Бизнис

Да имате е-продавница е само почеток

Дарко Булдиоски

darko@newmedia.mk allweb.mk

Ако продавате нешто на интернет, значи имате прилично јасна цел, лесна за дефинирање и мерење, време е да се фокусирате на оптимизирање. 

На сите досега ни е повеќе од јасно дека под влијание на актуелната пандемија најголем дел од нас сѐ што можат купуваат или се трудат да купат на интернет. Нормална реакција со оглед на сите препораки. И ние, односно нашиот пазар не се разликува многу во споредба со останатите пазари низ целиот свет. Секој ден се појавуваат различни анализи, истражувања, искуства и статистики за промените кои ги носи оваа пандемија, особено во поглед на порастот на е-трговијата, но и малку подетално во поглед на типот на производите кои сега се купуваат помалку или повеќе. 

И нашата асоцијација за електронска трговија во неколку различни наврати излезе со некои бројки кои го потврдуваат растот и на локалниот пазар, но исто така сподели и број на нови поднесени барања до банките за отворање нови е-продавници. Не треба да одам подалеку, и ние за нашите клиенти периодов интензивно работиме во овој сегмент.

Во ред, утврдивме. Побарувачка, односно потреба кај населението има, понудата расте, можеби не е најдобра, но секој ден има сѐ повеќе опции. Но дали некој во целово ова лудило има време и простор да размислува и за квалитетот? Секој ден по социјалните медиуми налетуваме на искуства, позитивни и негативни, кои нашите пријатели и познаници со желба добронамерно да посочат или гневно да се испразнат го опишуваат своето искуство со некој онлајн продавач. Немам јас некој дециден став за тоа дали треба да бидеме критички настроени или треба да ги земеме предвид сите околности и да отстапиме повеќе простор за разбирање на другата страна. Повеќе ми личи дека процената треба да се прави од ситуација до ситуација и некогаш треба да бидеме незадоволни, некогаш треба да им дадеме поддршка на компаниите кои се гледа дека се трудат да го подобрат целиот процес и покрај сите предизвици со кои се соочуваат. Секако, не секогаш купувачот може да направи добра проценка за ситуацијата затоа што не ја познава и нема потреба да ја познава заднината на бизнисот, нема доволно информации и сл.

Оптимизирањето за пребарувачите комотно може да се толкува и како оптимизирање за корисниците. Гугл како број еден пребарувач е само посредник кој се обидува навиките и потребите на самите корисници да ги преведе во сложен систем на алгоритми кои ќе им служат поефективно токму ним, на корисниците. Па затоа, ако се оптимизираме за Гугл, всушност ние се оптимизираме за нашите корисници

Која и да е причината за недоволно доброто искуство кое го нудат локално продавачите на интернет, останува еден факт кој морам само да го посведочам, не и да го осудувам. А тоа е сознанието дека во ваква ситуација компаниите често носат погрешни одлуки, неискусни одлуки, непромислени процеси и сл. што, секако, е очекувано, немале до сега толку фокус на онлајн продажба, сега се ставени пред свршен чин и мора да реагираат. Да бидам искрен, можеби така ќе биде и најдобро да научат, но од друга страна мислам и дека нема голем дел од нив да имаат желба нешто посебно да подобрат откако ќе им се вратат во функција главните канали на продажба. Останува да видиме, се надевам дека грешам. Она во што со сигурност сум убеден дека не грешам е потребата секоја нова онлајн продавница да размислува примарно за корисничкото искуство кое го нуди. И тука доаѓаме до моментот зошто оптимизирањето за пребарувачи е клучно за онлајн продавниците.
Оптимизирањето за пребарувачите комотно може да се толкува и како оптимизирање за корисниците. Гугл како број еден пребарувач е само посредник кој се обидува навиките и потребите на самите корисници да ги преведе во сложен систем на алгоритми кои ќе им служат поефективно токму ним, на корисниците. Па затоа, ако се оптимизираме за Гугл, всушност ние се оптимизираме за нашите корисници.

Имајте го тоа на ум ако продавате нешто на интернет, значи имате прилично јасна цел, лесна за дефинирање и мерење. Ако продавате нешто на интернет значи дека очекувате потенцијалните купувачи да го бараат вашиот производ кога ќе имаат потреба за него. А тоа се случува секако на Гугл. Значи, ако ве нема во резултатите или не сте при врвот или не изгледате доволно убедливо, тоа значи дека потенцијално може да губите стотици продажби. Без разлика на големината на пазарот, однесувањето на корисниците кај нас не се разликува многу, ние повторно одиме да пребаруваме и носиме одлука, меѓу другото, и врз основа на искуството кое го нуди е-продавницата.

Не е доволно ниту во време на пандемија ниту никогаш само да ја направите продавницата и да се фалите на своите социјални медиуми дека ја имате, сте ја направиле. Не е доволно да ги внесете производите и да не напишете ниедна реченица опис или да направите повеќе фотографии или видео од нив. Не е доволно само да имате е-продавница, потребно е таа да се вчитува брзо, да е прегледна, да е лесна за користење и да го води потенцијалниот купувач од точка А до точка Б без многу големи можности за откажување. Не е доволно само да ставите код за аналитика, потребно е да знаете да ги поставите вистинските параметри за мерење, да ги дефинирате патеките на движење и да знаете која бројка што точно значи во самото однесување на вашиот потенцијален или постоечки купувач. Не е доволно само да се појавувате на Гугл, потребно е да се трудите да бидете најгоре за што е можно повеќе релевантни клучни зборови, да ги откриете пребарувањата кои носат купувачи, а не само разгледувачи, потребно е во првата реченица да го понудите она што го бара купувачот за да кликне и да го испорачате тоа кога ќе го донесете на вашата е-продавница.

Во обид да се помогне на секој можен начин периодов, меѓу другите активности се појавија неколку места каде што може да се најдат излистани е-продавници кои работат на територија на цела држава или само делови. Не сакам да бидам погрешно сфатен, сето тоа е супер и корисниците имаат корист од тоа, но навиките кои ги имаме, инстинктот и очекувањата кои ги практикуваме секој ден не се оние од пред 20 години кога интернетот бил организиран во листи и директориуми, начинот на кој организираме податоци во нашиот компјутер. Интернетот одамна е многу повеќе од тоа, може и прави повеќе од тоа. Од една страна, сите се радуваме дека ете, макар и за лошо, има добри работи, па здраво ни се помрдна понудата онлајн, но од друга страна мораме да бидеме и континуирано критични и фокусирани за тоа да биде доволно добро за да не се чудиме потоа зошто народот нема проблем да нарачува на Алиекспрес, а не купува од домашните продавници.

Пандемијата ќе помине, се надеваме побрзо, она што ќе остане се е-продавниците, надминатите бариери и изменетите навики на купувачите. Не смееме да дозволиме да остане само на тоа. На ред е борба за пазар, пазарен удел, подобро искуство, градење брендови и, секако, монетизација на сето тоа.

(Економија и бизнис, електронско издание, мај 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО