме ги земале здраво за готово. Ќе биде ли светот поинаков, еднаш кога ова ќе заврши? Се репрограмира ли целиот наш внатрешен вредносен систем? Дали тоа што сме технолошки и цивилизациски понапред нѐ прави помудри од предците? Кои се денес нашите приоритети?

И сѐ така, едно прашање раѓа илјада нови претпоставки. Некои се сосема бесмислени, но други се многу посериозни одошто се чини.

Во новонастанатата реалност се соочивме со голем број дилеми. Преиспитуваме и нешта кои до скоро сме ги земале здраво за готово. Ќе биде ли светот поинаков, еднаш кога ова ќе заврши? Се репрограмира ли целиот наш внатрешен вредносен систем? Дали тоа што сме технолошки и цивилизациски понапред нѐ прави помудри од предците? Кои се денес нашите приоритети?

Како лекар, јас секогаш го избирам животот. Мојот приоритет е здравјето. Верувам дека само здрав поединец, само здрав колектив е предуслов за секоја форма на слобода и систем на уредување. Самата болест во помала или поголема мера е форма на изолација. Ја ограничува слободата. Секој пациент тоа го знае, но здравиот не секогаш му верува на болниот. Не е во неговата кожа.

Некој правник или сосема обичен човек можеби поинаку го сфаќа проблемот. Го гледа низ перспективата на ограничување на индивидуалните слободи. Не го напуштајте домот, освен по потреба! Не без маски! Доколку ова не се почитува, ќе се спроведе со полициски мерки. Колку се тие оправдани, се прашува тој, затворен меѓу четирите ѕида очи во очи со сопствениот живот. Можеби реално и не постои болест, си мисли? Сите имаме имунитет; природата ни го дала да нѐ заштити од болести. Изолацијата ќе нѐ разболи. Да излеземе, слободни, па кој преживее, преживее. За месец до два ќе сме сите имуни.

Да, за некого нема оправдување за ограничувањата на човековите права во ниедни околности, па ни во интерес на колективното здравје. Некогаш е тенка линијата меѓу слобода и хаос. Некој никогаш не доживеал масовна закана по здравјето. Што ако таа не постои веќе? Само средновековни приказни, за луѓе од страв затворани во карантин. Човековите права денес се скапа придобивка. Ако затреба, ќе се брани дури и правото на болест.

Економистот пак во сето ова гледа загуба и огромна штета за стопанството. Производството стои; непродуктивност, нема размена, трговија, пазар. Како ќе се прехраниме, се прашува. Колку време ни преостанува вака, во состојба на слободен пад, пред да се приземјиме на дното; пред да настапи глад, сиромаштија, кражби, социјални немири кои ќе прераснат во политички? Во колапс на целиот систем, граден од стотици генерации? За него тоа е приоритет. Ова ниво на развој не е стекнато преку ноќ, мисли. Тоа се генерациски придобивки. Дали колективното здравје е доволна причина сето тоа да пропадне? Загуба наспроти добивка, кој е скорот? А што вели статистиката? Таа предвидува само 2 до 3 % смртност од болеста. Главно повозрасното, непродуктивно население. Но, дали се луѓето бројка? Статистички податок? Колку од болните ќе бидат работоспособни?

Вакви примери и прашања можеме да нижеме во недоглед.

Велат, човековата меморија е краткотрајна. Како инаку луѓето би биле во состојба да продолжат понатаму по исклучително трауматични животни искуства, на пример војни? Само со заборав. Некои тврдат дека и мајката ги потиснува сеќавањата на породилните болки за да може повторно да раѓа. Така ли е сѐ во животот?

Многупати човекот морал да заборави. Но, исто така имал потреба и да се сеќава. Затоа документира. Остава трага за своето постоење. Понекогаш, кога не гледаме излез, кога мислиме дека неволјите кои нас нѐ снашле се единствени такви, откако е светот и векот, треба да погледнеме во минатото. А таму ќе се најдеме себеси од иднината. Повторно го живееме она што некогаш било. Сѐ оди во круг. Сите приказни веќе се случиле. Ништо не е ново под Сонцето.

Тешки болести го напаѓале и ќе го напаѓаат човештвото. Изолацијата, губитокот на слобода, економска немоќ во таа борба, не се ново искуство. Не се крај на светот. Само ние прв пат ги доживуваме.

