Lifestyle

Moдата во 2021 година – втор дел

Лидија Георгиева

Авторот е дизајнер, редовен професор

Втор дел – За одговорно производство, проблемите и предизвиците

Проекцијата во иднина е составен дел од работата во модната индустрија, а особено периодов таа потреба е од витален карактер за сите сериозни учесници во овој сектор.
Никој не може со сигурност да предвиди како ќе изгледа таа, некои од поголемите играчи веќе профитираат, но сигурно е дека за некои ќе има помалку профит. Како и да е, поради општо добро, повеќе одговорно производство ќе мора да има за сите.
Кои се првите индикатори, кои компании се предвесници за евентуални решенија за овој неочекуван развој на настаните?
Според редиците кои се појавија насекаде пред шопинг моловите, но и според најновите спектакуларни заработки објавени во луксузните продавници, евидентно е дека, покрај вообичаеното однесување, потребите за купување ќе се поларизираат. Без разлика дали се работи за масовен пазар или за скапи колекции, ќе има категорија импулсивно купување, а ќе има и рационално трошење поради најавената економска криза.
Но, покрај ова, мора да се истакне дека сѐ погласни се изјавите дека новото нормално треба да биде навистина ново, а овој период да се сфати како можност да се искоренат старите лоши навики. Особено ќе биде неопходно од почеток да се работи на нашиот погрешно изграден менталитет за фрлање на употребни предмети, од една страна, а и на самиот процес на производство и продажба, од друга страна.
Како ќе изгледа новата економија во модата, кои се проблемите и предизвиците?

 

Додека сите актуелни фестивали, изложби, вебинари се одржуваат виртуелно, луксузните куќи се обидуваат да ја анимираат својата публика на разни начини и без класичните ревии кои беа откажани. Најголем дел од нивното присуство на пазарот се пресели во дигиталната сфера, па маркетинг-екипите се натпреваруваат во пронаоѓање на разни креативни решенија за постојано афирмирање и за оптимизирање на презентациите на новите колекции. Но, тука се и сѐ погласните и сега веќе незаобиколни еко одговорни ангажмани на сите нивоа на оваа индустрија.
Неодамна референтното списание Вог одржа серија глобални конверзации преку апликацијата Зум во кои се дискутираше на тема креативност во време на криза. Покрај легендарната уредничка на Вог, која беше инспирација за филмот Ѓаволот носи Прада – Ана Винтур, зборуваа и Џон Галијано, Марк Џејкобс, Стела Мекартни, но и нови, независни дизајнери кои се појавија од неодамна на модната сцена. Иако не ми се допадна тоа што некои дизајнери се обидоа овој собир на модната заедница да го искористат за пласирање на своите производи, вреди да се потенцира дека преовладуваше мислењето дека е крајно време да се престане со претераниот и неконтролиран консумеризам и да се воведат нови етички стандарди во начинот на функционирање на овој сектор.
Ориентацијата кон одржлив развој е насока во која модата се движи веќе неколку сезони. Но, што точно значи одржлива мода за потрошувачите, а што за производителите?
За крајните потрошувачи ова може да значи неколку работи – на пример да се купува помалку облека, но таа да е квалитетна, да се купува облека што трае подолго, да се купуваат работи кои се произведени на одговорен начин кој не нанесува штета на екосистемот, ниту пак експлоатира детски труд, ако не е многу оштетена облеката да се поправа наместо да се фрла, а доколку сте вистински следбеник на модата во вашата гардероба сигурно имате и уникатни винтиџ дизајни. Се појавуваат разни нови начини на комуникација меѓу самите клиенти – фанови на одреден бренд, а веќе извесен период постојат и сајтови на кои можете да ја разменувате или да ја продавате вашата облека.

Да се купува помалку облека, но таа да е квалитетна, да се купува облека што трае подолго, да се купуваат работи кои се произведени на одговорен начин кој не нанесува штета на еко системот, нути пак експолатира детски труд, ако не е многу оштетена, облеката да се поправа наместо да се фрла, а доколку сте вистински следбеник на модата во вашата гардероба сигурно имате и уникатни винтиџ дизајни

НОВИ ЕКО ОДГОВОРНИ ПРОИЗВОДСТВЕНИ ПРОЦЕСИ
Освен загадувањето за кое интензивно се зборува веќе неколку години, проблем кој поради кризата се појави во најновите извештаи е и управувањето со акумулираните залихи. Работењето со непродадените артикли ги засега сите производители кои работат на принцип на антиципирано производство. Едно од решенијата може да се најде во циркуларната економија која има капацитет да ги реинтегрира овие артикли, но во некои европски земји постојат и законски решенија како, на пример, забрана за уништување на непродадените артикли, која ќе ги обврзе фирмите кон оптимизирање на животниот циклус на облеката и на останатите продукти кои се презентираат на пазарот.
Поради тоа мора да се подготви следната етапа – конципирање на колекции и на производствен модел кој е одржлив и еко одговорен. Тука, секако, неопходно е и да се отворат и прашањата за сезонска мода и репетитивните циклуси на колекции. Особено во секторот на таканаречена брза мода (fast fashion) производствениот процес ќе мора да се преиспита и да се произведуваат само потребните количини.
Притоа се појавуваат разни иновативни решенија кои овозможуваат рециклирање на веќе произведените модели, но и материјали. Па така пример на организација која вреди да се истакне е невладината Еко-ТЛЦ (Eco-TLC) во Франција. Се работи за организација која ги собира употребените материјали за да ги реинтегрира во циркуларната економија.

За изработка на една маичка се троши вода еквивалентна на 70 туширања, а за џинсот бројката е уште пострашна – 258! За производство на еден дизајн од џинс потребно е џинсот да се плакне бидејќи во спротивно материјата ќе биде доста брутална. За жал, со овој процес на обработка се трошат огромни количини на вода

ИДНИНАТА Е ВО НОВИТЕ ТЕХНОЛОГИИ
Анализите покажуваат дека особено во областа на спортот и на технологијата во пораст е интересот за нови материјали кои истовремено содржат елементи на перформанс, на иновација и на еколошка одговорност.
Тенденција во пораст е и потребата за транспарентност во производствениот процес, користените предива, суровини и воопшто за целиот синџир на снабдување – кој го произведувал моделот, дали не е користен детски труд итн.
Прашањето за таканаречениот крај на животот на еден дизајн или материјал сѐ повеќе се поставува во напорите за олеснување и подобрување на процесот на рециклирање. Воедно се зема предвид и потенцијалот за нивно рециклирање – на пример, да е биоразградлив или да може да се рециклира. Па така, уште при самиот избор на предива, тенденцијата е кон природни билошки материи со автентичен допир (волна, лен, памук, свила...).
Понуда која веќе стана незаобиколна се рециклираните влакна кои бележат пораст во нивниот удел на пазарот на спортски и технолошки производи. Составени се од рециклирана материја, природна или синтетичка, може да е памук, лен, полиестер, полиамид, но најмногу се користи свила.
Но, тука е сериозен проблем и загадувањето, особено во секторот џинс. На пример, за изработка на една маичка се троши вода еквивалентна на 70 туширања, а за џинсот бројката е уште пострашна – 258! За производство на еден дизајн од џинс потребно е џинсот да се плакне бидејќи во спротивно материјата ќе биде доста брутална. За жал, со овој процес на обработка се трошат огромни количини на вода.
Од 2011 година, брендот Левис тежнее кон ограничување на оваа потрошувачка со воведување на дваесетина нови техники на производство наречени вотерлес (WaterLess). Наједноставната се состои од тоа да се користи истата вода за неколку циклуси на перење, а друга покомплексна опција е да се користи озон. До 2021 година, дизајните на овој бренд ќе бидат целосно конципирани на овој начин.
Кон крајот на март годинава, брендот Ли Купер ја лансираше линијата Ли Купер еко (Lee Cooper ÉCO) која го сигнализира нивниот еко одговорен ангажман. Изработена од рециклирани материјали и од пластичен отпад кој ги загадува океаните, линијата се состои претежно од џинс, јакни и маички. Покрај ова, англискиот бренд го пренасочи својот производствен процес кон користење на помалку вода за плакнење на џинсот и со идеја да се престане со употреба на токсични супстанции.

(Економија и бизнис, печатено издание, јули 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО