Општество

Одлука имаме, што е следно? (Секогаш некој може да каже „не“)

Драган Тилев

Авторот е државен советник за европски прашања

Кога овој март (2020 г.) Советот на ЕУ одлучи дека може да ги започнеме пристапните преговори, малку кој забележа дека поминаа точно 16 години од денот кога ја поднесовме нашата апликација за членство во Европската Унија (март 2004 г.). Со апликацијата, како генерациска консензуална одлука, јасно ја изразивме нашата определба дека ние сакаме да станеме членка на Европската Унија и дека сме свесни за сите последици од таквиот чин. Шеснаесет години подоцна Советот на ЕУ, односно едногласно сите земји членки (чија бројка патем се промени) одлучија дека тие се спремни да ги започнат пристапните преговори за наш прием во Европската Унија.

Многу нешта се случија меѓу овие два датуми, многу одлуки се донесоа, добри, лоши и оние помеѓу, некои на време, некои со задоцнување, а некои сѐ уште треба да бидат донесени. Историјата не препознава правда и праведност, таа ги бележи настаните и фактите, а тие зависат од одлуките кои ги носиме, колективно или индивидуално. Од тоа какви одлуки ќе носиме натаму ќе зависи дали до постигнувањето на нашата втора стратешка цел, членство во ЕУ (првата ја остваривме со членството во НАТО), ќе поминат пет, десет или петнаесет години. Иднината никој не може да ја предвиди, но придвижувањето напред зависи од одлуките кои мора секојдневно да ги носиме, барем за оние нешта кои зависат од нас.
Компромис е клучниот збор во животот кој треба да се учи во неговата суштина, а во политичкиот свет е почеток или крај на секоја политичка кариера. Секој проблем започнува поради немање капацитет за прифаќање компромис и секој проблем се решава кога ќе ја достигнете точката на компромис. Компромисот е основата на секоја зрела одлука. Сметам дека сме доволно зрело општество кое знае да прави компромиси секогаш кога од другата страна има соговорник или преговарач кој исто така е спремен на компромис.

Во пристапниот процес во кој сме веќе над 20 години веќе научивме дека има и такви одлуки кои не зависат од нас, туку исклучиво од членките на Европската Унија. Во Договорот за основање на ЕУ стои дека секоја европска земја која ги почитува вредностите на ЕУ и е посветена на нивно промовирање може да аплицира за да стане членка на ЕУ. Тоа го сторивме одамна. Но, исто така е добро познато дека сите почувствителни одлуки на ЕУ сè уште се предмет на едногласност, односно консензус. Приемот на нови членки во ЕУ и која било одлука поврзана со проширувањето на ЕУ е предмет на ова правило и потенцијална причина за вето, што го искусивме и на сопствената кожа.

По одлуката за почеток на пристапните преговори нема назад, патот ни е отворен. Не е време за ситни политички, партиски или лични поени, ова е момент кога треба да се бара и гради како со политичките, така и со сите општествени чинители, највисок можен консензус за нашите државни ставови кои ќе ја определат иднината на земјава за наредните генерации

Некој секогаш може да каже „не“ во која било фаза од пристапниот процес. Ние кои подолго време работиме на евроинтегративниот процес и ги познаваме неговите политички, правни и технички скриени агли, но ја познаваме и историјата на процесот, свесни сме дека секоја земја членка, голема или мала сеедно, во одреден момент, сметајќи дека ги штити своите национални интереси, може да го успори или да го блокира пристапниот процес. Вчера тоа беше Грција (и не само Грција), пред донесувањето на одлуката за почеток на преговорите тоа беа Франција, Холандија (и не само Франција и Холандија), утре тоа може да биде Бугарија, Грција (и не само Бугарија и Грција). Тоа е реалноста и тоа се правилата на „игра“. Тие важат за нас исто како што важеа за сите други земји кои станаа членки или се во преговори да станат членки на Европската Унија. Вкрстувањето на интересите (не секогаш во наша корист) ќе го чувствуваме на секој чекор од процесот, но тоа е начинот на кој е изградена и функционира Европската Унија (дијалог и компромиси). Тоа не можеме и не треба ниту да губиме енергија да се обидуваме да го промениме, можеме само брзо да учиме и да се обидеме што побрзо да се прилагодиме.
И покрај пандемијата и силните негативни влијанија на политичката и економската внатрешна и надворешна позиција на ЕУ (да не го заборавиме и ефектот од БРЕГЗИТ кој е сѐ уште незатворено прашање), процесот на проширување се чини како единствена светла точка каде што работите се одвиваат според планираното во програмата на новата Комисија. Тоа е барем малку позитивен ветер во грбот на Комисијата и на комесарот Вархеји, но и на земјите членки, особено на Хрватска која може со целосно право да запише успех на своето конто и реализација на своите ветувања, вклучително и реализацијата на Самитот ЕУ – Западен Балкан. Ваквата позитивна клима во делот на проширувањето, и покрај сите други потешкотии со кои се судираме, несомнено ни одговара и нам.

Наредното трио земји кои го преземаат претседавањето со Советот на ЕУ за наредните 18 месеци (јуни 2020 г. – декември 2021 г.) се Германија, Португалија и Словенија, што може да се смета за извонредно поволна комбинација за нас и за проширувањето, продолжено од Франција – Чешка – Шведска (јануари 2022 г. – јуни 2023г.).

По одлуката за почеток на пристапните преговори нема назад, патот ни е отворен. Не е време за ситни политички, партиски или лични поени, ова е момент кога треба да се бара и гради како со политичките, така и со сите општествени чинители, највисок можен консензус за нашите државни ставови кои ќе ја определат иднината на земјава за наредните генерации.

Истовремено со одлуката, Советот на ЕУ ѝ додели мандат на Европската комисија да подготви нацрт-преговарачка рамка во која треба да се вметнат сите услови и предуслови под кои Европската Унија ќе ја прими Северна Македонија како полноправна членка. Преговарачката рамка се смета за најважниот документ со кој земјите членки ги утврдуваат основните позиции за преговори и ја обврзуваат Европската комисија, која ги води технички преговорите во нивно име, да се придржуваат до нив. Со оваа рамка се дефинираат текот, опсегот и структурата, клучните услови кои мора да се прифатат, процедурите и структурите преку кои ќе се одвиваат преговорите до нивното завршување под клаузулата „ништо не е договорено додека сѐ не се договори“, што значи дека преговорите ќе се сметаат за отворени за целото нивно времетраење сѐ до моментот на постигнување на целосна согласност меѓу двете страни за целокупниот текст на пристапниот договор за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Европската комисија ја подготвува првата нацрт-преговарачка рамка врз основа на претходни искуства, пред сѐ од Црна Гора и Србија и со вклучување на сите елементи од новата методологија за зајакнати пристапни преговори. Штом нацртот биде готов, Комисијата ќе го отвори за усогласување со земјите членки преку КОЕЛА (Комитетот за проширување е тело на Советот на ЕУ задолжено за проширување и преговори) при што тие ќе имаат можност да лицитираат со своите специфични барања. Рамката потоа ќе мора да помине низ процедурата на КОРЕПЕР (Комитетот на постојаните претставници на земјите членки при ЕУ) пред усвоујувањето од страна на Советот на ЕУ за општи работи (СОР), како и прифаќањето од страна на Европскиот совет. Ние не учествуваме во дефинирањето на рамката ниту пак на нејзината содржина, освен посредно кај пооделните земји членки преку нашите дипломатски капацитети. Комесарот Вархеји најави дека преговарачката рамка ќе ја стави во процедура во јуни, истовремено со објавувањето на редовните извештаи за напредокот во процесот на проширување на сите земји од Западниот Балкан. Доколку се усогласи преговарачката рамка за нас ќе се создадат услови за одржување на првата меѓувладина конференција за време на германското претседавање во втората половина од 2020 година, најверојатно во периодот меѓу септември и декември. Точниот датум ќе зависи од утврдувањето на преговарачката рамка.

Промените, односно реформите и прилагодувањето на новонастанатите околности стануваат основен услов за напредок, но и за „опстанок“. Во такви услови на константни промени ќе се одвиваат и нашите преговори за членство во Европската Унија. Никогаш не било и нема да биде лесно, ќе има уште многу предизвици. Но, предизвиците се и инспирација, а упорноста во нивното совладување останува клучниот генератор на сите промени кон подобро

Во секој случај, околностите ќе бидат многу комплексни бидејќи Германија ќе мора да го менаџира единството на ЕУ во услови на корона кризата и во услови на длабока рецесија, ќе мора да го понесе товарот на затворање на преговорите со сите триесет и четири за новата Повеќегодишна финансиска буџетска рамка 2021–2027 г., да го утврди новиот буџет за 2021 година под ударот на корона вирусот и економските последици од тоа, да го затвори прашањето на употребата на Европскиот механизам за стабилност и евентуалните корона обврзници итн. Сите овие прашања се од егзистенцијална важност за иднината на ЕУ и за тоа каква ќе биде по надминувањето на оваа најголема криза со која се соочува во своето постоење. Во вакви околности прашањето за затворање на преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференција дополнително ќе ја оптовари агендата на Германија за втората половина на годината, но во исто време може да биде и светол момент во практикувањето на конзистентна политика на проширување и зацврстување на регионалната стабилност, вклучително и преку Берлинскиот процес (копретседаван од Бугарија и Северна Македонија како доказ за можност за соработка и компромис). Во истиот период, втора половина на годината, се планира и усвојување на големиот економски и инвестициски план за Западен Балкан кој во Загреб во мај ќе биде само најавен.

Првата меѓувладина конференција е од исклучителна важност и поради фактот дека од тоа зависи и кога ќе продолжат билатералните скрининзи (објаснувачките скрининзи ги реализиравме за сите 33 поглавја) според новата методологија, кои секако ќе се одвиваат во период не пократок од една година, почнувајќи со кластерот „Фундаменти“, а потоа следен од останатите пет кластери во кои е содржано целокупното право на ЕУ кое треба да го транспонираме во нашето национално законодавство.

Во тој случај би се отворил простор за Франција да се фокусира на конференцијата за иднината на Европа која, секако, треба целосно да се редефинира поради интензитетот на корона вирусот, но и поради низа пројавени слабости во сегашното функционирање и начинот на одлучување во рамките на ЕУ. Работата на конференцијата ќе треба и да се динамизира за да финишира како што е планирано во првата половина од 2022 година, за време на претседавањето на Франција со Советот на ЕУ, токму кога ќе се случат и претседателските избори во Франција кои, пак, се од круцијално значење не само за Франција туку и за одржувањето на ЕУ.

Секое време носи промени, но сведоци сме на забрзување на циклусот на промени без преседан, особено во последниве 10 до 15 години. Во глобалниот отворен свет во кој живееме никој не е поштеден од промените, па дури и кога процесот поради пандемијата се одвива реверзибилно, кон времено затворање. Затоа мора да бидеме потполно свесни дека ЕУ која ја познаваме денеска нема да биде иста по пет или десет години исто како што ќе се менуваме и ние и нашава држава. Промените, односно реформите и прилагодувањето на новонастанатите околности стануваат основен услов за напредок, но и за „опстанок“. Во такви услови на константни промени ќе се одвиваат и нашите преговори за членство во Европската Унија. Никогаш не било и нема да биде лесно, ќе има уште многу предизвици. Но, предизвиците се и инспирација, а упорноста во нивното совладување останува клучниот генератор на сите промени кон подобро.

(Економија и бизнис, електонско издание, мај 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО