Економија

Предизвиците за светската економија

Трајко Славески

универзитетски професор, Економски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

Првите знаци дека се заканува глобална економска рецесија се појавија минатата година. Германската индустрија, особено автомобилската, полека започна да влегува во рецесија некаде во текот на летото 2019 година. Следуваа секторот на услугите и градежништвото. Избувнувањето на болеста предизвикана од новиот корона вирус во Вухан, областа Хубеи, Кина – значаен центар на индустријата за автомобили и автоделови од светски размери – уште кон крајот на јануари оваа година предизвика домино ефект низ синџирите за снабдување во светот и неминовно стигна и во нашата земја. Болеста ковид-19 значително ја забрза и ја продлабочи рецесијата која беше на повидок.

Рецесијата во глобалната економија, предизвикана од здравствената криза, пред економистите постави бројни прашања кои чекаат одговор. Ќе биде сериозна и подлабока од големата рецесија 2007–2009 година. Сепак, неизвесно е колку долго таа ќе трае пред да започне заздравувањето. Дали по остриот пад набрзо ќе следува силно заздравување на економиите во светот? Или, пак, борбата против новиот корона вирус ќе бара повеќекратни битки, распоредени во подолг временски период, кој би можел да трае и до две години. Кој ќе биде максимално можниот капацитет на ангажирање на производствените капацитети во рамките на постепеното нормализирање на состојбите? Со која динамика би се зголемувал тој капацитет? Има уште многу прашања чиј одговор зависи од разните сценарија за предвидување на развојот на настаните во иднина.

Во продолжение ќе се осврнам на три клучни прашања за иднината на светската економија во контекстот на тековната глобална рецесија. Пандемијата со болеста ковид-19 ги откри ранливите точки на бројните национални, билатерални и мултилатерални механизми и аранжмани во светската економија. Прво, глобализацијата влегува во нова фаза кои некои ја нарекуваат деглобализација. Второ, потребата од социјална раздалеченост заради спречување на ширење на новиот корона вирус ја забрза дигитализацијата во многу области од животот и работата. Третото прашање е наметнато од повторното користење на ултра-експанзивна монетарна политика на главните централни банки во светот, особено Системот на федерални резерви во САД и Европската централна банка, кои обезбедија речиси неограничена ликвидност за нивните економии, која преку повеќе канали се прелева и во други делови од светот. Треба ли скоро да очекуваме забрзување на инфлацијата? Ниедно од овие прашања не е ново и поврзано единствено со новите околности предизвикани од пандемијата.

Глобализацијата содржи повеќе елементи: прекуграничен проток на стоки, инвестиции, податоци, идеи, технологија, но и луѓе, вклучително работници, туристи и студенти. Овој процес својот процут го доживеа по Втората светска војна. Индексот на трговска отвореност порасна од 10,1 % во 1945 година на 61,1 % во 2008 година. По глобалната криза настапи забавување на глобализацијата. Во 2017 година индексот на трговска отвореност се спушти на 53,5 %. До скоро, ниските царини и стабилните трговски правила во рамките на СТО, вкучително преференцијалните трговски договори и механизмот за решавање спорови, беа централниот стожер на мултилатералниот трговски систем.

Но, светот се промени. Трговската војна меѓу САД и Кина им претходеше на рестрикциите за извоз на медицинска опрема и материјали и земјоделски производи воведени како резултат на пандемијата. Се затворија границите меѓу земјите. Претходно САД во 2018 година воведоа царини за увозот на алуминиум и челик под изговор дека станувало збор за заштита на националната безбедност. Стана неизвесно за бизнисите дали и понатаму можат да сметаат на правилата за одвивање на меѓународната трговија воспоставени во рамките на СТО, особено откако престана да функционира механизмот за решавање спорови. Настапи растечки протекционизам, затворање на економиите во себе и реална можност за свртување на процесот на глобализација.

Не се очекува излегување од контрола на инфлацијата и покрај ултраекспанзивната монетарна политика на централните банки, слично како во периодот по големата рецесија 2007–2009 година. Напротив, депресираната економија и зголемената невработеност може да доведат до дефлација. Единствена закана на долг рок ќе претставува драстично зголемениот јавен долг

Со пандемијата на површина исплива зависноста на водечките економии во светот од Кина. Околу една четвртина од инпутите што се користат во извозот на стоки произведени со високи технологии (фармацевтски и хемиски производи, машински производи, моторни возила и друга транспортна опрема) во САД, Јапонија, Јужна Кореја и Мексико доаѓаат од Кина. Деведесет проценти од личната заштитна опрема на пазарите во ЕУ е од увоз – хируршки ракавици од Малезија, заштитни маски од Јапонија и др. Јапонија увезува 60 % од компонентите за антибиотици од Кина, а Германија, Италија и Франција – околу 40 %. Порасна свеста за намалување на зависноста и потпирање на сопствено производство во иднина. Актуелната криза ѝ зададе тежок удар на глобалната трговија. Според проценките на СТО, во 2020 година таа би се намалила за 13 % при оптимистичко и дури 32 % при песимистичко сценарио.

Сепак, станува збор за забавување и времено свртување на глоблизацијата, а не нејзино напуштање. Локалната концентрација на процесите исто така е неотпорна на шокови. На пр., корејската компанија Самсунг новите модели паметни телефони ги произведува дома, во близина на градот Даегу, кој беше ценар на епидемијата со ковид-19. Кон крајот на февруари, откако болеста се појави меѓу работниците, Самсунг ја затвори фабриката на неколку дена и дел од производството го пренесе во Виетнам.

Дигиталната инфраструктура е клучна во обезбедувањето континуитет во активностите на бизнисите, јавната администрација и образованието. Многумина сугерираат дека мерките за претпазливост го турнаа напред за неколку години процесот на дигитализацијата во многу сфери од општеството. Светот бележи значителен пораст во електронската трговија. Годишниот пораст на бројот на онлајн нарачки до средината на април во САД, Западна Европа и Азија изнесувал меѓу 80 % и 90 %. Стравот од здравствените ризици предизвика значително зголемен број од популацијата да го користи овој канал за продажба. Доаѓа до промена на навиките на потрошувачите и зголемување на довербата за онлајн пазарувањето.

Понатаму, компаниите и јавната администрација спроведуваат нов начин на работење од дома и одржување состаноци со помош на софтвер за дигитални конференции. Позитивните искуства за ефикасноста и продуктивноста, како и брзиот степен на приспособување наметнаа дискусии во бизнис-заедниците како би изгледалa новата нормала. Се дискутираат различни модели на хибридна работа кои би подразбирале работниците почесто да работат од дома. Големите приватни и јавни институции ги разгледуваат можностите за рационализација на скапиот и обемен канцелариски простор со кој располагаат кој, исто така, подразбира и високи трошоци за одржување.

Забрзаната дигитализација врши притисок за забрзано носење регулативи од страна на владите кои ќе ја овозможат трансформацијата. Европската Унија месецов ги забрза дискусиите за напредокот на новите директиви кои ќе имаат цел воведување јасни и практични рамки меѓу земјите членки во врска со новите телекомуникациски инфраструктури, споделувањето податоци и дигиталниот идентитет. Овие директиви дополнително ќе ја подобрат дигиталната инфраструктура и ќе го отворат патот за повисоко ниво на искористеност на можностите на интернетот не само во онлајн продажбата и работењето од дома, но и во производството преку забрзана употреба на напредни технологии како виртуелната реалност и 3Д-печатењето.
На крајот, не се очекува излегување од контрола на инфлацијата и покрај ултраекспанзивната монетарна политика на централните банки, слично како во периодот по големата рецесија 2007–2009 година. Напротив, депресираната економија и зголемената невработеност може да доведат до дефлација. Единствена закана на долг рок ќе претставува драстично зголемениот јавен долг.

(Економија и бизнис, електронско издание, мај 2020г.)

ПРЕПОРАЧАНО