А како било некогаш?
Да се вратиме во не толку одамнешната историја; САД во средината на дваесеттиот век. Настан? Сезонските епидемии на детска парализа, болест предизвикана од вирусот на полио. Својот пик го достигнува со големата епидемија од 1952 година.
Според зачуваните историски податоци, паниката и стравот од полио биле страшни речиси колку и самата болест. Оние кои ќе ја преживеат остануваат целосно или делумно парализирани. Помалку среќните, со респираторната форма на полио, не можат да дишат. Вирусот ги напаѓа нервите на мускулите од градниот кош, па се користат машини за дишење, „челични бели дробови“, слични на денешните респиратори. Тие чинеле колку една просечна куќа и не можел секој да си ги дозволи.
Децата најчесто умираат во првите 24 часа. Очајот на родителите е немерлив, стравот надвор од контрола, а нацијата во паника.

Доктор Џонас Салк и тимот истражувачи во 1955 година успеваат да постигнат значаен напредок во изработката на вакцина. „Ова е момент без преседан во историјата“ – ќе објави Њузвик.

Што му претходи на овој настан?
Полиото е болест присутна уште од антиката. Причинителот е вирус кој предизвикува паралитички полиомиелитис. Во организмот влегува преку устата. Извор се фекалиите, а се пренесува со нечисти раце.
Сѐ до XIX век болеста се јавува повремено во помали заедници и со мал број заболени. Најчесто кај новороденчиња и деца. Таа немала карактеристики на епидемија. Во почетокот на ХХ век нешто во начинот на ширење на болеста се менува. Наместо со изолирани жаришта, сѐ почесто се јавува во епидемиска форма. Иако звучи парадоксално, се смета дека до епидемија доаѓа поради подобрените хигиенско-санитарни услови на живот. Во минатото, новороденото, во услови без проточна вода и тоалет, лесно доаѓало во допир со мала количина на вирусот. Така се „самовакцинирало“. Контактот бил недостатен да предизвика болест, но доволен да создаде имунитет. Ретки биле случаи со потешки форми. Кога во почетокот на XX век се подобриле санитарните услови, овој природен пат на имунизација исчезнува. Цели генерации израснуваат незаштитени од можен напад на вирусот.

Kако лекар секогаш ќе одберам борба за живот. Сѐ друго може да се врати, да се надомести, порано или подоцна; слободата, правата, да се обнови економијата.
Но, не и животот. Тој е еден и единствен. И секогаш скапоцен

Индустријализацијата, порастот на градовите, новите форми на социјално здружување и промените во културно-економскиот живот ги доведува овие генерации во опасност. Првата поголема епидемија во 1916 година ќе ја ужасне нацијата.
Домовите во кои има случај на полио се ставаат во карантин. За непочитување на карантинот се плаќаат драстични казни. Поради страв од ширење на заразата, летно време се затвораат собиралиштата, базените, кината, плажите и други јавни места. Весниците се преполни со совети како правилно да се мијат рацете и да се исчисти куќата.

Масовно се оди во планина; се бега надвор од заразените градови. Цели места се ставаат во карантин ако во нив има заболени.
Познато, зарем не? Минатото е или иднината?

Вака животот се одвивал со години. Епидемиите избиваат најчесто во лето. Стравот е огромен. Паниката расте пропорционално со стапката на новозаболени, а таа е сѐ повисока.
Конечно, на 12 април 1955 година, официјално е објавено дека вакцината е успешна. Следува масовна еуфорија. Забележано е дека фабриките запираат со работа, бијат камбани, а луѓето ги полнат улиците; плачат од среќа и олеснување. Славјето не запира со денови. Салк е национален херој.

Останатато е историја. А историјата, велат, е учителка. Нѐ учи ли таа што е поважно? Животот, здравјето, слободата, човековите права, материјалните добра? Дали повеќе животи ќе страдаат од нашите обиди да ги спасиме на сметка на сето останато или ако не се обидуваме тоа да го направиме?

Никој го нема одговорот. Ниту јас.
Можам само уште еднаш да повторам, како лекар секогаш ќе одберам борба за живот. Сѐ друго може да се врати, да се надомести, порано или подоцна; слободата, правата, да се обнови економијата.
Но, не и животот. Тој е еден и единствен. И секогаш скапоцен.

(Економија и бизнис, електронско издание, мај 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО